top of page

XXXL (18+)



Сношти сонив страшен сон, можеби повеќе грозен, но перверзен секако... и тоа на празничен ден. Лошо, многу лошо предвестие за некое зло! Мојата маленкост и Грамадната персона, Бардот на македонската опозиција, неговата Висост Мицика, онака по тренерки со бели ролки, како што би рекле пост постмодернистите „кежуал“, на софра.

Прегрнати, со малигани во нас доволни за три доживотни забрани за управување на моторно возилo, егзалтирани во оргијастична атмосфера. Околу нас зурли, тапани, музика каква што само може да се посака, турбо фолк пуштен на најјако, кловнови за забава, „трбушен плес“, пир на кој би завидел и самиот Нерон. Ех... да бев поет, какво ли стихотворение ќе напишев. Лидериштето, со застаклени очи и проблем со фиксација на погледот, се наслонува на мене и шепоти – „Гледаш колку е убаво да си лидер и претседател на партија, со неколку напамет научени реченици, нешто околу народот, поле, нива, натпревар, права и како бавча ги работиш сите. А ти? Ти си запнал упорно против мене да пишуваш! Види го ова, каков добар клуб, сите ѕидови, па дури и таванот, се бојадисани со ликови на поп ѕвезди. Ти би го нарекол ова хедонизам, но кој ти дава забава без пари! Освести се, кој ќе ти верува, кој ќе те чита“!

Во миг исчезнаа малиганите и почнувам да ги распознавам фигурите на ѕидовите, Херувимите и Серафимите од срам ги покриле лицата. Спроти нас ја препознавам веќе намрштената во ликот, фигура на Архангел Михаил, чиниш секој миг ќе го фрли огнениот меч кон нас. Благиот и жалосен поглед на Свети Атанасиј е исполнет со солзи. Светите браќа Свети Кирил и Свети Методиј ја затвориле книгата и погледот го свртеле во далечината...

Вознемирен, се разбудив. Што ли значи овој сон, што ли претскажува? Побрзав да го најдам стариот соновник, покриен со прашина, поцрнет, со мрсни корици и понекоја размачкана буква. Реликвија останата во мојата фамилија, наследство на пра-баба Велика „воен плен“ на пра-дедо Јон од некоја војна за распарчување на Македонија. Некои страни недостасуваат, тоа пра-баба Велика како надалеку позната бајачка дур до ќустендилската околија, користела некои страни за бајачки, клетви, нафрљотини, натресотини и против малери. Во зависност од тоа за кого се однесувала магијата со тревки и остатоци на мртви животни палела и лист од соновникот, каде што се споменувала личноста на кого треба да му се фрли клетва. Така страната која ја барав, Лидер – претседател на партија – владетел, недостасуваше. Имајќи пред вид колку владетели поминале низ Македонија и не беше чудо што бараната страна ја немаше.

Всушност, кога си помислам и не е некој проблем да го протолкувам сонот, многу потешко ми е да го протолкуваме јавето!

Во еден момент се најдов помеѓу сонот и јавето, чиниш сум влетал во некоја вселенска црна дупка и се изместил просторот и времето. „Апел за спас на Босна и Херцеговина“, подписници: Богич Богичевиќ, Стипе Месиќ и Васил Тупурковски, се изгубив во времето, повторно во грозните 90-ти. Но, глеј чудо, не можам да поверувам, информацијата е ововременска, повторно се јавуваат сеништата од минатото. Познатиот трговец со македонските реликвии, Васил Тупурковски – Циле, повторно е на сцена. Модната икона на Мицика „џемпер политичар“ и негов политички идол по префиксот „Г-дин процент“, повторно намирисал некоја мрша или некој центар му ветил богата награда. Сеќавањето на оваа опскурна личност го вознемирува секој Македонец тој е страшниот вирус кој го предизвика карциномот кој денес болно го чувствуваме, со, за жал, многу мали изгледи да го преживееме. Пуленот на кланот Папандреу „успеа“ на неколку пати да ја продава препродава Македонија. Прво беше промената на знамето од Кутлеш, потоа најсмешниот акроним кој било кога имала некоја земја – БЈРМ, па следуваше „Конфедерација“ Македонија-Грција и за сето тоа беше добро награден. Врвот секако беше кога го покажа вистинското лице на Минхаузен и милјардата за Тајван. Тогаш за прв пат разбравме за „мистер провизија“ и тоа од само 3%, во превод 30 милиони долари, Минхаузен без „срам и перде“ јавно ја призна провизијата, правдајќи се дека тоа било светска бизнис практика, но тој со тие пари ќе изградел спортски сали низ цела Македонија. Сите лаги на „омилениот младинец на Тито“ ги чувствуваме до денес, политичкото недоносче Заев е продолжение на оваа мизерна политичка и физичка кретаура. За да се појави Заев требаше да се исполнат условите кои ги постави Тупурковски, корупција на највисоко ниво, проневерени (најдрски кражби) на над една милјарда и шестотини милиони долари (наградата од Тајван и продажбата на Телеком. Се сеќава некој на лицето Ден Дончев и неговата улога во телекомот, а и од времето на Заев?). До ден-денес македонскиот народ - македонските граѓани го отплаќаат кредитот од Тајван, и сеуште ги броиме жртвите од војната, која некои политичари еуфемистички ја нарекуваа „меѓунационален судир“. Обид да се избришат спомените од меморијата на Македонецот, војната која им ја наметнаа оние кои само една година пред тоа, беа прифатени со леб и сол кога бегаа од своите огништа. Сето ова „благодарение“ на политичкото слепило, или можеби со намера, на господин Тупурковски и екскурзијата „признавање на Тајван“. Всушност, овој лик, која и не заслужува многу простор, е еталон за македонски политичар, алчен, лукративен хедонист, кому ништо не му е свето, освен секако неговата банковна сметка во странство наполнета врз конто на македонскиот „Пиреј“. Но, истовремено и експлицитен пример за „клетвата на Патрикот“!

Така, господине Тупурковски, во вашата кариера упативте доволно Апели за спас на Југославија – пропадна Југославија, за спас на Македонија – пропаднавме. Оставете ги на мира Босанците, можеби без вашиот Апел и ќе преживеат. Грицкајте си ја вашата огромна пензија, поткрепена од сите можни провизии кои ги зедовте, пред се, на грбот на македонскиот народ. Навистина нема потреба да го препотврдувате и зацврстувате вашето име на буништето на македонската историја, бидете среќни доколку се провлечете низ некоја фуснота.

Околу последните, истовремено и први денови на Владата на „РСМ“, како времето да застанало. Врз основ на јавните и инсајдерски поговарања, духот на ЗЗ, како „Фантомот во операта“, продолжува да царува низ ходниците и катакомбите, плашејќи ги вработените во зградата на Илинденска. Глупостите на Заев, кои наводно завршија со награда од 500 евра, внимавајте линеарно за сите вработени во ова зграда синоним за насилие и трговија со националните реликвии, продолжуваат. Но, тоа за некоја следна колумна, во оваа прилика ќе го споменам само предлогот за промена на Законот за пензионирање, всушност само ќе го споменам, бидејќи такви небулози, од респект кон Вас драги мои читатели, не би можел да коментирам.

Затоа, ќе се задржам на една од сказните на дедо Герасим, од времето кога другарувал со Ото Фон Бизмарк – „Внучко, седејќи во една минхенска пивница, мезејќи колбаси и пиејќи црно швапско пиво, му велам јас на Бизмарк: Отофоне, така го викав по нашки, да знаеш како се прават колбаси и закони, никогаш не би ставил колбас во уста“!


Во триесет и третата седница по Педесетница (на денот на Преподобен Македониј Сириски)


Вонреден професор д-р Андонов Оливер



Recent Posts

See All

Ф К Македонија

Можеби за многумина чудно ќе звучи, но за моето маало, одкако постои, квинтесенција е маалскиот фудбалски клуб „Македонија“, како би...

Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page