top of page

Ф К Македонија

Можеби за многумина чудно ќе звучи, но за моето маало, одкако постои, квинтесенција е маалскиот фудбалски клуб „Македонија“, како би рекле „учените“ „Raison d ѐtre“ за нашето маало. За ФК „Македонија“ се напишани илјадници томови, и уште барем толку се необјавена, а уште повеќе ненапишана, историја. Се споменува во најстарите светски записи за фудбалската игра, од санскритските веди преку библијата до „Веда словена“. Наспротив тоа што денес ФК „Македонија“ не игра во ниту една фудбалска лига. Впрочем како и нашето маало, темно, нечисто, со калдрмени улици, каде што царува криминал и корупција, заборавено од сите.

ФК „Македонија“ во историјата имала и светли моменти. Сеуште се пренесуваат, од колено на колено, приказните за најдобриот од најдобрите, славниот Александар. Фантастичниот голгетер и капитен на тимот, кој успеал да заигра дури и со фудбалски клубови од Индија во светска лига. Промовирајќи ја една од првите стратегии на клубот, т.н. „подковица на Букефал“. Многу наши фудбалски ведети играле за светски познатите клубови, поточно ни ги зедоа. На Марко, славниот топџија специјалист за слободни удари, од респект му дадовме прекар Крал. Најдобрата полутка Гоце, по десната страна, со додавања и фудбалски мајстории невидени до ден денес, ни го презедоа. Додуше потоа го вратија, но во ковчег. Денес, пред секој важен натпревар, а такви се сѐ помалку, нашиот тим оди да се поклони пред неговиот гроб. Најпознатото лево крило, толку беше добар што му дадоа прекар, другите не Ние, по најпознатото лево крило во светот „Хомер“. Но, и него како и неговиот син, кој исто така беше добар фудбалер, ни ги зедоа да играат во други фудбалски истории.

Имавме и исклучителни директори на клубот, еден меѓу најдобрите беше „Стариот“, така го викаа од почит иако името му беше Тодор. „Стариот“, како добар стратег, разговараше и преговараше со сите меѓународни фудбалски федерации, беше спремен да направи „сојуз и со црниот натемаго“ само ФК „Македонија“ да заигра во евро лигата. Навистина беше безмилостен кон фудбалерите, велат ги измачувал на тренинзите до смрт, но бил праведен. Но, и него го зедоа предавниците! Го убија додека лежел на една од најпознатите ледини во нашето маало, мечтаејќи ФК „Македонија“ да биде европски шампион. Многу други надежни фудбалери од нашето маало, заминаа во други маала каде имаа завидна кариера, некои како фудбалери а други и како Претседатели на најпознатите клубови. Преселбата е континуитет до наши дни, со пасоши од другите маала заминуваат да играат во мали, но европски клубови.

Причина за ова беа воспоставените стратегии на ФК „Македонија“, освен „букефаловата подковица“, посебно беа признати стратегиите „жонглирање со две топки“, подоцна еуфемистички ја нарекоа „македонски начин на пукање со два пиштола“. Оваа стратегија стана позната бидејќи нашите фудбалери ја промовираа низ најпознатите европски престолнини. Третата стратегија ја нарековме „адска машина“, основно беше гол да постигнат оние невидливите, од вториот тим, истата доби светска промоција на еден натпревар во солунското пристаниште.

Меморијата за историјата на ФК „Македонија“ се чуваше низ разговорите на старците додека седеа во клубската кафеана, која одвајкаде ја држеше Дедо Герасим. Тој пак постојано го потенцираше нашето влијание на создавањето на новите олимписки игри. Наводно тоа се беше случило во времето кога држел „бурекчилница“ на „Ролан Гарос“ и се дружел со Де Кубертен. Едно утро, Дедо Герасим, само што ги поставил на тезгата топлите баници со урда, урда и јајца, штавел, кога ете ти го замислен со наведната глава Де Кубертен. Петре, каде одиш? – му подвикнал Дедо Герасим. Де Кубертен ја подигнал главата ги видел белата, жолта и зелена баница и подскокнал од среќа. Еурека! Така биле создадени првите три круга како лого за Олимпијада, подоцна додале уште два, колку да го избришат македонецот Герасим од меморијата. Нешто што нам на Македонците постојано ни се случува, но понекогаш и ние самите имаме слаба меморија, што би рекле некои „две секунди како златна рипка“.

Според старците проклетствот на нашиот клуб било фрлено многу одамна. Велат дека тоа се случила по еден наместен натпревар на Беласица пред илјада години. Надпреварот бил наместен и сме изгубиле 1000 : 1, ајде што сме изгубиле туку и целиот тим бил повреден (многу сериозно), велат дека се случило најголемото предавство во светската фудбалска историја. Од тогаш наваму никако да ни тргне! Илјада години клубот бил превземан од разно разни управи, номинирани од другите маала. Кој како доаѓал внесувал нови правила на игра, менувал име на клуб, боја на дресови, грб, навивачка химна, наметнувал негови играчи и така до пред триесетина години.

Прво што се случи, одкако си го превзедовме клубот, беше формирање на разни навивачки групи кои, по примерот на белосветските тимови, си создадоа свои обележја дури и имиња, да звучат светски, „Лавови“, „Орли“,„Ѕвезди“, „Трендафили“ ... Уште тогаш, старците од нашето маало почнаа да вртат со главите насетувајќи зло, посебно кога ги поделија трибините по страните на светот, секој зазеде своја страна. Кој север, кој исток кој запад, а некој и југ, правдајќи се дека така било низ цел свет. За фалангата, најверните навивачи на ФК „Македонија“ немаше место на трибините. Тогаш, бојот започна!

Се грабаа кој ќе го зазеде клубот, ветуваа светла иднина, барем едно светско првенство. Но, клубот само тонеше! Веќе се наѕираа и темелите од трибините, а касата на клубот беше се попразна. Всушност доцна разбравме дека не се бореле за ФК „Македонија“, туку за клубската каса. Паралелно со празнењето на касата договарале и продажба на клубот или барем промена на името, грбот, навивачката химна, знамето и боите на дресот.

Така едни дојдоа и го сменија името на клубот, привремено, но траеше десетлетија, потоа го сменија знамето како услов да заиграме во светската лига, што никогаш не се случи. Потоа дојдоа други кои ветуваа многу. Стадионот го реновираа по урнек на Великиот Александар, на многумина им се допадна тоа. Ставија убави канделабри и нова фасада на управната зграда, додуша стиропорна, но убаво изгледаше - современо. Поради овие активности не им забележувавме што цело семејство се распосла и ја „цедеше“ касата на клубот. Подоцна, кога се обзнанија завршните сметки, сите останавме без зборови. Краделе и лажеле како ќе стигнале, дури и скапите бои за дресовите, демек флуоросцентни па ќе сме уштеделе на ноќно осветлување, биле обичен поликолор.

Од тогаш вљубениците во ФК „Македонија“ се зарекоа веќе никогаш да не дозволат со клубот да управува една „фамилија“. Но, како вели нашиот народ „Ѓаволот ни ора ни копа - никогаш не спие“. Претходната фамилија ја заменивме со нова, по прикриена, но затоа далеку по грамзлива од предходната и како новина и злобна кон клубот. Ајде што клубската каса ја испразнија до минус, ајде што беа глупи, нецивилизирани и им се подсмеваа сите светски маала, туку го продадоа и името на клубот, ставајќи префикс по страната од трибината каде беа сместени нивните навивачи – Северна. Бевме слепи, требаше веднаш да ни биде јасно, штом доаѓаат од местото каде се фрли клетвата на ФК „Македонија“- Беласица, дека такво нешто и ќе ни се случи. Пред, „фамилијата“ од под Беласица, да ја промени химната на навивачите, бојата на дресовите, грбот и националниот идентитет на играчите, постепено почнавме да го превземаме клубот. Тргнавме од, светски познатиот бренд, „Стар лисец“ и стасавме до „кумановска ќурка“, овој ги задржа старите играчи на „фамилијата“, што не навестува ништо добро да се случи.

Навивачите се во грч кога тоа „розенкројцерите“ и „Орлите“ ќе го напуштат клубот и повторно ќе се преземе, но овој пат од „Фалангата“ која треба, конечно, да добие свое место на трибините. Преку глава ни е УО на ФК „Македонија“ да е заземен од разни конјуктурни сојузи, заедници на деструктивни интереси, „фамилии“, „племенски сојузи“, „мафијашки кланови“, неистомисленици и губитници. Доста беше ФК „Македонија“ да биде поделена на БУДАЛИ и ОНИЕ КОИ ГИ ТРПАТ. Време е да ги закачиме на старите дрвени врати од стадионот, како оној своеглав германец Мартин Лутер, Нашите 95 тези кои треба ФК „Македонија“ конечно да ја внесат во европскиот шампионат и да заигра меѓународни натпревари. Впрочем, Даскалот Гоце за тоа одамна глаголеше.

Можеби одговорот на Дедо Герасим за проблемите на ФК „Македонија“ е најточен: „Внучко, додека си седевме со Бонапарта во салата на огледалата во Версај, пиејќи француски коњак, го прашувам: „Добро бе Наполеончо, така го викав од милост, беше две глави понизок од мене, зошто ние Македонците имаме толку проблеми, никако држава да направиме“? – а, тој воздивна, се опули нагоре за да може да ме погледне в очи и рече: „Ех Герасиме, географијата е проклета, таа е детерминанта која ја одредува судбината на народите!“


Во неделата на блудниот син (првата подготвителна недела пред Големиот пост)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Recent Posts

See All

XXXL (18+)

Сношти сонив страшен сон, можеби повеќе грозен, но перверзен секако... и тоа на празничен ден. Лошо, многу лошо предвестие за некое зло!...

Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page