top of page

Европска градина

(или: за македонскиот троскот)


Кога пред две недели Жозеп Борељ, Висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, зборуваше пред евродипломатите, за „Европската градина“, нејзината убавина од цвеќиња со раскошни бои и опојни мириси, како и безбедносните проблеми кои ги има, метафорично зборувајќи за црните, злокобни шуми кои ја опкружуваат. Не малку бев изненаден од реакциите на државите од блискиот и подалечен Исток, пред се Саудиска Арабија, ОАЕ, Иран, Русија... Нивните реакции, очигледно препознавајќи се во злокобните шуми, беа обвинување за ксенофобија, расизам, човекови права, навредени од словото на Борељ (секако во земјата Македонија, светлосни години далеку од Европа, ова никој не го забележа).

Во прв момент, да бидам искрен, и јас се почувствував навреден од европскиот „Градинар“. Како може да зборува за убавата „Европска градина“ кога во неа го нема најубавото, најмирисливото цвеќе – Македонија „китка шарена“? Поприлично време ми требаше да пребарувам во „подрумот“ на моето сеќавање, за да го пронајдам „Градинарот“ Борељ и ја разберам неговата метафора. „Сурфајќи“ низ сивите клетки го пронајдов „Градинарот“ на Рабидранат Тагоре, лектира од прва година средно општо образование. Останав зачуден колку ли тоа „некој“ бил мудар и проценил на кои вредности треба да го учи детето од 15 години. Доколку не можете да се присетите, на кратко: Тагоре пееше за двете птици и нивниот разговор, едната слободна а другата заробена во златен кафез. Додека првата ја убедуваше втората да излезе од кафезот и ја почуствува убавината на слободата, другата размислуваше дали, поради непрепознавањето и нејаснотијата на поимот „слобода“, треба да го напушти комфорот на кафезот каде има сигурно дрво на кое стои, редовна храна, не може да лета но тоа е цената на конформизмот. Така низ „Градинар“ на Тагоре ја разбрав метафората во говорот на Борељ односно неговото слово за „Европската градина“ и „црната шума“ која ја опкружува, слово за слободата и нејзината безбедност, слово за европските вредности и атакот врз нив.

Во секоја градина цвеќињата се поредени по некои точно утврдени правила: висина, боја, мирис, име, генеричко име, пе-ха вредност на почвата. Овде веќе се вратив во реалноста за македонската китка, каде ќе биде засадена. Според името не може, сеуште немаме дефинирано основно име (nome et prenome), не пак генеричко кое сеуште ламентира меѓу антиката и славјанството. Доколку кон ова се додадат и недефинираните бои и мириси, макар што нам, научени на таа миризба, ни се чини дека е опојна мислам дека за европските миризливи цветови таа е неподнослива реа. За пе-ха вредноста да не зборуваме, таа е далеку од тоа да биде дефинирана.

Впрочем, кога малку ќе се подзамислам, сите балкански цвеќиња исто мирисаат, поточно шират мирис на неподнослива реа. Но, да не се мешам во „туѓите дворови“, почитувајќи ги одредбите од дамнешниот „Вествалски договор“. Патем, сите војни на крајот завршуваат со повик за почитување на одредбите од овој договор. Така што и оваа, моментална, војна на крајот ќе заврши со повик да се почитуваат одредбите од договорот од Вествал од 1648 год. Во 21 век ќе се вклопиме во нешто кое било напишано пред четири века.

Но, да се вратам на „Европската градина“ и стандардите кои треба да се исполнат за да се биде дел од неа. Вообичаено балканските племенски водачи, а и Ние нивните поданици, за Европа се присетуваме кога бараме да ги користиме („цицаме“) нејзините фондови. Но не и кога треба да организираме држави во кои царува слободата, човековите права, економски развој, спротивставување на корупцијата, криминалот, владеење на правото и спроведување на правдата. Хипокризијата во однос на Европа е синонимот на балканските, а со тоа и на нашето племе.

Нашите племенски водачи, аморални манипулатори, постојано се „борат“ за нашите права поставувајќе се како пиемонт кој ќе ги поништи правата на другите заради нашите „права“, бидејќи сите балкански племиња се „божји народ“, и имаат „наследно право“ на Великите – Мегали идеи и држави. Всушност, тие го заштитуваат „своето лукративно право“, за нас и многу не им е гајле, но за да ги заштитат своите лукративни интереси потребно е да се создаде балканска верзија на „diverge et impera“. Па така постојано ги посетуваат туѓите дворови со цел да ги одбраната нашите права, кои „дома, во нашите дворови“ ни ги ускратуваат.

Нашите властодршци се оној троскот (и тој е со недефинирано име некаде троскот некаде жолта трава некаде пиреј), што не дозволува македонското цвеќе да зацврсти корен, да порасне, да ги покаже раскошните убавини на бои и мириси. При најмал обид да воскресне, овде е секогаш троскотот кој ќе го уништи, секако за наше добро. Упорно ни повторуваат дека тие се оној „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, односно никогаш не уништив троскот. Макар што никогаш не го прочитаа и разбраа Петрета дека, неговите, Јон и Велика зборуваат за непокорот за слободата, љубовта, разбраа дека само како троскот кој ја уништува македонската нација, можат да опстојата.

А ние? Ние, како што вели еден, неименуван, заробеник од фашистичките концентрациони логори, „кога дојдоа по евреите, молчевме, кога дојдоа по ромите, молчевме, кога дојдоа по нас, немаше кој да прозбори“. Како инаку да го протолкувам молкот, кој царува кај сите нас, додека безмилосно се краде, корупција, младите и паметни луѓе побегнаа, злоупотреба на власта, непочитување на законите, правдата постои единствено во името на Министерството за (не)правда, човекови права и слободи – фантазмагорија, открадено минато, уништени иднини. Пред нашите очи се тепаат и затвараат новинари (Палевски, Божиновски, Кежаровски), поради искажување на мислење кое не кореспондира со „мислењето“ на политичкиот и олигархиски естаблишмент. Ние молчиме. Кога се претепуваат советници, бидејќи, не се дел од „партиската монолитност“, тоа го ставаме во внатрепартиски пресметки. Ние молчиме. Наближува денот кога Ние ќе бидеме тепани, одамна ни ги одзедоа човековите права, правото на надеж во европска иднина. Тогаш ќе нема кој да прозбори за Нас.

Можеби сега Ви е појасен говорот на Борељ или уште повеќе „Градинарот“ на Тагоре, заточени во кафезот, од страв да ја побараме слободата, дозволуваме троскот целосно да не опфати, задуши, цицајќи ги нашите национални „животни сокови“ не дозволува од земја да се појавиме не пак да ја покажеме сета наша убавина и раскош. Па така единствено ни останува да кажеме, како ќе рече пејачот: „Патувај Европо, немој повеќе да не чекаш, Ние сме таму и го имаме она што си го заслуживме!“

Дедо Герасим: Внучко во средината на 19-от век, еден период, „заглавив“ во декадентниот Париз. Убавина! На сите страни разврат, слобода без ограничување. Но, за моја несреќа, се дружев со Жак Бодлер, најголемиот критичар на декадентноста и ортодоксен моралист. Никогаш не сум можел да ги разберам поетите. Бодле, како од милост го викав, сакаше да му раскажувам за Румелија, Македонија, Балканија за него бев нешто како „специјалист“ за егзотичниот и езотеричен Балкан. Раскажував за цвеќињата расфрлени по балканските ридови, за адетите, клетвите, опојниот мирис на злото кој го шират балканските цвеќиња. Еден ден ми рече: Знаеш Герасиме мојата најнова книга ја именував по балканските цвеќиња за кои ми глаголеше, ја нареков „Цвеќиња на злото“.


На денот на Св.Маченик Арета и другите 4299 кои пострадаа со него заради слободата да веруваат во Христа Спасителот и Животодавецот и расцветаа во небесната градина.


Вонреден професор д-р Оливер Андонов




Comentarios


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page