top of page

Анахронизам и полтронство

(или за тоа кој е луд, кој збунет, а кој со деменција)


Оваа влада на Македонија е шампион во полтронство. Едноставно е неверојатно колку се подготвени да се понижат себеси, но и сите нас, нашата Македонија (тоа им доаѓа како договорен пакет понижување). При очигледен анахрон, брутален и вулгарен национал-шовинизам од страна на Бугарија (нејзината влада која е умрена работа и политикантските кругови во Бугарија кои се подготвуваат за четврти избори во две години), а со цел личен политички спас, овие „нашиве“ уште потпомагаат целиот овој вулгарен и анахрон театар да изгледа како да е со наша согласност. Е па сигурно не ѐ со согласност на македонскиот народ, со согласност е исклучиво на полтронската и неспособна влада потпомогната од божемната опозиција.

Најпрво треба да се запрашаме: „Зошто ние и дозволуваме на Бугарија, и таму каде што не мора тоа да го правиме, да покажува надмоќ и да се изживува над нас“? Тука нема друг одговор освен дека нашето МНР (Влада) ниту сака, ниту има волја да заземе став, туку се сѐ сведува на едноставно однесување дефинирано како: „ајде само нека помине па ќе видиме“.

Сигурно ќе се запрашате зошто почнав од „нашата влада“, а не се зафатив со бугарската влада и политика? Затоа што оваа влада (впрочем како и претходната) се виновни за состојбата во која се наоѓаме. Затоа што се што направија и прават го прават со една цел, а тоа е сопствено политичко преживување при изразена неспособност и безидејност како да се средат состојбите во државата кои се клучни за нормално функционирање и на крајот и преживување.

Така драги мои, одамна ја утврдивме неспособноста, арамилакот и анационалноста на СДС криминално, кое сега дури и покажува висок степен на полтронизам кон други држави. Затоа нема да ви пишувам за будалаштина во содржината на „унилатералната изјава“ која оваа влада ја има дадено во врска со македонскиот јазик. Едноставно не што се полтрони, неграмотни, туку се и до тој степен суетни поради што не сакаат ниту да се консултираат со македонистите, научната јавност во врска со формулацијата на изјавата. Ете токму тоа е долгогодишниот проблем на нашата Македонија, неписмени, необразовани кретени, подлизурковци кои самите си ги избираме (не прелажуваат) да ја водат татковината Македонија, се замислуваат себеси како најпаметни и семоќни штом успеале да дојдат на тоа место. Во тој миг на себе глорификација и занес на моќност не им е баш гајле за националните интереси и угледот на татковината, поважно им е да си создадат лични врски и секако богатство. Токму тие и такви имаат вродена навика секаде и секому да му се потпикуваат заради личен лукративен интерес и токму затоа имаме така широка лепеза на креатури во политиката кои ја доведоа државата до овде.

Морам да кажам дека очекував барем во врска со изјавата дека ќе се консултираат со академската и стручната јавност, бидејќи се знаеше што може да се очекува од бугарската страна, па соодветно на тоа и нашата реакција треба да биде потполно иста во најмала рака. Но, повторно јас со мојот непоправлив оптимизам се измамив во моите очекувања.

Сепак не сакам да ви зборувам за оваа иако во основа насловот на колумната е втемелен токму на анахронизмот на Бугарија и полтронството на Ковачевски (Владата) и неспособноста на божемната опозиција. Сакам да ви зборувам за нашето кратко паметење во светло на овие настани, а кое кратко паметење е токму онаа моторна сила која постојано и постојано ги придвижува наназад процесите во Македонија и никако да станеме современа и стабилна држава па се расправаме со бугарскиот шовинизам како да сме во 19-от век. Недостасува уште со оружје да се пресметаме и да се биде потаман според балканскиот терктип на однесување.

Многу ме загрижува тоа паметење од три секунди, многу ме загрижува дури и безобразлукот на некои медиуми кои буквално рециклираат никакви лица да глумат патриотизам. Едноставно, како може во јавноста да се појавува и уште да дава „патриотски“ решенија лицето кое се отповикува на Никола Димитров. Кој тоа прави експеримент врз нас како народ, како општество? Дали ние сме глупи, збунети, луди, со деменција и имаме некоја колективна психолошка фалинка? Како воопшто некој може и да помисли да го покани во емисија-во јавност овој лик и да ни зборува за дипломатија, за зачувување на националните интереси, за цврста позиција, за навремени проценки и предвидувања во дипломатијата итн? Токму ова е најголемиот индикатор на состојбата во која се наоѓа општеството и самите ние во него, кога лик како овој, кој го потпиша Преспанскиот договор, кој го „испреговара“ Договорот за добрососедство со Бугарија и го потпиша Протоколот од првата меѓувладина комисија со која самиот тој раководеше и по пат презеде еден куп обврски кои допрва ќе ги дознаваме и ќе ги исполнуваме, сега одеднаш се трансформира во патриотски лик и уште згора на сѐ и умен па ние од неговата мудрост треба да учиме. Ужас!

Но, тоа и го заслужуваме, кога и самата таканаречена опозиција го глорифицира оној кој е соучесник со родоначалникот (оксиморонот Заев) на понижувањето на Македонија. Патем таа глорификација (политичка употреба) на лицето Н.Д. од страна на опозицијата преку медиумите под нејзина контрола покажува колку раководството на ВМРО-ДПМНЕ е безидејно или пак не сака сериозно да ја урне владата на СДС криминално.

Гледајќи дека власта е таква каква што е и се бори да преживее ден за ден поради што многу суптилно ни го одзема вниманието и игра на картата на кратко паметење, не очекувајќи ништо од неа, единствено уште понижувања, се сѐ свртува кон опозицијата. Ах, опозицијата. Ех, да имавме опозиција. Одамна тоа ех, ви го објаснив, но за наша жал времињата се сѐ потешки, а ние никако да имаме организирана, јасна и разумна опозиција или наједноставно, политички грамотна и неуценета.

Така доаѓаме повторно до клучниот проблем на македонското општество и зошто се наоѓаме во оваа состојба. Па поради глумењето опозиција преку која улога Мицкоски се чува себеси и сопствениот капитал, а во исто време раководството на ВМРО-ДПМНЕ е клиентелистичко и полтронско во очекување дека за малку па ќе ги сменат улогите со СДС криминално и ќе може малку и тие да јавнат на грбот на народот. Што би рекол легендарниот Шоиќ (Гутовац): „Хоќу да вас јашем, бар два мандата“.

Кога ќе се водиш од таа приземна желба, тогаш идејата за Македонија, стабилна држава на македонската нација (сите граѓани), богата држава во која ќе владее правото и ќе се спроведуваат законите е неостварлива цел на која се придодава божемната заштита на националните интереси. Па така Мицкоски откако ја издиша енергијата на граѓаните на петнаесет дневни бесполезни протести на кој гледавме театарски претстави во кои некој требаше да го убива (инаку Цуфи Кока е дома и веројатно веќе го раскажал целото сценарио кое му било дадено), а имавме само колатерална штета за обичните Македонци кои со чисто срце излегоа на протестот, сега ќе собираме потписи за референдум.

Аман бе Христијане, ајде измисли нешто ново во политичкиот театар кој го играш на штета на Македонија, македонскиот народ и македонската нација. Нели собираше потписи за референдум за пописот? Тогаш ти пишував дека треба да работиш на мобилизација на Македонците во Републиката и дијаспората да се попишеме масовно, но ти верглаше нешто друго во соработка со драгиот ти Апасиев и направијата „бојкот“ ја применивте на наша штета по втор пат. Сега пак сакаш да не дупиш во здрав мозок. Па впрочем идејата за референдум не е твоја ниту на некој од клиентелистичкото ти раководство, затоа и не знаеш за што треба да се организира референдум. Но, еве да кажеме дека ќе те научат и ќе ти ја објаснат целта на референдумот и ќе ти го кажат и референдумското прашање па така пак ќе испаднеш божем паметен.

Мене ме интересира дали имаш намера по објавувањето на референдумското прашање (за кое знам како треба да гласи и кое е единствено логично и целисходно, но сигурен сум дека ти не знаеш), истото тоа референдумско прашање да го образложиш. Не семантички да објаснуваш што значат зборовите, туку директно, најдиректно, отворено и без задршка на македонската нација да и објасниш какви последици политички и општествени ќе предизвика успешниот референдум, а какви неуспешниот. Не последици како обврски на Собранието и владата, туку последици врз Македонија на меѓународен и внатрешен план. Оттука следствено ќе мора да ја изложиш и твојата замисла, план, програма како ќе се справиме со тие последици без да се криеш зад „волјата на граѓаните“.

Тоа се нарекува проценка, предвидување, рано предупредување на ризици и закани и планирање при донесување на одлуки, а за што ти се потребни што повеќе точни информации за да можеш да влезеш во играта (ова е класична теорија на игра во меѓународни односи). Од мене толку во однос на стручноста и академската препорака, бидејќи знам дека ниту ова нема да го разбереш.

Потребно е со граѓаните да зборуваме на еден отворен начин за да им биде јасно во каква состојба ќе влезе Македонија по евентуален референдум секако доколку на истиот се постави соодветното прашање кое ќе има реална политичка моќ, но и ќе носи обврски и последици по државата, а за што е неопходно да се има проценка за идните случување и план за делување.

Несомнено дека првото и базично што ќе мора да го направиме за нашата Македонија е да ја уредиме државата внатре, односно да владее правото и да се спроведува законот. Оттука започнува зацврстувањето на државата и нацијата како современа цивилизирана нација отпорна на секакви притисоци особено анахрони балкански шовинистички тенденции на било кој од соседите. Состојбата во која се наоѓаме во моментов, со разните криминални, измамнички афери врз граѓаните поради кои во нормални држави владата би била веќе падната, а највисоки државни функционери би биле под истрага незаштитени од своите позиции, само укажува на тоа дека поради нашата корумпирана и компромитирана политикантска „елита“ секоја политикантска будала од соседството и пошироко ќе може да си поигрува со Македонија и со сите нас.

Кога сме веќе кај аферите и паѓањето на владата, еве уште едно прашање до Мицкоски: „Зошто нема сериозна, напоменувам сериозна реакција и акција од ВМРО-ДПМНЕ и од тебе лично за афери од огромен маштаб како што е случајот Жан Митрев“? Само повторно да напоменам, ова е афера поради која треба-мора да падне владата на СДС криминално и нема потреба од „сериозни“ филозофски реторики во стилот „кога ќе дојдеме ние ќе видите убаво“. Или веројатно работата е не таласај и ние ќе испливаме, а токму за тоа зборувам постојано, за криминалната поврзаност на политикантите на власт и божем опозиција и онеспособувањето на државата Македонија да спроведува закон и владее право, што станува јасно видливо за граѓаните при вакви случаи-афери.

Вака како што ја тераш Христијан, по се изгледа на ИК на пијано се носат одлуки. Прашање е дали партијата ќе се опорави од твоето претседателствување. Но, ти си знаеш, а и ние си знаеме!!!

Внучко. Ти се јавувам од Мирцштег, нешто барам за „Падарските реформи“. Како 21-ви век, по се што се случува во Македонија, едвај да излеговме од 19-от. Во право беше Џинот кога велеше: „девет педи слепота в Македонија“. А, читајќи те тебе разбирам за што глаголеше, мојот драг пријател, Венко Андоновски во „Папокот“ – „не може да биде ништо друго туку терор на провинцијалната потпросечност врз се што е индивидуално и што мисли со своја глава“.

Внучко, да завршам со Мирцешките реформи и еве ме пак во Македонија. Ќе треба да се подготвиме за Версај?


На денот на Св.45 маченици Никополски во Ерменија


Вонреден професор д-р Оливер Андонов




Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page