Ж’т В’к - п’н Б’и
(или: За лажните Месии)
„И така, по нивните плодови ќе ги препознаете“
Мат.7.20
По дефиниција, но пред се по суштина, Бог е олицетворение на совршенството. Совршенството е чесно, отворено и директно. Доколку прашаме секогаш добиваме одговор, бидејќи за Бога (творецот на се видливо и невидливо) нема непознаници, па дури и во нашето срце, а и влакната на главата ни се изборени. Бог без сомнение го сака најдоброто за нас. Но, покрај Бога, во светот го има и ѓаволот (натемаго). На луѓето секогаш им е полесно да мислат дека има Бог (добар) во светот, но не и зло. Но, злото, за жал, постои.
Злото се обидува да го уништи нашето општество, да ја поништи државата, да го обезличи народот. Секако, таа цел, не може да ја постигне без измама. Токму поради тоа злото е итро и лукаво. Злото секогаш се обидува да не соблазни, со лага и скриена провокација. Злото никогаш не се представува како зло, секогаш се маскира под превезот на добри намери. Затоа бара многу напор да го препознаеме, да го идентификуваме.
Во краткиот историски временски период, 30-тина години се многу за еден човечки живот, но миг за историјата на еден народ. Злото, кое го надвјаса македонскиот народ, „успеа“ да не провлече низ сите девет круга на Данте и не стави во, како би рекол Данте „преполн со исеротини“, пеколот. Ми се чини дека со секои „демократски избори“ поминувавме еден круг дантеов, на секои избори создававме ново „златно теле“, хиротинисувавме нов ЛАЖЕН МЕСИЈА. Оваа констатација се темели на зборовите од Евангелие по Матеја 7.20 „и така по нивните плодови ќе ги препознаете“. Како би рекол Прличев „лицем светци срцем в’лци ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв“.
Плодовите кои ни ги дадоа, Лажните Месии, го креираа нашиот Ад во кој секојдневно се препелкаме, исполнети со интелектуална, духовна, национална сиромаштија. Земја на загрижени старци, „скајп генерација“ како со подсмев си се нарекуваат, кои чекаат децата да им се вратат. Никогаш нема да се вратат Нашите деца. Тие не се одселија, не, тие побегнаа од виртуелната реалност која им ја проектираа Лажните Месии. Земја на транзициски богаташи и транзициски сиромаси, премостено со политичката олигархија, која е главниот креатор на лажни месии.
Што е потребно за да ве инаугурираат во главен Лажен Месија? Да не заборавиме секогаш се двајца, опозиција и позиција, со едно крило не се лета. Опскурна личност со мали, скоро никакви, способности да препознае недостатоци во сопственото знаење или компетентност. Во контекст на ова би се послужил со дефиницијата на Стивен Барглас, Харвардски психолог, да ги препознаете Лажните Месии по нивната арогантност, болното чувство за алиенација, деструктивен авантуризам и аморално поведение. Несвесни за своите недостатоци, нивната егоцентричност секогаш ги води кон самоуништување убедени дека го избираат она што мислат дека е најразумна и оптимална опција. На тој начин ја покажуваат својата дисоцијативна основа односно потполно одвојување од реалното и рационалното, останувајки заглавени во автоматските, стереотипни и ригидни ставови, не оставајки простор за било какви надворешни интервенции, антагонистички поставувајки се во однос и на своето опкружување. Но, нивните „умни“ избори и решенија, секогаш беа на штета на македонските национални интереси. Во обратно пропорционален сооднос со нивните банковни сметки. Kолку повеќе Ние тоневме толку повеќе растеа Нивните банковни конта. Карактеристично за, нашите, Лажни Месии, е што бесчувствително се удираат в гради со полни усти ветувања за среќната ни иднина, оставајќи зад себе пустош, апатија и дефетизам. Одамна нашата иднина ја престорија во наше минато. Парадоксално звучи, но не ставија во ситуација на обратен инжинеринг. Од последниот Дантеов круг да се враќаме кон првиот, да се вратиме на почетокот за да ја избегнеме злата судбина, да си ја повратиме иднината. За да го сториме тоа време е да расчистиме со Лажните Месии, време е оваа политичка елита да замине, нека се витосаат, со нив и сите аномалии кои ги создадоа, раширувајќи ја метастазата на неграмотност, некад’рност, волунтаризам...
Каде на почетокот? Таму каде што ја учевме демократијата, во раните 90-ти, процеси плод на неколку вековен развој на цивилизираниот западен свет. Една од најголемите победи на модерната епоха е поставување на самата власт под светлата на општествените интереси. Односно, формирање на власта така, таа да биде прозрачна (транспарентна), да биде видлива, да создава и зрачи со чувство дека целото општество ја гледа власта, ја коментира и може да влијае на неа. На овој начин се прекратува можноста, досега присутна кај нашите властелини, за прикриени дејанија од витално значење за народот кои успевавме само, како јавни поговарања да ги наслушнеме. Прекратување на власт која владее по примерот на т.н. letter de cachet (скриени писма), кога кралот дарувал и одземал животи како ќе посакал. Поставувањето на власта под обилната светлост на јавноста е најголемото постигање на модерниот свет, одфрлање на скриеновластието од средниот век. Дебатата, кога би ја имало, би требало да биде, како да ја натераме власта да се подчинува на правилата на демократијата – или барем да не остави на мир, да престане да се обидува да не манипулира, импутирајќи ни дека се прави во „името на народот“.
Прашањето за замена на политичките елити мораше веќе вчера да се случи. Едноставно, бидејќи, нашата политичка елита не е во состојба да носи одговорност, а тоа е основниот атрибут на секоја елита способна да дејствува. Едноставно оптимизмот е во создавање на колку толку обмислен политички систем во кој ќе битисуваат неколку партии, со видливи белези на адекватност, на нормалност секако „леви“ и „десни“. Да раскрстиме со лажните патриоти, лажните месии. Новите геополитички и регионални процеси не дозволуваат имитација на демократијата, бараат конкретизација, знаење, умеење и пред се - пред очите на јавноста.
Очигледно ДУИ ги согледа овие процеси, нови ветришта кои струјат низ Балканот, па влезе во постапка на демократизација, мачна и тензична, но каква-таква демократизација. За политичките елити на ВМРО-ДПМНЕ и СДС, предводени од лажните месии, Мицковски и Ковачевски, стереотипноста, глувоста и слепоста се основни атрибути на политичко преживување, но неблаговремено согледување на овие процеси се пат кон сопствено самоубиство. Политичките процеси се неминовност и доколку благовремено не бидат препознати, од политичките елити, тоа само води кон болна вивисекција на политичката номенклатура.
Не би сакал да прозвучам стереотипно, но факт е дека треба да се променат тезите. Од она што државата и партијата направија за мене, во што направи Ти за државата и партијата. Зборовите љубов и вера се сами по себе несуштествени, ништо не значат. За да им вдишеме суштина потребно е да создадеме дела со кои ќе им дадеме значение. Љубовта и верата се препознаваат по делата, без дела не постои вера и љубов.
Расчистувањето со лажните месии е надеж за исполнување на мечтите, да живееме побогато, но пред се да започнеме да живееме подостојно, со крената глава и колку е можно помалку скрб во душите.
На денот на Светиот Дионисиј Ареопагит
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
П.С. Ве замолувам, драги пријатели, утре на националната телевизија, која одамна заборавивте дека постои, да го гледате нашиот Главен Лажен Месија. Не дека нешто ново ќе слушнете. Но по четири дена подготовка, поради очебијната негова дислексија, вежбање прашања, одговори, говор на телото да го погледаме за да не му ја до крај поништиме суетата. За оние кои внимаваат на својата ментална хигиена овој излет на МРТВ, не им го препорачувам.
П.С.С.Барам вториот Лажен Месија кој глуми претседател на владата на Македонија, најпрво да си ги прибере булдозите (обезбедувањето) да не покажуваат сила врз мирниот православен народ во храмовите на МПЦ-ОА, а во исто време некад’рноста и политикантството на неговиот Спасовски глумецот на улогата Министер за Внатрешни работи да ја санкционира со негова смена од оваа позиција, бидејќи токму сувереноста на една држава се одразува преку спроведување на законите на нејзината територија, а тој – Спасовски вчера од политикантски причини не ги спроведуваше законите на Македонија на нашата сопствена територија против хулиганското однесување на група навивачи од Грција, туку глумеше политика. Така не се чува достоинството и угледот на Македонија и македонските граѓани. Сите ние плаќаме данок за да се спроведуваат законите, и државата нашата Македонија преку институциите на системот да ни го штитат животот и имотот од било кој самоволник, насилник, криминалец, па нека е и Грк.
Comments