top of page

Апатија

(или за тоа што ја убива Македонската нација)


Оваа кратка пред колумна ќе продолжи со ре-објавувањето на колумната со наслов „СРАМ“ која е објавена во средината на Мај 2021 година.

Впрочем, срамот кој секојдневно го доживуваме како народ и нација од нашите политиканти во изминативе пет години, резултира со општа апатија . Апатија и умртвеност на националното тело, потполна неспособност на институциите на системот (дали веќе и постои државен систем?), проследени со евтин политикантски ПР кој божем треба да ги убеди граѓаните дека некој нешто работи. Нероновата максима за леб, игри и крв со што народот – плебсот ќе биде задоволен, нашиве ПР надри-мајстори ја разбрале многу простачки и секојдневно гледаме и слушаме енормен број на глупости, кои верувам дека никој повеќе не ги ниту регистрира. Додека од една страна СДС-криминално се обидува да докаже колку е проевропско и работливо, додека во исто време се обидува да го покрие сопствениот криминал и обидот за згрижување на своите обвинители во уставен суд, ВМРО-ДПМНЕ сеуште не забавува со дребности околу референдумот кој самиот Мицкоски не сака да го одржи, пумпа квази патриотизам и со „најголема сериозност“ ни најавува ексклузивни глупости во времетраење од две и пол минути.

Македонија тоне, не постои државен систем, не се спроведуваат законите, не владее правото, но забавата е на највисоко ниво и од двете страни кои се нели спротивставени. Забавата за народот во кој уште понекој партиски бот или заглупен поединец кој сеуште се надева дека нешто ќе добие сеејќи примитивизам и вулгарности на социјалните мрежи, аплаудира на будалаштините на политикантите. Поголемиот дел од нацијата е во тешка апатија и безизлезност. Апатија и безизлезност што дури и високи функционери (поранешни и актуелни) од ВМРО-ДПМНЕ не верувајќи му на Мицкоски (секако за доверба кон Ковачевски не станува ниту збор) не гледаат излез, но веројатно им недостасува и храброст да се спротивстават на апатијата и безизлезноста. И тоа не е поради немање пари, Научиле Македонецот, Албанецот, Турчинот, Влавот, Ромот, Србинот и сите останати на оваа парче земја Македонија да живеат скромно и тешко. Сите се во апатија исклучиво затоа што не гледаат дека некој од политикантските елити има капацитет да тргне напред, да спроведе вистински реформи, да гарантира безбедност, сигурност, економски напредок барем со сантиметри, да го спроведува законот. Не гледа народецот наш излез од безизлезот и затоа е во апатија.

Покрај се и над се, во оваа апатија нашите луѓе се срамат да кажат дека се од Македонија, се срамат за да не бидат на потсмев, на изругување. А, зошто? Па токму затоа што имаме криминални, корумпирани и компромитирани политикантски елити, кои пак се претставуваат за некои „значајни“ ликови. Всушност не вредат ништо, шупливи се, само маските им стојат. Сите тие ја примија матрицата на Заев да бидат лица под илјада маски, но без капацитет, визија, идеја, чесност и идеал, првенствено идеал за Македонија.

Ете затоа драги мои читатели, во продолжение прочитајте ја ре-објавата на мојата колумна „СРАМ“.

Време е за промени, за вистински личности со интегритет кои ќе ја вратат надежта и иднината во Македонија. Што би рекле, време е за мажи во политиката со јасна идеја и визија за Македонија, за сите нас, пред дефинитивно апатијата и срамот да не убијат како нација, но уште повеќе и како личности.


На денот на споменот на чудата на Св.Архангел Михаил


Вонреден професор д-р Оливер Андонов


Срам


Тешки времиња! Не дека некогаш било лесно! Тешко беше во времињата на големата Источна криза, времињата илинденски, братоубиствените балкански и други војни, преселбите и прогнанствата од родните огништа, заточеништвото во Фезан и занданите. Тешко беше на Грамушта (Грамос), сеуште одекнува плачот на децата бегалци и лелекот на Македонските мајки, тешко беше... Впрочем, не без причина нашето знаме се исткаja од алови и црни нитки во основата! Да, низ нашата историја единствената константа е чемер и јад! Низ тој чемер, јад и борба се создаде нацијата, Македонскиот народ и Македонската нација.

Ден-денес не се менува ништо, вивисекцијата, која ја спроведуваат властодршците со сесрдна асистенција на опозицијата, врз кревкото Македонско тело е болна и траорна. Но, денес, наспроти минатото, не боли толку болката од операцијата врз свесното општествено тело колку што боли срамот. Срамот да се биде Македонец, да Ти се подсмеваат в лице за малоумноста и инфантилноста на твоите политички „репрезенти“. Срамот од „демократскиот“ избор на оние кои ја водат Македонија и срамот од нашата (не)способност за кадарен избор пред минатите и идни генерации.

Срам ми е од неимарите на Mакедонскиот идентитет кои заминаа во подобриот свет, членови на Божествената Македонска академија.

Се срамам од Ганевите „Претходниците на Мисирков“, што да им одговорам, од неговите „Горчливи голтки непремолк“ и „Фуснотата без повод“. Денес гледам со отворени очи дека имало повод за фуснотата, особено за „неродениот Македонец“ и споменикот на нашиот срам.

Срам ми е од Петре и неговите „Последни селани“ и неговиот „Пиреј“. Се срамам зошто му ја нагрдивме неговата прекрасна „Дениција“, оневозможувајќи му да „учествува во создавањето на првата Mакедонска држава“, додека ја љуби.

Срам пред „Мечта на еден старец“ и неговиот „Сердарот“, Mакедонскиот Хомер. Kако, со кој образ да ги препрочитам оплакувањето на неговата мајка Македонката Неда? Се срамам и од Китинчев кој ја опеа прекрасната Деспина, ќерка Прличева, но ја опеа и проколна „курвата Вавилонска“.

Срам ми е од Шоповите „Очи“ постојано нурнувајќи „Во тишина“ каде го закопувам она што ме „притиска и пече“. Се срамам од Рациновите „Бели мугри“. Наутро се плашам од неговите „Копачите“, додека „Се к’ти ноќта црна, се рути карпа-мрак“, но никако петли да запеат в село, она ограбено, осиромашено и опустошено село. Дури и од оној „Црвен Хипокрит“ на Божин Павловски се срамам.

Срам ми е од громадниот Блаже Конески кој така мудро глаголеше и не подучуваше: „Големо ни е името-ќе сакаат да ни го одземат“. Ништо не научивме, само ја потврдивме нашата инфатилност. Веројатно, затоа и татни со подземен екот Тешкото. Се надевам дека ќе остане барем жив потулен в око, како искра која еден ден ќе го измие срамот.

Се срамам од Апостолот, кому престанавме да му се поклонуваме поради псевдополитиканство на „политичка коректност“, а неговата мисла за „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ денес е поактуелна од колку било кога, светилник, ориентир на светската цивилизација.

Се срамам од Галичанецот Ѓоргија Пулевски, немам образ да ја отворам неговата „Македонска песнарка“. Се срамам и од дедо Марко Цепенков, Жинзифов, Миладиновци. „Т’га за југ“ само ја препознаваме како количество на малигани!

Срам ми е од Ѓемиџиите, Илинденците, од оние Стојанхристовите „Херои или Убијци“ и „Комитаџиите“ на Албер Лондр. Се срамам да застанам и пред славниот Александров „Стариот“ кој склучуваше „договор и со (ѓаволот), само и само Македонија да ја види слободна и обединета“.

Срам ми е да помислам како го пропуштивме и оној „стар балкански пијан автобус“ на Старделов кој, онака без возен ред, „кружи низ Македонија во балканската темна ноќ како некое сениште“.

Се срамам пред предците, но уште поголем е срамот пред неродените!

Се срамам...

Да, овде никогаш и не било друго освен едно те исто, но малку поинаку. Па затоа поетот и ќе напише: „Ако на светот му треба една Голгота, тоа е Европа, ако на Голготата и треба еден крст тоа е МАКЕДОНИЈА“.

Секогаш или отсекогаш во Македонија се живеело тешко, со страдања и борба, со непокор и никулец на светлина во окото Македонско, со вера и надеж во Бога.

Но, никогаш посрамотно не се живеело во оваа „Долина на плачот“.

Срам ми е во оваа држава да се наречам човек, не пак МАКЕДОНЕЦ.


Христос воскресе!


Во втората недела по Пасха (Недела на Мироносиците)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов




Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page