top of page

Една љубовна

(или: За влијанието на месечевите мени

врз размножувањето на полноглавците)


Пред формирањето на Фракцијата се зареков дека ќе ги коментирам дневно политичките случувања сочекувајќи ја реакцијата на политичките „авторитети“.

Долго се „шушка“, шепоти, полугласно оговара дека Нашата политичка „елита“, организирано, здушно не лаже и манипулира. Сепак Ние, како пијан за плот, се држиме до „вистините“, пласирани низ јавно поговарање, добиени од „високи“ добро информирани извори блиски до Нашите лидери. Како да се посомневаш во така сериозни луѓе како Заев, Ковачевски, Мицкоски, Ахмети, нема сигурно да не лажат. Знае сѐ, кога Тие нешто кажат тоа е апсолвирана вистина.

А тие јасно и недвојбено, низ јавни шепотења, ни посочија дека, за сите несреќи што не снајдоа, виновни се „Калето“ и „Брисел“. Се сѐ направи под „невиден“ притисок, кој го сторија тие „клетници“ врз нашите јадни, невини души, политичари.

Деновиве две изјави на Г-ѓа Анџела Агелер, Aмбасадор на САД во Македонија, како и на Амбасадите на Холандија и ЕУ, како меур од сапуница, ги растурија „ноторните вистини“ на нашите политичари, како и на Нас, обичните смртници. Изјави кои, секако да не го вознемируваат населението, поминаа бегло споменувајќи се само во некои медиуми. Остана мислењето на Амбасадорката за „штипската пастрмајлија“.

Нит анализа на „добро“ информираните новинари, ниту округли маси на политичките аналитичари нит - „Само вистина“. Во земја со развиена демократија веќе ќе беа „паднати“ неколку политички „глави“, можеби и Владата. Но...тоа во демократските земји. Во Македонија, веќе напишав, демократија има колку што има кислород на Марс!

Кога ќе помислам, па можеби и не се толку сериозни изјавите за да се ремети мирот на политичарите. Ние си имаме Наши вистини и не дозволуваме никој да се мајтапи со „Нашите вистини“ или, не дај Боже, ги доведе под сомнение. Нашето „Министерство за Вистина“ работи перфектно, согласно утврдените бенчмаркови дадени во нашата библија, Орвеловата „1984“.

Едноставно нели, ништо битно, Амбасадорката, само, изјави дека САД никогаш не барале Македонија да го промени името, како и тоа дека не и се многу допаднала пиесата во „Бољшој театар“, која беше изведена при изборот на Претседател на ЈО за борба со корупција и организиран криминал. Кон втората изјава се приклучија со изјави и Амбасадата на Холандија како и на ЕУ. Овде би рекол, бидејќи станува збор за уметност дел од нашето балканско соцреалистичко милје, станува збор за вкус а за вкусовите не се разговара.

Овие изјави целосно ја рушат сликата која ни ја проектираат нашите политичари креирана во техника, како би рекле уметниците, „trompe l’oeil“ (излажи го окото). Очигледно „клетите“ американци и европејци не ни ја „кроеле“ нашата зла судбина, туку нашите неписмени, неуки, корумпирани политичари. „Невидените“ притисоци биле за домашна употреба, замајување на јавноста и оправдување за предавствата. Останува да „виси“ прашањето под чие влијание и за чии интереси ги направија „деловните зделки“, како и оние кои се во тек. Политичарите по дефиниција се „слуги на народот (суверенот)“, но очигледно, овие нашите, малку се занеле па од слуги станале газди. И тоа ќе им го простиме, но како да им простиме кога продавале нешто кое го немаат, како и за сите лаги за „светлата“ иднина која не очекува, поради што морале да „попуштат“ на „притисоците“ од „Калето“ и „Брисел“.

Дури сега ми станува јасно зошто, мудриот политичар Мицкоски, пред ИК зборува дека времињата се сменети. Колку ли јас сум неинформиран? Завршила ерата на западната цивилизација, со време требало да го „фатиме возот“ (веројатно оној воз на Стојан Андов кој го „испуштивме“ во 1991г.), да се свртиме кон исток „таму каде што сонцето изгрева“, иднината за Македонија е Русија. Нашироко елаборирајќи ги неговите геополитички спознанија за промена на интересните свери и Балканот како интересна свера на Русија. Боже, колку ли им е тешко на членовите на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, да го гледаат „царот гол“ и да мораат да молчат. Но, еден ден, секако ќе се најде некој кој ќе го обзнани тоа!

Тоа е и решението на тајните преговори на Архиепископот и анационалниот (по свое признание) Премиер, како да се замени (продаде), тешко стекнатата, за прв пат, автокефалија на МПЦ со автономија под „капата“ на Стамбол. Договорот е направен, а неговото обзнанување ќе се случи по стариот потврден рецепт, ќе се „пушти“ муабет како тоа е направено под силен притисок на „Калето“ и „Брисел“, како услов за продолжување на евроинтегративните процеси.

Многу е лесно кога имаш „дежурен виновник“, америте и европејците се како создадени да им се довери таа улога - „дежурен виновник“. Па не за џабе толку време се потроши во ширење на анти-американизам и евро-скептицизам. Едноставно сѐ префрлиш на негов грб, „дежурниот виновник“, секако низ најдобрата форма на пропаганда, доведена до совршенство од страна на Гебелс – „јавно поговарање“. Ситуацијата, која на овој начин ја создаваат балканските мудреци, е по примерот на дедо Марко Цепенков „и волкот сит и овците на број“.

Но, како велат се некој некогаш ќе ги отвори архивите и се што е скриено во нив ќе излезе на светлината на денот. Така, многумина ќе останат со подотворена уста, кога ќе се разоткријат вистинските актери и причините поради кои ја „создадоа“ војната од 2001 г., која во црно зави стотици куќи, овде обично се прави поделба на македонски и албански како и споредба на бројките. Токму тоа и го сакаат нашите политичари, како што колоквијално ги нарекуваме „македонски“ и „албански “ блок, и во жалоста да се делиме, помала жалост ако кај НАШИТЕ биле помалку во црно завиени мајки. Докажано успешен наратив за владеење. Архивирани, од некого конфиденцијално заштитени, податоци за тоа кој, од каде и како, за кој процент (за себе) купувал оружје? Кој бартер договорите ги замени со кеш плаќање и колку доби од тоа? Кој одеше, задскриен од темнината, на договор во Шипковица? Кој организираше кражби по селата, под изговор дека се бори со терористите? Кој спроведуваше насилна мобилизација во подшарпланинските села, колку загинаа што се спротивставија? Колку млади девојки беа изнасилени? Колку останаа инвалиди? Колку починаа од послевоениот синдром? Кој..... Но тоа за во иднина, да не ја реметиме колумната која има толку пријатно заглавје „Една љубовна“!

Дедо Герасим: Внучко, затвори ги вратете ќе ти откријам голема тајна! Сигурно се прашуваш како успевам постојано да бидам млад, знаеш дека не користам волшебни напитоци како оние исфрустрирани митови Сен Жармен и Доријан Греј. Далеку било, како оној гетеовиот Фауст, да склучам договор со „ѓаволот“. Мојата младост како и моите патувања низ времето, од далечното минато пред Христа, до непојмливата, за тебе, иднина, се плод на физичките закони. Сигурно си слушнал дека кога патуваш со брзина на светлината, времето и нема некое влијание. Одамна беше кога се качив на „Enterprise NX-01“ и со, мојот драг пријател, Џејмс Кирк започнавме да летаме низ историјата и иднината, одфрлајќи ги стереотипите и предрасудите поставувавме нови граници. Но, сакав да ти кажам за изненадувањето од последното мое качување. Заглавен во „Борбата кај Херонеа“, интересна стратегија имаше Александар, кога пристигна „Enterprise MK-01“ и морав да се качам. Некако чуден ми беше екипажот, иако го носеа знакот на „вселенските сили“, го знаеш оној малку необичен триаголник, сепак зборуваа македонски. Кога видоа како чудно ги гледам, ми појаснија. Доагаме од Македонија во 2035 година! Одкако заврши ерата на телетабилисите, се формираа „Македонски вселенски сили“, го гледаш знакот на униформите, почитувани членови сме на „Светските вселенски сили“. Гледај, гордо се сврте капетанот, на грбот им пишуваше „ State of Macedonia“, не постои повеќе „NORT“!


На денот на Св.Апостол Филип


Вонреден професор д-р Оливер Андонов


п.с.На сите Вас кој го носите името на светиот Апостол Филип Ви го честитам именденот и Ви посакувам секогаш да бидете живи и здрави во Христа Бога, по молитвите на Св.Апостол Филип.




Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page