top of page

Визија за ВМРО

(или за тоа каде Мицкоски ја доведе партијата,

а каде треба да биде)


Почитувани сограѓани, особено мои сопартијци на кои е посветена оваа колумна, по објавувањето на делувањето на внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, останав должен да ви ја претставам мојата, а верувам и вашата визија за партијата. Секако дека оставив еден краток период во кои се слегнаа првичните реакции и впечатоци, но сега е време да го претставам мојот сон - визија за современа и успешна, десна национална (не националистичка) политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, партија за 21-от век, политичка партија во земја членка на НАТО и ЕУ.

За да може да се разбере визијата за ВМРО-ДПМНЕ за која се бори фракцијата и целите на демократизацијата и со тоа и ревитализацијата на партијата неопходно е да кажеме нешто во врска со тоа во каква состојба денес се наоѓа ВМРО-ДПМНЕ. Оваа состојба се должи пред сѐ на намерно лошото менаџирање со партијата од страна на Мицкоски кој доживува лични кризи, кои пак се рефлектираат врз партијата во облик на таканаречена „лидерска криза“. Едноставно, ВМРО-ДПМНЕ денес како никогаш порано, нема лидер. Во една од колумните напишав дека: ако првиот претседател на партијата го нарекуваа „војвода“, вториот „претседателе“, Мицкоски кај членството и јавноста остана запаметен како „мицко, мици, мицика“. Лична „трагедија“ на една неуспешна и во ветер не талентирано потрошена политичка кариера која не само лично на Мицкоски, туку уште повеќе на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија им приреди безброј порази. Порази кои покрај анти националната политика на СДС криминално и нивниот Заев, како негов соучесник на македонските граѓани им ги испорача и Мицкоски.

Во што се претвори ВМРО-ДПМНЕ или во каква состојба на внатрешен план е партијата?

1.Не постои креативност – креативен ум во партијата.

2.Забележлива е безидејност и се работи нешто само за да се каже дека божем се работи.

3.Партијата е заробена од криминално-бизнис структури.

4.Партијата е ставена во состојба на агонија, оставена без идеолошка основа, а заглавена во минатото.

5.Неспособност на Мицкоски и раководството партијата да ја прилагодат на современите услови, случувања и политичко-безбедносни предизвици во регионот.

6.Личната лидерска криза на Мицкоски во партијата генерира криза во целата партија.

7.Партијата е ставена во улога на агрегат на корупција и криминал раководен од Мицкоски.

8.Не се почитуваат Статутот и неговите одредби од страна на Мицкоски и не се знае по кој Статут функционира партијата. Дали по оној изменет од август 2020 или по оној што требаше да стапи на сила уште пред две години?

9.Актуелниот Статут кој Мицкоски го наметна, особено со последните измени во август 2020 година е генератор на недемократија во партијата и му дава можност на Мицкоски автократски да ја води партијата.

10.Одлуките се носат на дневна основа без претходно длабоки политички или други анализи и планови со определени цели.

11.Не постои внатрепартиска дебата, а уште помалку е искажан политички став на партијата по клучни национални и државни прашања.

12.Внатрешната организациона структура на партијата вклучително унииите, телата и органите на партијата се игнорираат или намерно деструираат од страна на Мицкоски.

Како резултат на оваа состојба ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ги согледа и последиците.

1.Општинските комитети во најголем дел се потполно пасивни, а и покрај тоа сепак се командувани од Мицкоски.

2.Погрешна кадровска политика која резултира со изразено полтронство и клиентелизам.

3.Негодување против Мицкоски и во самиот Извршен комитет, но во кулоари и зад грб, изразено малограѓанско и поданичко однесување.

4.Недостиг на политичка и човечка храброст и интегритет, но за жал и промоција и поттикнување на тие карактеристики како полезни за политичко опстојување во партијата.

5.Внатрепартиска корупција со плаќање на над 100 лица во партијата, од партиски пари, а пред се заради купување на лојалност кон Мицкоски.

6.Исплашено и апатично членство што како последица предизвикува затвореност на членството, особено во однос на здраво-разумското и креативно размислување.

7.Узурпирање на партијата, автократско владеење и корупција што пред јавноста ја компромитира партијата и ја прави неспособна за преземање на власта од криминалното СДС.

Ќе упатам една порака до сите вас мој сопартијци, членови на ВМРО-ДПМНЕ, а која ќе ве замолам секогаш да ја имате пред себе во вашиот ум и размисла за партијата.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е само еден од сите нас, тој самиот по себе не е ВМРО-ДПМНЕ, тој ја претставува партијата и е на нејзино чело затоа што сите ние треба да го избираме, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е непогрешлив, а со тоа и неговите политики и ставови не се догма, а приговорот на совеста против неговите погрешни и погубни политики не е акт насочен против ВМРО-ДПМНЕ“.

Оттука, секое несогласување со политичката (во нашиот случај со Мицкоски, неговата политикантска) активност на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, не е атак врз партијата и нејзиното единство, туку само и исклучиво борба за посилна и поединствена партија која со демократски принципи е сплотена околу вистинските нејзини идеолошки постулати и вредности.

Верувам дека ова сите го знаете и го чувствувате, но и дека ќе ме прашате: „Е што е лекот“? А лекот може да е и пет пари, но треба да се знае и го знаеме, а заздравувањето на ВМРО-ДПМНЕ треба да започне со заминување на Мицкоски од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Како и каде ја гледаме ВМРО-ДПМНЕ по заминувањето на Мицкоски?

1.Како демократизирана, современа, десна, национална, проевропска политичка партија на 21-от век.

2.Отворена партија за сите граѓани на Македонија кои ги прифаќаат идеите и вредностите на европската десница или народни партии.

3.ВМРО-ДПМНЕ кое самосвесно ќе ги прифати своите грешки во минатото (мислам на политички грешки) како емпириско искуство за иднината.

4.Партија која ќе се сообрази со новите и современи услови на политичко делување во современите политичко-безбедносни, економско-социјални други услови во регионот и пошироко.

5.Партија која принципиелно ќе се дистанцира од националистичка концепција, но силно ќе ја промовира националната и суверенистичка концепција на Македонија како граѓанска држава.

6.Партија која нема да биде агрегат на криминал и корупција, туку најпрво со оваа аномалија ќе расчисти во сопствените редови, а потоа со полна сила ќе расчисти и во државата.

7.Партија во која внатрешната политичка дебата и несогласувањето околу политичкото делување ќе биде нормална активност, особено кога треба да се донесат круцијални и стратешки решенија и ставови поврзани со Македонија.

8.Во ВМРО-ДПМНЕ да се почитува работата во партијата, пожртвуваноста, залагањето и капацитетноста на луѓето-членовите како дел од критериумите за кадровската политика.

9.Врз основ на капацитетноста на членството ВМРО-ДПМНЕ да создаде потенцијал за аналитичко работење при донесување на политички одлуки за дејствување на партијата на сите нивоа (локално и централно), а со цел да се избегне донесување на ad hoc дневно политички одлуки кои подоцна создаваат поголеми проблеми на партијата во политичкото делување.

10.ВМРО-ДПМНЕ со јасна политичка идеологија и про европска филозофија поддржана со јасна стратегија на партијата за следните десет години и визија за Македонија.

11.Согласно долгорочната стратегија на партијата и условите во кои се наоѓа ВМРО-ДПМНЕ и Македонија на краток рок да се утврдува-усогласува доктрината за делување и истата да се прилагодува кон целите на стратегијата и практичните услови.

12.Промена на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ со јасна цел да се избегне можноста за автократско владеење со партијата на било кој иден претседател и да се наметне принципот на одговорност на претседателот на партијата и Извршниот и Централниот комитет за погрешни или не делотворни политики и нивна смена.


Драги мои сопартијци, за ВМРО-ДПМНЕ не постои друг пат освен патот на демократизација на партијата, нејзино враќање кон изворните идеолошки вредности, но во исто време политичко и организационо осовременување за практично делување со утврдени правила на однесување и одговорности на партиските функционери, тела и органи. Сите ние имаме право да го избираме претседателот на партијата по принципот „еден член еден глас“, а улогата на делегатите на конгресот кои исто така би биле бирани од членството треба да биде програмско-техничка и особено во насока на контрола на работата на другите органи на партијата.

Секако дека за мојата визија – сонот за ВМРО-ДПМНЕ како стабилна партија која ќе ја спаси и заштити Македонија, можам да ви кажувам уште детали.

Сепак, да видиме дали Мицкоски и неговиот Извршен комитет ќе бидат барем малку доблесни кон членството и ќе направат чекор кон отворање на вратата за демократизација и ревитализација на партијата или затворени и самозадоволни ќе не однесат како партија во уште некои нови политички порази на штета на Македонија и дополнително де-факторизирајки ја ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила. Дали Мицкоски ќе продолжи и ќе ја засили апатија кај членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните и ќе продолжи агонијата на Македонија е исто така само негова лична одговорност пред партијата и државата денес, но и пред историјата веќе утре.

Повторно го повикувам Мицкоски да си замине од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да ја ослободи партијата од неговото непродуктивно и автократско владеење.

ВМРО-ДПМНЕ е национална и државотворна политичка партија и убеден сум дека ќе најде внатрешна сила за брза ревитализација, по што многу бргу ќе го победи СДС криминално.


Да живее ВМРО-ДПМНЕ!

Да живее Македонија!


На денот на Воздвижување на Светиот и чесен КРСТ – Крстовден


Вонреден професор д-р Оливер Андонов


П.С.На сите вас кои го носите името Крсто, Крстана, Ви го честитам именденот и ви посакувам чесниот крст Господов да ве закрилува.







Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page