GAME OF THRONES
(или за тоа: Што ни се случува!?)
Да се напише колумна е исклучително напорна работа. Низ илјада зборови, толку, плус - минус, содржи една колумна, да објасниш одредени општествени процеси бара големо интелектуално умеење. Секако, доколку не пишуваш за дневнополитичките, срцепарателни искажувања на нашиот политички естаблишмент.Kолку се загрижени за државата, нејзините поданици, борбата со корупцијата, организираниот криминал…
Најмалку посакувам оваа колумна да се разбере како „Упатство за користење“ на претходните колумни. За експлицитно искажување на нештата, со цел да се разбереме, потребно е да користиме поими кои ги разбираме и го знаеме нивното значење (науката вели: појмовно определување).
Основна причина за оваа колумна се токму големиот број на прашања, создадени можеби поради недоволната експлицитност, кои прашања ги добив во однос на предходните три колумни. Од „Точка на бифуркација“ преку „Индулгенција за Јустиција“ до „Песна за лузерот“, пишував за одредени општествени процеси кои се одвиваат задскриени зад параванот на дневнополитичките тривијални настани, кои имаат за цел да го сокријат фундаменталниот процес - „тивкиот државен удар“. Процесот кој во моментов се одвива, поточно се наоѓа во завршна фаза одкако започна пред пет години, и доколку успее ќе нанесе немерлива штета по иднината на државата. Станува збор за процес кој целосно е насочен кон враќање на власт на владејачката (комунистичка) номенклатура од пред 1991г., воспоставување на авторитарен режим по урнек на социјалистичко – комунистичкиот до 1991г. и поништување на демократските процеси и демократијата како основа на државниот домострој.
Две децении оваа номенклатура камелеонски се поставуваше во однос на општествените процеси. Невидливо се движеше, внимавајќи да не предизвика внимание во јавноста и биде стигматизирана како „комуњари“.
Искористувајќи го периодот на владеењето на СДС, во првата декада од „плурализмот“, здушно подржани од ВМРО-ДПМНЕ преку „генијалниот“ потег на Љубчо Георгиевски самоиницијативно, во круцијалните години на оформување на државата, да ја повлече партијата од активниот парламентарен живот, глумејќи вонпарламентарна опозиција (класичен оксиморонски израз). Од оваа временска дистанца јасно се гледа дека тоа било само дел од договореното сценарио, а не плод на неискуство, националромантизам или патриотизмот Љубчов. Поточно тоа беше првата голема измама на граѓаните на Македонија и првата политичка корупција. Втората голема измама и политичка корупција е онаа која, од доаѓањето на чело на ВМРО-ДПМНЕ, ја реализира Христијан Мицкоски.
Имено, во овој период, првата декада, старата комунистичка елита ги подели меѓу себе односно ги заграби индустриските и финансиски капацитети и, преку ноќ, се престори во финансиски моќна буржоазија. Во текот на наредните две децении, оваа комунистичка номенклатура, постепено ја облекуваше лажната одежда на демократи и, како дволичен Јанус, се инфилтрираше во новосоздадените политички партии, поставувајќи се во улога на апологет (нај ревносен бранител) на демократските и плуралистички процеси во Македонија. Оваа мимикрија беше дел од стратегијата да се стабилизираат и позиционираат, чекајки го моментот за повратниот удар на „империјата“.
Борбата која се одвива пред нашите очи малкумина можат да ја согледаат, дури и оние кои се дел од самата војна немаат јасна представа кој им е противникот, со кого и за што се борат (совршена манипулација). Станува збор за судир помеѓу лажните демократи и, за потребите на колумната би ги нарекол, вистинските слободоумни демократи. Лажните демократи се всушност наследниците на комунистичката номенклатура, која процени дека е дојдено времето државата целосно да се покори. „Црвениот оркестар“ започна да го свири својот „милозвучен евергрин“. Едноставно дојде времето за децата на „децата на комунизмот“ да ги заземат своите, од бога дадени, општествени позиции.
Устројството кое треба да го воспостават во државата, овие „внуци на комунизмот“, е апсолутизмот, она што, барем така мислевме, заврши во 1991 г. Моќта и стратегијата која ја имаат псевдодемократите, добра општествена поставеност, неисцрпен извор на финансии, организирана корупција и неморал (каде морал кај неверници, атеисти), скоро сигурно им гарантира победа над наивните слободоумни демократи, кои како Прометеј единствено имаат топло срце.
Одкако го превзедоа целото национално богатство, „Црвениот хипокрит“ тивко незабележливо се вовлече во новосоздадените партии и со несебична меѓусебна подршка, низ флоскулата „способните не се менуваат“ ги зазедоа политичките врвови, безбедносниот и медиумскиот простор, дојде време да се заокружи владеењето односно да се киднапира државата. За ова им беше потребна судската власт, цело е кога имаш се, без судска власт под нивна контрола, може да им се случат изненадувања. Замислете некој од слободоумните Прометеови демократи, кого не можат да го контролираат, „не дај боже“ дојде на власт и бесплатно го дари огнот на народот. Катастрофа, целосно фијаско! Може да се загрози 70 годишниот контролиран политички процес, во кој добро се знае „кој коси, кој вода носи“, патем јавно промовиран на последното СДС собирање. Карневалскиот костум на најнадежниот иден политикант на СДС, Градоначалникот на Струмица, не е наивна карневалска игра туку напротив сериозна порака во контекст на возобновување на комунистичкиот апсолутизам и автократија. Од овие причини нивните (СДС) деца треба да ја заземат сусдката власт. Секое дете учи и се угледува на неговиот родител, така што изненадувањата се сведени на минимум, нема изненадување со неконтролирани судски истраги или пресуди. Дополнително, родителите сеуште се во завидна интелектуална моќ за да ги контролираат и им „помагаат“ на своите чеда. Не дај боже некој да застрани и ја „пресече крушката“!
Во периодот од пет години, кој следи, нема да се променат старите комунистички судии, обвинители и адвокати, за тоа време младите „фиданки“ ќе втасаат и доволно ќе се развијат, за да продолжат таму каде застанале нивните родитеели. Токму наредните 5-10 години им се доволни, на старата комунистичка номенклатура, да ја реализираат целта и државата ја стават целосно под нивна контрола и во нивна сопственост.
За да се реализира овој процес, замислен кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години, од минатиот век, беше потребно да се создаде „софтверот на Рашковски“ и волшебната негова способност да го одвои каколот од зрното, копилето од чистокрвното „наше дете“. Тој ја одигра круцијалната улога во реализација на комунистичко-олигархиската кауза. Процес на нивно враќање на власт! Најочебиен, ноторен факт кој целосно го разоткрива овој бескруполозен, мизантропски, анормален и неморален комунистички заговор е списокот на избрани судии и обвинители во последните четири години. Како и на оние примени на Академијата за судии и обвинители, кои ќе заседнат идната година на ветените места. Доколку внимателно го погледнето списокот ќе видите само наследници на комунистички судии, обвинители и адвокати, кои секако функционирањето на судството го разбираат единствено како политички апарат кој е „во функција на партијата и нејзината монолитност“. Доколку случајно најдете некој кој не го исполнува овој критериум, не брзајте со заклучокот. Сеуште е рано да си прошепотите дека „исклучоците го потврдуваат правилото“. Во нивната стратегија не се дозволени грешки, нема исклучоци, прво проверете да не е некоја намерна, или поради брак, замена на презиме или пак станува збор за наследник на „проверен партиски другар“ подкрепено со непобитно „Ариевско уверение“. Единствениот спас, од оваа наезда на комунистички рековалесценти е брза промена, која требаше да се случи вчера, на моменталната политичка номенклатура и да се сопре процесот. Доколку успееме само да го сторнираме овој процес, на реституција на комунистичкиот автократизам, постојат некакви шанси Македонија да се стори држава. Доколку не се спротивставиме на овој процес за Македонија нема иднина. Верувам сега на многумина им е јасно зошто запомагам и на цел глас вриштам за прорускиот активизам на нашите властелини и опозиционери, криминал, корупција, непотизам, јавни/тајни неприродни коалиции...Завршија сите приказни! Дојде „Време разделно“! Време кога дојдовме до точката на бифуркација кое бара да и дадеме индулгенција на Јустиција и овозможиме птиците да си умрат пеејќи го шлагерот - „Песна за лузерот“!
Дедо Герасиме, пак сакаш нешто да ми кажеш.
Внучко, јас продолжувам да ги цртам моите кругови, но едно прашање не ми излегува од глава - Кој ли тоа оди во аптека да бара лек против Црвени Кмери?
На денот на Св. Преподобен Лав епископ Катански (во Првата недела од Великиот пост, Недела на Православието)
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comentarios