top of page

ВИКТИМ

(или за односот на бремената девојка и оженетиот љубовник)


Виктимологијата (наука за жртвата) е дел од криминалистиката, а се повеќе станува и неизбежен дел од правните науки. Едноставно, утврдувањето на местото на жртвата (Виктим), и нејзините корелации со сторителот, во создавањето на состојбите и факторите за случување на кривичното дело, е непремостлив факт за донесување на праведна судска пресуда. Но, оваа сериозна наука, која е од исклучително значење во односот на правото и праведноста, ќе ја оставиме настрана бидејќи, предмет на денешната колумна е психопатологијата на псевдожртвата. Односно, да бидам појасен, за учеството на жртвата во политичките процеси во Македонија и на штета на Македонија.

Во многу мои досегашни колумни ја обработив оваа тема од аспект на реалната жртва – граѓанинот на Македонија и неговите трауми и последици од криминогената и насилничка „политичко-олигархиска елита“. Сепак, како посебен феномен кој се пројавува на македонската политичка сцена, поради што и мислам дека постои потреба истиот да се разгледа низ призмата на психоптологијата, е манипулативното поставување на политичарите како жртва на политичките процеси и на електоратот.

Поблиската историја ни даде многу такви примери, некои им донесоа политички бенефит на актерите, но некои не. Нештата започнаа со оној крик: „Не ме оставајте сам!“. Тоа беше во периодот на т.н. „македонска политичка пролет“ кога имавме две жртви, од другата страна беше онаа која се „налути“ заради криминалните избори па се повлече од политичкиот простор и четири години „глумеше“ вонпарламентарна опозиција, оставајќи државата да ја води антиелитата, идеолошки поразената политичка елита. Потоа повторно, очигледно како и за љубовта и војната, така и за политичката виктимизација се потребни двајца, се појавија две паралелни жртви едниот кој крвавеше од безбројните ножиња во неговиот грб (патем кажано денес ги гледа колку му биле блиски ножињата) и другиот кој, како божем на Бастилја, крвавеше од челото (секако во актерски занес за да уривајќи режим постави свој клептомански режим). Сентименталниот народ македонски, поради крвавото минато е посебно чувствителен на страдањата. Во целата своја историја тој секогаш учествувал како жртва, и „паѓа“ на фингираната жртва на политичарите кои, како би рекол народецот наш „за власт и пари ќе си ја продадат и родената мајка“ (а не продаде сите сосе име и презиме), не пак неколку капки крв од самоповредување на челото.

Токму по овој испробан и повеќе пати потврден политички рецепт тргна и „малото“ човече од „Големата шампита“, во слободно време лидер на опозицијата, по професија манипулант, лажов, страшливец, плачко и ЖРТВА. Можеби и немаше да одвојам време и простор, за оваа „persona incognita“, да не стануваше збор за личност која ја носи и академската тога. Имено, штетите од оваа персона по македонските политики ќе се надминат, но штетите кон студентите, иднината на Македонија, кои би требало за идоли да ги имаат своите професори кои ги учат на вистинските вредности, меѓу другото и со својот личен пример, ќе бидат долготрајни и ненадоместливи. Следејќи го медиумскиот простор во Македонија, одмна инфициран со вируси на placebo политичари, преполн со небулози на нашите политички елити плод на необразованост, неерудираност, простаклук и некултура, катаден се појавува и неговото величие „Крсто мали“, за да и ТОЈ го истакне сопственото незнаење и простаклук. За психопатологијата на „малите луѓе“ кои маѓепсани од својата божемна општествена големина, не дозволувајќи никој друг да се појави на јавната сцена за да не се случи, не дај боже, некој да го засени, ќе зборуваме посебно како симптом на „Едипов комплекс“. Така „Крсто мали“, во своето какафонично политичко делување, од лидер кој коленичеше пред народот македонски преку преторијанец на македонскиот идентитет, кој го бранеше со пацифистички методи на не давање отпор, еуфемистички наречено „бојкотирање“ (сега веќе и за тоа пишман), се реши да протне нова, веќе испробана метода, реши да стане ЖРТВА. После неколкуте изјави, интервјуа и што ли не, во кои Крстнце се обиде да даде свое видување, во стилот „трла баба ла...“ без конкретен став и мислење, за моменталните глобални геополитички и домашни општествено-политички и економски случувања, Крсте се реши да го извади џокерот од ракавот. Вклучувајќи се во општонационалниот страв за иднината и нашето лично и национално опстојување, Крсте ги покажа своите стравови, кои секако народецот наш треба да ги „голтне“ и да се загрижи за судбата на својот апологет (заштитник), Крсте обзнани: „Имам закани, сакаат да ме нема“. Додуше, за волја на вистината „Само вистина“, бројката на оние на кои од Крсте „наш“ им е „преку глава“ е огромна, како на членството на ВМРО-ДПМНЕ, така и на македонскиот народ. Но, Крсте е мудар, поентата на изјавата е во заканите, во оние мрачни сили кои му се закануваат на Крсте како фундамент на нашето постоење. Крсте е ЖРТВА, да се вклучиме во општонародната хајка, заштита на името и делото, против оние кои сакаат да „го тргнат“ Крстето наше, нашето вчера, денес и утре! Како што го создала природата, онака со наивен „бејби фејс“ лик и академски очила, секој ќе се сожали над судбата негова. Посебно кога станува збор за закани кон него од некои таму, сеуште непознати, мрачни „типови“ кои, во мрачните и студени зимски ноќи, го изнасилуваат Крстета.

Психопатологијата на жртвата, за која говорев во почетокот на текстот, многу малку е обработена од страна на виктимологијата како и во рамките на правото, но е од круцијално значење за спроведување на праведноста. Еклатантен пример, за психопатологијата на жртвата, е Крсте кој согледувајќи дека политичкиот простор ден-низ-ден му се стеснува, неговата „анаконда стратегија“ кон членството на партијата, да го задуши и маргинализира (да ја умртви ВМРО-ДПМНЕ) без можност за изборна победа, се сврте против него и тој се вплетка во прегратките на сопствената „анаконда стратегија“. Патот кон „Тукидитовата замка“ (неизбежноста на војувањето, во случајов сам против себе) го пронајде, иако очигледно долго размислувал тимот на „мудреци“ од неговото опкружување, во однос на придобивките му политички за глумењето ЖРТВА. Но, за жал по Крстета, оваа deja vu(веќе видена) политичка игра повеќе не го вознимирува плебсот. Впрочем на народот наш, историски веќе му е преку глава од слаби личности кои глумат жртви и ги распродаваат националните интереси грабајќи го народното азно. Народот бара да го предводат Големи мажи, победници, силни личности со сопствен став и визија за иднината. Одамна му е јасно на македонскиот народ, а би требало да му биде јасно и на „Крсте мали“, дека историјата ја пишуваат победниците, силните мажи. Како што вели Черчил: „Историјата кон мене ќе биде благонаклонета, бидејќи јас ја пишувам“. Жртвите се само колатерала и дел од статистичките податоци. Барањето алиби за политичката самоизолација, неспособност и политичка неинвентивност е „слаба карта“ за политичко опстојување на Крсте. Оваа детска игра, но повеќе моменталните геополитички состојби, на Крсте можат да му „купат“ само неколку месеци политичко опстојување. Нема Крсте да го тргнат некои таму мрачни сили, кои тој заради своето его ги посакува, Крсте ќе си замине како плод на сопствената неспособност која не кореспондира со барањата на денешното политичко и општествено милје. Едноставно Крсте не кореспондира со времето, нешто што веќе од поодамна му е јасно на секој член на ВМРО-ДПМНЕ (иако јавно сеуште не го експонираат), како и на секој набљудувач на македонските политички собитија. Но, можеби грешам, можеби ова е патот кој Крсте го одбрал за да се тргне од македонската политичка сцена, воедно за да го задоволи своето его ќе се тргне како ЖРТВА! Умен е „наш“ Крсте, умен!

Вака Внучко, си шетам еден убав сончев ден по Атина, ама онаа античката, со Диоген, оној од Синопа, и си разговараме. Да ти кажам прво ме навреди ми рече: „Герасиме тргни ми се од сонцето, застани од другата страна“! Подоцна разбрав дека тоа му го рекол и на Александар Македонски, веројатно тоа им го велел на сите Македонци. Впрочем и до ден денес им го задскриваме сонцето на Грците или ним така им се чини. Се шетаме по аеропагот, агората и пантеонот сред бел ден и глаголиме за дребни нешта аскетизмот, јунаштвото, цинизмот а тој упорно носи запалена свеќа. Не додржав го прашав - Добро бе Диле, така од милост го викав, зошто ја носиш таа свеќа среде бел ден? Го барам човекот!- ми вели. „Па, зошто не дојдеш во Македонија, да ни помогнеш, да го најдеме!?“


Во четвртата недела од Великиот пост (неделата на Св.Јован Лествичник)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов


Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page