Игри, бајки и корења
(или за политикантските шовинисти и лукративни манипулатори)
Ви се извинувам драги мои за тоа што во краток период ве оптеретувам со две последователни колумни на иста тема, но за наша жал состојбата во Македонија и нејзината иднина е премногу сериозна, а актуелните политиканти во нашата Македонија ја водат државата во безизлез. Токму во бездна за која подоцна ќе го обвинат македонскиот народ, сите нас. Затоа драги мои ве замолувам да бидете трпеливи и со отворен ум за разбирање на состојбите.
Во основа се работи за игра со која преку бајки сакаат да не доведат во состојба да јадеме корења. Ова е анахрона политика која пред триесет и две години ја пласираа балкански шовинисти, кој наместо демократизација на тогашната СФРЈ и нејзино реформирање нудеа тврдоглавост и по цена да се јадат корења. Видовме како заврши таа политика на Милошевиќ за Србите и губењето на Косово, протерувањето на Србите од Хрватска и најмногу страдањата на многу луѓе. И навистина некој јадеше корење и пиеше пелин и сеуште живее со истите последици со децении подоцна.
Поаѓајќи од оваа искуство, а ние за жал како ништо да не паметиме од блиското минато и згора на се не ги гледаме современите процеси, за да можеме како емпирија и научени лекции да направиме соодветна анализа и согласно истата да се прилагодиме во новонастанатите состојби и извлечеме максимум за нас, ќе мора да ве потсетам на некои историски собитија.
Наназад гледано и покрај вековната борба и премрежија за Македонија ни се погоди 1944 година да бидеме на вистинската страна и во новонастанатите геополитички состојби на крајот од Втората Светска војна да ни биде одобрено од големите сили да создадеме своја национална држава. Секако со вложен суверенитет во Југославија како федерална единка, поради што успеавме во следните 45 години да ја оформиме нацијата со сите атрибути (јазик, култура, историја, територија, државни органи, образование итн.). Не ни беше одобрено од големите сили да ја обединиме Македонија и нашата „непослушност“ во граѓанската војна во Грција ја плативме многу скапо и во Грција и во Бугарија.
Во новите геополитички процеси од 1989 година благодарение на глупоста на ликовите од Србија ни беше овозможено федералната држава да ја направиме независна. И покрај тоа не разбравме дека со тоа започна периодот кога самите носиме најголема одговорност за нашата држава и нејзиниот напредок и иднина и следните триесет години нашите политиканти глумеа државници, стари лисци, војводи и не знам што, а всушност беа ништо повеќе од најдолни крадци на сопствениот народ и држава, што пак ни ја ослабна државата одвнатре. Затоа и денес 31 година по осамостојувањето сме во полоша состојба отколку пред тоа. Тоа не е југо-носталгија, туку факт дека не се грижевме за сопствената држава и како народ покажавме некапацитет да си избереме чесни и разумни, образовани европски лидери.
Се има свое драги мои, за се треба да дојде времето, да биде созреано, се има свои знакови во минатото кои влијаат врз иднината, не само човечките, личните знаци покрај патот за кој пишува Андриќ укажуваат на времињата во животот на еден човек, туку уште повеќе такви знаци има на патот на секоја држава и нација, па и на нашата Македонската, Доколку ние не знаеме да ги прочитаме и ги гледаме само шовинистичките балкански знаци втемелени врз големодржавните идеи, не се сомневајте дека европските држави (како и да сме ги опеале во нашето творештво и искуство) добро ги гледаат и имаат записи на знаците од некогашните времиња па се до денес.
Карактеристично за нас е што од 1991 година ние не ги гледавме знаците крај патот и многу често влегувавме во ќорсокаци, губејќи го драгоценото време на игри и бајки. Така и во овој момент воопшто не се осврнуваме на знаците крај патот и некако итаме кон ќорсокакот, како да немаме доволно историско паметење и способност да направиме споредба со она што го правеа другите на Балканот во 19-от и на почетокот на 20-от век. Заборавивме ли дека создавањето на балканските држави секогаш беше поддржано од некоја од тогаш големите европски сили и завршуваше со доведување на нивен династички член за суверен на таа држава. Еве денес повеќе од еден век подоцна сите тие држави опстојат со државотворна традиција подолга од 100 години, а ниту една од нив не е монархија. Само ние јадните во Илинденското востание правевме Република во сред монархистичка Европа и останавме без државност, по што македонската земја секогаш се обидуваа да ја припојат кон некоја од соседните монархии. Секако дека немањето своја држава и административна управа, образование и државен систем го остави македонскиот народ да биде плен на соседните монархии. Тие големодржавни идеи сеуште живеат во балканските шовинисти, но ние не треба да бидеме дел од тој шовинизам и да пристапуваме кон се со негативизам и негирање.
Но, да не зборувам во детали, бидејќи идејата ми беше само да ве потсетам на клучните историски прекршувања во светот и како во такви мигови е многу важно да го фатиш вистинскиот чекор, затоа што подоцна како мала земја без пријатели и заштита во рамките на некои сојузи, многу е тешко да се опстои. Впрочем, примерот со Украина која и не е така мала земја зборува доволно. А, повеќепати ви имам глаголено за тоа дека основната задача на една влада – власт треба да биде опстанокот на нацијата. Во современи услови тој опстанок има сензитивни индикатори кои не се само на ниво на базично преживување, па поради тоа и анахроните корењарски политки се само глупав популизам кој на крајот ќе го изеде самиот производител, но долгорочно ако не и трајно ќе ја упропасти Македонија.
Затоа во најмала рака е многу глупаво што владата никако да го објави драфт Протоколот, но во исто време и опозицијата никако да каже што содржи тој фамозен Протокол, а и едните и другите се добива силен впечаток дека ја знаат содржината на овој документ. Иако Мицкоски упорно се труди во јавноста да кажува дека не го знае, тврдам дека добро го знае и затоа сметам дека не е искрен кон членството на нашата партија и граѓаните кои загрижени излегуваат на протести. Наместо да разговараат за него и да ги анализираат обврзувачките точки и неговата асиметричност тие расправаат за работи врз кои неможат да влијаат и кои би го нарушиле од темел целиот процес, што впрочем никој од надвор нема да го дозволи тоа.
За да вие не останете неинформирани и во заблуда може да ви кажам дека е објавена некоја верзија на Протоколот од страна на Генчовска на 23-ти јуни, а преведен Протоколот го објави Дојче Веле на својата веб страна. Во врска со ова многу скоро ќе излезам со една обемна анализа и изворно цитирање на содржината на Протоколот.
Токму во овој контекст не ми е јасно (јасно ми е само сум зачуден од големата нечесност кон сопствените граѓани) за што тоа во четири очи разговараа Ковачевски и Мицкоски, ако не за Протоколот. Зошто Мицкоски со себе доведа цела свита за сликање кои не само што уста не отворија во Клуб на пратеници туку и појма немаа(т) за што всушност Мицкоски разговараше Ковачевски?
И кога велам дека имаме сериозен проблем со капацитетот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да ги апсолвира случувањата тогаш токму како показател мислам на ова. Што се однесува до владата на Ковачевски во однос на капацитетот не се ништо подобри од оној кој го имаше Заев. Бидејќи, Заев оксиморон, потпиша штетни договори и сега ние вадиме трња и се обидуваме да спасиме нешто, а од друга страна ниту владата на Ковачевски може да разбере што се треба да корегира во Протоколот и какви се замки се поставени во него.
Од друга страна, нема капацитет ниту кај Мицкоски. Тој перфидно, наместо да зборува со Ковачевски за наоѓање решение кое лежи во Протоколот, излегува на прес конференција и ни објаснува, не убедува како бил остар кон Ковачевски и му кажал дека од официјалната изјава на ЕУ треба да ги тргне членовите 11 и 14. Аман бе Христијане, па официјалната изјава на ЕУ не е документ кој го составувал Ковачевски, иако сум убеден и да го составувал јадникот полош ќе го направел. Тоа е официјален документ на ЕУ и треба од ЕУ да бараш да го смени. Друго е прашањето што ставањето на Бугарите во Уставот на Македонија кој веќе кажав дека е Алваџиски тефтер не е нешто страшно. И така ќе дојде ден кога ќе мора да се смени и дефинитивно прилагоди кон современ европски граѓански устав, а не устав на племиња. Но, ти за да глумиш патриот мора да се спротивставуваш на тоа. Дали си свесен за цената која ние како држава ќе треба да ја платиме поради тебе и твоите лукративни интереси?
Единствено што можеш да влијаеш да се смени и тоа е всушност круцијално и од тука започнува процесот за отпочнување преговори е содржината на Протоколот. Ете затоа требаше со тебе да водиш експерти кои ќе беа внатре крај тебе на состанок, а не манекени, клиентелисти, сликачи за на фб, кои полтронски седеа пред врата додека ти насамо „жолчно се расправаше“ со Ковачевски до степен на „летање пердуви“ на сите страни. Така на експертско ниво со тим од владата спроти себе, да сугерираше на опасностите по Македонија во иднина во текот на процесот на преговори и како тие може да се отстранат со промена на содржината на Протоколот и како да се натераат Бугарите да прифатат такво нешто, ти очигледно таму отиде за театар, за сѐ да прифатиш заради некои свој интерес или да одработиш заради нечии туѓ интерес, ти си знаеш, но за овие гревови кон сопствениот народ како се вели, кога ќе умираш со отворени очи ќе останеш.
Е сега, многу ме интересира што тоа реално расправи (договори) со Ковачевски освен што мавташе со глупава изјава дека треба да се избришат членовите 11 и 14 од официјалната изјава на ЕУ и небулозите дека се повлекуваш од предвремени избори доколку владата не го прифати „францускиот предлог“. Искрено, Ковачевски (читај менторот му) нема намера да дозволи предвремени избори па ако треба со јажиња за дрво ќе го врзат Ковачевски да не падне. Ти Христијан сигурно не си тој кој диктира дали ќе има избори, тоа е бајка само за пред партиското членство. Идејата дека поради евентуалното повлекување на Ковачевски од „францускиот предлог“ ти ќе му помогнеш да ја поминеме тешката есен и зима, а потоа ќе правиш евалуација како понатаму е пуста желба „не умри магаре до зелена трева“ дека на мала врата ќе има широка коалиција што е друга твоја измама на членството на ВМРО-ДПМНЕ за да го држиш во надеж, додуша лажна, но корисна за тебе за да не те избркаат на клоци од партија, бидејќи некои веќе се во состојба да јадат корења.
Затоа ме интересира, за што се исценка со Ковачевски додека „летаа пердуви“ во расправата? За ослободување на колкумина од твоите притворени криминални другарчиња? На нивното криминално поведение те предупредив уште во декември 2017 година а ти ми тврдеше дека нема шанса да бидеш со нив за да по некоја недела ги доведеш во партија до тебе и играш со нив, како што играш и денес. Во меѓувреме нас ќе не тераш да јадеме корење и ќе ни раскажуваш бајки, а ти ќе имаш хедонистички бизнис живот. Еве кажи на еден список колкумина (белким 11+11 се доволно, еден фудбалски тим) треба да се ослободат од твоите криминални другарчиња и кои сѐ бизниси да ти се стават во функција, за да не глумиш повеќе квази патриот и да оставиш со ВМРО-ДПМНЕ да раководат некои чесни, стручни и посветени Македонци кои ја гледаат и партијата и Македонија во Европа.
Многу ме интересира и што договори со Ковачевски, односно која тактика на минирање ќе ја направите за да ти ги задоволи личните-лукративни барања? Верувам дека го имате утврдено и времето со која динамика тоа ќе го направите па дури и кој ќе биде виновен.
Жално е што знаете што содржи Протоколот а не кажувате на јавноста, како што е трагично и тоа што немате храброст да кажете дека почитувањето на билатералните договори кои оксиморонот Заев ги потпиша на наша штета, сега мора да се почитуваат и дека и да си ти Мицкоски на власт (како што нема да бидеш) нема да можеш да ги укинеш по сопствена волја, односно ќе ти треба поддршка од Собранието и добро оправдување пред меѓународната заедница за „безпричинско“ еднострано непочитување на меѓународни договори.
Затоа да престанете со анахрони балкански шовинистички политики поради вашата неспособност, криминализираност, компромитираност, нечесност и многу други „опашки“ кои ги имате зад себе, да си се фатите под рака со Ковачевски и вашите раководства партиски и едноставно си заминете во неповрат. Кога требаше да се спречи оној оксиморон Заев да ни смени име и Устав, да не денационализира и однароди уставно, да ни земе душа и не понижи и да потпише еден куп катастрофални договори со тешки обврски за Македонија, Ковачевски го оправдуваше и му беше во партија, а Мицкоски божем протестираше, па бојкотираше наместо да се бори.
Сепак, најтрагично од се за ВМРО-ДПМНЕ е тоа што партијата благодарение на Мицкоски и клиентелистичкото раководство го изгуби капацитетот, институционалната меморија, идеолошката основа и енергијата, па на крајот се дефакторизираше и остана надвор од сите процеси клучни за татковината Македонија последниве пет години, наместо да имаше круцијално влијание, а како што стојат работите тоа ќе продолжи. Гледаме како десничарската ВМРО-ДПМНЕ последните години е политички партнер со Левица на Апасиев, истиот оној Апасиев кој во тв дуели со мене од петни жили се трудеше да го урне ВМРО-ДПМНЕ. Како сега стана наш политички (можеби и иделошки) партнер, со која цел и за чии интерес зборува за членство во Евроазиска унија? Ова треба Мицкоски да го одговори. Можеби ВМРО-ДПМНЕ, нашата партија ја има сменето политичко-идеолошката основа, а ние да не знаеме за тоа. Затоа е коректно Мицкоски да ни го каже тоа, а не да не води на патот на јадење корења и нови поделби и жртви на македонскиот народ.
Да се научиме на своите грешки и на искуството од минатото за да не ги повторуваме.
На денот на Св.свештеномаченик Јевсевиј
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comments