top of page

Измамнички позајмици

(или за тоа: како постојано се измамуваат македонските граѓани)


Долго време пишувам, зборувам, викам како глас во нашата политикантска пустина, укажувајќи ви драги мои дека оваа позициско-опозициска банда со здружени сили ни ја одзема нашата Македонија. Ја одзема на сите нас, на сите народи, а на прво место на мнозинскиот македонски народ, кои ја сочинуваме современата европска македонска нација. Во тоа одземање се користат со меѓусебно измамничко позајмување на пратеници, на гласови, на предлози во собранието, на измислени нивни меѓусебни конфликти, при тоа се повеќе доведувајќи ги граѓаните во потполна збунетост и недоверба кон сопствената држава која божем тие ја претставуваат.

И замислете, ни приредуваат неколку дневен шоу програм за забава на плебсот, при тоа, Мицкоски ни објаснува дека некој тоа „имагинарен душманин“ сака да го подели народот со дезинформации. Па најголем дезинформатор, душманин, разделувач на единството на ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ, но и сите македонски граѓани, дефакторизатор на нашата политичка партија и измамник си само ти Христијан. Да, само ти и никој друг.

Е сега, заштитниците на ликот и не-делото на Мицкоски веднаш ќе ме нападнат за тоа дека „одработувам“ за Ковачевски и СДС криминално, затоа што него не го напаѓам.

Драги полтрони и клиентелисти на Мицика, мора да ве разочарам. Ковачевски (во јавноста познат како ќурка) е претседател на СДС криминално и премиер на пропадната и неспособна влада која на власт се одржува токму поради погрешните политики на Мицкоски. Токму од него и неговото криминално СДС, како и од неговата влада не очекувам ништо добро за Македонија. Тие тоа го докажаа многу пати и постојано го докажуваат.

Но, да не е Мицкоски и неговото раководство со нивната договорна политика на измамии меѓусебно позајмување на гума за спасување, неспособната и криминална СДС и Ковачевски одамна ќе беа заминати во историјата и на престој на топол оброк три пати на ден (што би рекол еден наш новинар). Ете затоа, за најголем виновник за состојбата во која се наоѓа Македонија го сметам Мицкоски и неговото раководство во ВМРО-ДПМНЕ.

Последните случувања се токму по незнам кој пат потврда на ставовите кои ги изнесувам јавно последните две години, а и поради кои случувања се создаде и работи Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ. Потенцирам, ДЕМОКРАТИЗАЦИЈА која ќе доведе до РЕВИТАЛИЗАЦИЈА на нашата партија која во последните пет години свесно и намерно е уништувана од страна на Мицкоски со цел потполно да биде дефакторизирана и на крајот згасната. Со што ќе биде поразена и македонската национална и државотворна идеја.

Па така, драги мои сограѓани, посебно сопартијци, запрашајте се како е возможно токму пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да не бидат на седницата на која треба да се стави на дневен ред Законот за амнестија на осудените од 27-ми април. Не се фаќајте на измамата дека 44 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ставиле потпис на предлогот овој Закон да се внесе во собраниска процедура. Ставаа пратеници свои потписи на многу „документи“, но знаете како се вели, „хартија трпи сѐ“. Ставија потписи и на нотарски гаранции, па ќе гласаат за уставни измени и тоа повторно „некои осуммина“, иако Мицкоски се обидува да биде сигурен дека нема да се случат уставни промени, а ова со Законот за амнестија е само една мала показна вежба, да се види до каде сме и да се подготви народецот наш за следните гласања. Кога ќе се подзаборави оваа случка со Законот за амнестија, за едно месец-два, се ќе се заврши.

Не е проблем да се завршат уставните измени, нашиот став како Фракција во однос на внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е јасен и јавен. Проблем е измамничката позајмица која Мицкоски ја прави од интерес на Ковачевски и СДС криминално. Имено, иако Мицкоски божем ги брани осудените од 27-ми април, божем се бори против Ковачевски, божем ги брани македонските национални интереси преку задоцнет национализам и шовинизам кон бугарското малцинство во Македонија, тој всушност математички прецизно како би рекол самиот, суптилно, а што би рекол народот наш подофијски, се повеќе и повеќе ги доведува граѓаните, особено македонскиот народ во апатична состојба. Тоа е целта на измамите и меѓусебните позајмувања пратеници и изјави помеѓу раководствата на СДС криминално и ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните посебно македонскиот народ да бидат во постојана разочараност, апатија и недоверба кон сопствената држава, но пред се и кон сопствениот државотворен и интелектуален капацитет, а особено да бидат недоверливи кон секој кој во иднина би се појавил со нова про Македонска идеја. Тоа го прават намерно, со здружени сили за да во создадениот општествен амбиент на пропадната и нефункционална држава можат со здружени сили да си крадат и да не си одговараат за криминалот.

Не му е грижа на Мицкоски за единството на македонскиот народ, а ниту за граѓанска Македонија. Нему му е грижа за тоа како да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ од каде преку измами кон граѓаните, а особено кон членовите на партијата црпи моќ да глуми „лидер“ кој таа моќ ја употребува за остварување на сопствените лукративни цели преку позајмици (должничко-доверителски односи) кон СДС криминално.

Затоа потполно видливо, особено последниве неколку дена на јавна сцена гледавме измамнички позајмици на божем шпионски афери, политички препукувања и слично, а се со цел да се спроведе вежбата за позајмица за уставни промени, наречена „гласање за Закон за амнестија“. Многу перфидно смислено, за да се види и процени евентуалното ниво и жестината на реакцијата на граѓаните и можноста да после реализираните уставни измени Мицкоски преживее на чело на ВМРО-ДПМНЕ без поголеми турбуленции врз неговата позиција. Потоа разочараноста од политикантството на Мицкоски да го плати партијата со апстиненција на гласачите, а што ќе му овозможи на СДС криминално да остане на власт.

Многу е едноставно и се гледа што би се рекло од авион. Затоа неколку дена се занимававме со надзорот на изградбата на автопатиштата, за чија изградба од страна на Бехтел и Енке преку Закон во Собранието гласаше и ВМРО-ДПМНЕ, при што, не се занимававме со суштинските криминални и финансиски случувања при определувањето на фирмите за надзор, туку се занимававме со божемни шпионски афери. Потоа повторно по три стотини осумдесет и петти пат во последниве 14 месеци Мицкоски побара предвремени избори предлагајќи и против законита постапка за нивно спроведување, а претставувајќи ја како добра волја. Тоа покажува за каков политички, демократски и чесен капацитет се работи, и во најава е препознатлив модел како оваа лице под маска би ја практикувало власта. Нѐ подобро од сегашната криминално-неспособна власт на Ковачевски. На таа широкограда понуда, пардон позајмица, Ковачевски со задоволство реагираше со возвратна позајмица преку расказот (метафора) за внукот му Никола. На тоа пак, Мицкоски ја возврати позајмицата глумејќи загрижен почитувач на семејните вредности. Веќе следниот ден ја видовме вистинската цел на овие измами со позајмувања. Се случи вежбата на позајмување пратеници.

Сега, пред сѐ драги мои сопартијци, но и сите вие како граѓани на Македонија, запрашајте се: „Дали заслужуваме да не лажат и мамат секојдневно за да се богатат на нашиот грб“?

За да престанат измамите и позајмиците кои директно нанесуваат штета на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, правејќи го истоветно како СДС криминално, решението е едноставно. Време е отворено да го кренете вашиот глас, да не шепотите по кулоари, пишувате на ФБ и се повлекувате од партиската активност очекувајќи некој друг да ви помогне и да ја среди партијата. Мицкоски и оваа раководство тоа нема да го направат и затоа силата е во сите нас, членовите на партијата. Придружете се отворено на работата на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ. Така многу брзо и ефикасно ќе ги спречиме измамите, позајмувањата, дефакторизацијата и уништувањето на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Да ја направиме ВМРО-ДПМНЕ обединета, демократска, витална и победничка партија, да излеземе од должничко-доверителските обврски на Мицкоски и раководството на партијата кон СДС криминално, со што ќе престанат измамите и позајмиците за кои сметката ја плаќаме сите ние, а некои како страдалниците од 27-ми април и повеќе.

Дедо Герасиме, наслушнувам дека нешто сакаш да ми кажеш.

Внучко, беше тоа во она време кога со братството живеев во Египет. Едно утро ме разбуди страотен рик на животинска болка. Пред портите на манастирот лежеше лав и болно рикаше. Се прекрстив и му пријдов. Во ногата имаше трн и штом го извадив, престанаа болките на лавот. Од тогаш започна да живее со мене и никогаш, се до моето заминување од Египет, не ме напушти. Поради ова, додуша и поради многу други нешта, луѓето ме прозваа Преподобен Свети Герасим.


На денот на 42-ца маченици во Амореја, Во третата недела од Великиот пост – Крстопоклона


На твојот крст се поклонувам Господи и Светото Воскресение твое го Славам!


Вонреден професор д-р Оливер Андонов




Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page