Божествена македонска академија
Гледам и едноставно неможам да поверувам. Слушам, преслушувам и повторно неможам да поверувам. Ние во 21-от век повторно расправаме кој за кого е, а при тоа во таа наша поделба постојано ги вмешуваме нашите предци, одамна претставени пред Бога и членови на божествената македонска академија. Во тие бесплодни расправии, кои повеќе личат на натпреварување на неграмотните во нивната неграмотност, преовладува лаицизмот. Како да се обединиме околу нашата мајка Македонија кога и во историјата, благодарение на лаицизмот, сме разделени?
И ајде сега, па да напишам колумна која ќе биде безвремена, можеби саркастична или хумористична. Веројатно на овие состојби во Македонија најмногу ќе одговара најприземна колумна со која ќе ги задоволам потребите на партиските ботови и клиентелисти-полтрони за да можат да ја презентираат и докажат нивната „лојалност“ кон големите неграмотни им партиски „лидери“. Никако да започнам па тоа е.
Што е Внучко, што си вознемирен? Сабота е, Недела се спрема, а ти колумна немаш.
Ах бре, дедо Герасиме, знаеш дека умот ми е растргнат од обврските и повторно патувам заради остварување на целите и идеите наши Македонски, но те очекувам тебе, и еве те тука си, не ме оставаш ти мене во нашата борба за Македонија и покрај моите дилеми за тоа дали колумната да биде приземно разбирлива или пак безвремена.
Доцнам, но кога ќе слушнеш што ми се случи, верувам ќе ми простиш и ќе дозволиш оваа колумна од почеток до крај да ја напишам. Поточно ти пишувај, јас ќе ти глаголам!
Си седам така, пред некој ден, и гледам телевизија, некој од многуте македонски канали, кога еве ти го овој т.н. Премиер нешто зборува, но никако да го разберам што сака да каже. Бегајќи од него свртев на друг канал, нејсе Марфи е безмилосен, таму „лидерот“ на опозицијата онака елегантно облечен, со нова џелетка, ги споил врвовите на прстите од рацете и нешто кажува замумулено, загугулено се напрегнувам да разберам, но ... И тогаш се случи, потонав, влегов во четвртата димензија – времето, се втурнав низ оној тунел на безвременоста. Докторите имаат научно толкување и таа состојба ја нарекуваат клиничка смрт, за мене сепак тоа е патот низ безвремението, повикот на предходниците – прататковците.
Одеднаш се најдов во Пантеонот на Македонската Божествена Академија, огромна просторија крајот не и се догледува, по ѕидовите насликани фрагменти од сите македонски војни и битки, од Херонеа до денес, а во неа сите. Да внучко, таму горе сите се заедно и леви и десни, светители, херои, жртви, атентатори, поети, писатели, војводи, партизани и тоа, внимавај, од трите дела на Македонија, да внучко таму е цела не е поделена. Што се чудиш, ми вели Александар Сане Грличков, Ви реков дека сите треба да не соберете во македонската историја, ете гледаш овде сите сме заедно, но доле...Нозете ми се стресоа, каде и да погледнам се некои погледи со прекор, намрштени лица. Побарав милост кај светите отци Кирил, Методиј, Наум, Климент, Јоаким Осоговскиот, Прохор Пчињскиот, Гаврил Лесновскиот, Кипријан Слепчанскиот, Јоаникиј Ракотинскиот, кај митрополитите-архиепископите Арсениј, Гологанов, Доситеј, Ангелариј, но не успеав, собрани еден до друг само загрижено ме гледаа. Од друштвото атентатори Стив Наумов, Черноземски, Мара Бунева, Цицонков, Менча, Гемиџиите, се срамев и да побарам поддршка, а и тие не ме удостоија ниту со поглед, шепотеа нешто, веројатно некој нов комплот за спас на Македонија подготвуваа.
Додека се свестив ме седнаа пред Великиот Совет на Македонската Божествена Академија, во состав – Претседател, Александар синот на Филип од негова десна страна Стариот - Тодор Александров од левата пак Генералот Михајло Апостолски. Лути, што да ти кажам, чиниш молњи им излегуваат од очите и секој миг ќе ме пронижат.
Започна Александар, громогласен, како да го слушаш топотот на Букефал, коските ми се стресоа, Герасиме те создадовме многу одамна, далеку пред Французите да го создадат Сен Жармен, со мисија да ја штитиш македонската кауза, да го пренесуваш и чуваш, низ вековите, македонскиот код и памет. Што направивте Герасиме, Ви оставив империја чии граници се гледаа и од одовде, од божјото царство, сега не може човек да ве најде на светската карта. Најубавото македонското знаме, кое е исполнето со филозофска мисла создадено од, мојот драг учител, Аристотел македонецот, не само што го нагрдивте прецртувајќи го како обично сонце туку и целосно го отфрливте, заменувајќи го со вентилатор. Прости Александаре, се провикна Охмучевиќ, и грбот! Денови и ноќи со најпознатите хералдичари на Ватикан го нарисувавме, во време кога само Ватикан и европските кралеви имаа грб, Македонскиот грб со лав накитен со кралска круна. Во тоа време Вашите комшии имаа грб со коњска опашка. Но не, Вие си останавте доследни на соцреализмот и комунистичката хералдика. Кога веќе сме кај државните обележја би сакал и јас да кажам, се јави Владо Малески седнат меѓу Рацина и Ганета. Кој Ви дава за право најубавата, најпатриотската химна која со толку љубов ја напишав, да ја извитоперувате и бришете цели строфи, каде се авторските права. Сопствената химна се срамите гласно да ја пеете... и мене ме ретушираа, се придодаде Петре М. Андреевски. Зошто, бидејќи кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата македонска држава, Ви попречи љубовта кон Македонија. Ви реков, го слушнав благиот глас на Блаже, името Ви е големо ќе сакаат да Ви го земат, но не ми поверувавте.
Склучував договори со сите, започна Александров, точно е, реков дека ќе склучам и со самиот Велзевул (метафорично), само Македонија да ја видам слободна, обединета и самостојна. Но, Вие склучивте (реално) договори само со непријателите-ѓаволите на македонскиот народ. Успеавте да склучите договор со Мамон, што ви даде за право и фетусовата постелка на македонскиот народ да ја откраднете и уништите. Можеби сега ќе можат да ме разберат, еве го Глигоров, кога велев „еквидистанца“, но не, Вие влеговте во свингерај па сега...кој ќе го запали светлото.
Ѓерасимее! Тогаш го здогледав Стојан Христов, окружен со неговите „Херои или убијци“ – Ванчо Михајлов, Стојан Мишев, Мирче Кикиритков, Славчо Ковачев. Јас ја расчистив дилемата, ми вели, без црното нема да го препознаеме белото. Вистината е во колоритот и нијансите помеѓу црното и белото. Но оние доле т.н. интелектуалци, како оној твојот ФБ интелектуалец лидер на опозицијата, тоа никогаш нема да го разберат. Треба да се нурне длабоко, длабоко во времето за да се спознае колоритот на Македонското ослободително движење.
Грамадна фигура со долгата густа брада не можеш да не го забележиш, стариот штипски судија, војводата Мише Развигоров. Намуртен, ја наведна главата и потиштено ми рече – Ех Герасиме, да ги разберевте барем знаците од мојата надгробна плоча! Кога веќе ме осудивте на смрт, тргнувајќи го споменикот мој, тоа Ќосето зборува, зошто тогаш на постаментот не поставивте магаре како рика, магариња некои! До Ќосето седнати Чаулев и Карпош, само се подсмевнуваат. Изгубен во срам, тонам внучко, немам каде да се сокријам, канонади од сите страни, секое прашање нова рана отвара.
Седнат помеѓу купишта книги, задлабочен во средување на роднокрајната архива, библиотекарот, некогашниот Гарибалди на Бугарија, Арсениј Костенцев, без да ја подигне главата тивко, засрамено прошепоти. Разбрав, ама на крајот од животот! Требаше в’очи да ми каже Каравелов: „забрането е Македонци да се вработуваат во државната администрација“, за да ги видам сите мои заблуди, цел живот работев за туѓа кауза надевајќи се дека помагам на македонскиот народ. Кажи им на тие доле да немаат недоумица, човекот е човек само кога работи за својата, Нашата Македонска кауза.
Предавство, предавство, предавници се провикна стариот Цар Самоил, го гледам истоштен, скршен од болка. Предавство!- го подржа Ѓорче Петров, седнат помеѓу такото и синот Прличеви. Ајде што со предавство ме убивте, ќе ви простам и што низ историјата ме влечете како бонвиван, сладокусец и женскар, смирено прозбори Сарафов, наспроти тоа што знаете дека парите ги дадов на Гемиџиите, а не по сладок живот. Но за Илинден, без срам ме ретуширавте од илинденската епопеја, не можам да Ви простам, зошто се влечкавме по горите борејќи се со Османлиите, за денес да го празнувате со оние кои не предадоа, ветувајќи поддршка (сто илјади штикови), не потрошија за нивни интереси. А вториот Илинден, еве го Генералот Апостолски со остар поглед мислам ме пресече на половина, немате храброст ниту да го чествувате на вистинското место. Ординарни лузери, мангупи, изградивте „златно теле“ – Пелинце, за да има каде да одите, и тоа го испоганивте. Како не ви е срам Герасиме од ништо создадовме држава, Ние партизаните продолживме таму каде што застанаа војводите, за сега со неа, а и со сите Нас, да се мајтапите. Гоце застанат со Груев, Татарчев, Попарсов, Батанџиев, ги споил веѓите мирно ги мазни мустаќите со мек но остар глас, кој не трпи приговор вели – Наместо културен натпревар, како што ве советував да ширите низ светот, Вие ја дотолчивте македонската култура до непрепознавање, се „јадете“ меѓу себе, северното јаболко на раздорот без размислување го гризнавте, успеавте и со сите соседи да се скарате! Сите Ние тука, со мака подстана Поп Богомил, на разни начини ја внесувавме Македонија во светската историја, го задолживме светот постојано да не има во неговата историска памет. Реформацијата ја започнав од Македонија и целиот, како велат денес, демократски запад ја прифати. Македонија и македонскиот народ се историски предизвик на светската цивилизација. Но не, Вие ај што нашите богомили ги оставивте на други и се срамите да не спомнете барем во културолошки аспект, туку со „огромен напор“ успеавте да излезете од светската цивилизациска историја, ставајќи се рамо до рамо со примитивните племиња.
Источниот агол, внучко, некако беше посебно иритантен, затемнет, само трепет на свеќа, која чиниш в секој миг ќе згасне, ми се стори дека гледам силуета на некоја подгрбавена жена. Гласно го изговори моето име, искрено се исплашив, не дека цело време бев нешто многу храбар, но полека навлегувајќи во затемнетиот простор нозете ми се одзедоа. Тогаш видов старица забрадена во бела шамија и со затворени очи, ја препознав Баба Ванѓа. Синко, ми вели, нема да ти зборувам за минатото, овие 30 години се покажавте некадарни. Тешки премрежја поминавте Вие, мојот народ, во ерата на „зајакот“ и во оваа, ерата на „мајмуните“. Но не се грижи, веќе од пролет ќе навлезете во декадата на „Голубот“. Се сеќаваш, оној „Голуб“ кој на Ное му ја донесе радосната вест за крајот на потопот.
Изгубен внучко ми идеше џенем да фатам, прашања од сите страни, а јас немав одговор на ниту едно, само го молев Бога што побргу да излезам од клиничката смрт. Успеав, се вратив, но на што наидов. Македонија во клиничка смрт! Како инаку да го толкувам „тресењето зелени“ на инфантилниот премиер во врска со глобалните, регионални и локални политики. Овој пак твојот пријател, „лидерот“ на опозицијата, ај што нема срам од своето историско не знаење, туку напротив се фали со глорификување на својата неграмотност и не знаење за основните историски факти на македонската историографија.
Дефинитивно внучко Македонија е во клиничка смрт, јас преживеав но за неа не знам, „око ми се плаше – душа ми се тресе“!
Расказ од Дедо Герасим Македонски.
На денот на Св.33-ца Мелетински маченици
Запишал и превел од старомакедонски
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Komentarze