top of page

Клиничка смрт

(или за: Безвремениот Дедо Герасим)


Што е Внучко, што си вознемирен? Сабота е, недела се спрема, а ти колумна немаш.

Ах бре, дедо Герасиме, знаеш дека умот ми е растргнат од обврските и повторно патувам заради остварување на целите и идеите наши Македонски, но те очекувам тебе, и еве те тука си, не ме оставаш ти мене во нашата борба за Македонија.

Доцнам, но кога ќе слушнеш што ми се случи, верувам ќе ми простиш и ќе дозволиш оваа колумна од почеток до крај да ја напишам. Поточно ти пишувај, јас ќе ти глаголам!

Си седам така, пред некој ден, и гледам телевизија, некој од многуте македонски канали, кога еве ти го овој т.н. Премиер нешто зборува, но никако да го разберам што сака да каже. Бегајќи од него свртев на друг канал, нејсе Марфи е безмилостен, таму „лидерот“ на опозицијата онака елегантно облечен, со нова џелетка, нешто кажува замумулено, загугулено се напрегнувам да разберам, но ... И тогаш се случи, потонав, влегов во четвртата димензија – времето, се втурнав низ оној тунел на безвременоста. Докторите имаат научно толкување и таа состојба ја нарекуваат клиничка смрт, за мене сепак тоа е патот низ безвремението, повикот на предходниците – прататковците.

Одеднаш се најдов во Пантеонот на Македонската Божествена Академија, огромна просторија крајот не и се догледува, по зидовите насликани фрагменти од сите македонски војни и битки, од Херонеа до денес, а во неа сите. Да внучко, таму горе сите се заедно и леви и десни, светители, херои, жртви, атентатори, поети, писатели, војводи, партизани и тоа, внимавај, од трите дела на Македонија, да внучко таму е цела не е поделена. Што се чудиш, ми вели Александар Сане Грличков, Ви реков дека сите треба да не соберете во македонската историја, ете гледаш овде сите сме заедно, но доле...Нозете ми се стресоа, каде и да погледнам се некои погледи со прекор, намрштени лица. Побарав милост кај светите отци Кирил, Методиј, Наум, Климент, Јоаким Осоговскиот, Прохор Пчињскиот, Гаврил Лесновскиот, Кипријан Слепчанскиот, Јоаникиј Ракотинскиот, кај митрополитите-архиепископите Арсениј, Гологанов, Доситеј, Ангелариј, но не успеав, собрани еден до друг само загрижено ме гледаа. Од друштвото атентатори Стив Наумов, Черноземски, Мара Бунева, Цицонков, Менча, Гемиџиите се срамев и да побарам поддршка, а и тие не ме удостоија ниту со поглед, шепотеа нешто, веројатно некој нов комплот за спас на Македонија подготвуваа.

Додека се свестив ме седнаа пред Великиот Совет на Македонската Божествена Академија, во состав – Претседател, Александар синот на Филип од негова десна страна Стариот - Тодор Александров од левата пак Генералот Михајло Апостолски. Лути, што да ти кажам, чиниш молњи им излегуваат од очите и секој миг ќе ме пронижат.

Започна Александар, громогласен, како да го слушаш топотот на Букефал, коските ми се стресоа, Герасиме те создадовме многу одамна, далеку пред французите да го создадат Сен Жармен, со мисија да ја штитиш македонската кауза, да го пренесуваш и чуваш, низ вековите, македонскиот код и памет. Што направивте Герасиме, Ви оставив империја чии граници се гледаа и од одовде, од божјото царство, сега не може човек да ве најде на светската карта. Најубавото македонското знаме, кое е исполнето со филозофска мисла создадено од, мојот драг учител, Аристотел македонецот, не само што го нагрдивте прецртувајќи го како обично сонце туку и целосно го отфрливте, заменувајќи го со вентилатор. Прости Александаре, се провикна Охмучевиќ, и грбот! Денови и ноќи со најпознатите хералдичари на Ватикан го нарисувавме, во време кога само Ватикан и европските кралеви имаа грб, Македонскиот грб со лав накитен со кралска круна. Во тоа време Вашите комшии имаа грб со коњска опашка. Но не, Вие си останавте доследни на соцреализмот и комунистичката хералдика. Кога веќе сме кај државните обележја би сакал и јас да кажам, се јави Владо Малески седнат меѓу Рацина и Ганета. Кој Ви дава за право најубавата, најпатриотската химна која со толку љубов ја напишав, да ја извитоперувате и бришете цели строфи, каде се авторските права. Сопствената химна се срамите гласно да ја пеете... и мене ме ретушираа, се придодаде Петре М. Андреевски. Зошто, бидејки кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата Македонска држава, Ви попречи љубовта кон Македонија. Ви реков, го слушнав благиот глас на Блаже, името Ви е големо ќе сакаат да Ви го земат, но не ми поверувавте.

Склучував договори со сите, започна Александров, точно е, реков дека ќе склучам и со самиот Велзевул (метафорично), само Македонија да ја видам слободна, обединета и самостојна. Но, Вие склучивте (реално) договори само со непријателите-ѓаволите на македонскиот народ. Успеавте да склучите договор со Мамон, што ви даде за право и фетусовата постелка на македонскиот народ да ја одкраднете и уништите. Можеби сега ќе можат да ме разберат, еве го Глигоров, кога велев „еквидистанца“, но не, Вие влеговте во свингерај па сега...кој ќе го запали светлото. Наместо да ја направивте Македонија – Швајцарија на балканот, како што Ви напишав, лут и бесен се провикна Михајлов, направивте „банана држава“. Додека јас зборував со западните демократи за демократска и независна Македонија, овие што денес ме напаѓаат тогаш се клањаа на Тито и Сталин. На кого ме одстапивте? На оние кои осум пати ме судеа на смрт поради Македонија. Кога веќе ме осудивте на смрт, тргнувајќи го споменикот мој, тоа Ќосето зборува, зошто тогаш на постаментот не го ставивте знакот на „УЧК“, да не мораат луѓето да се трошат со правење на нов постамент. До Ќосето седнати Чаулев и Карпош, само се подсмевнуваат. Изгубен во срам, тонам внучко немам каде да се сокријам, канонади од сите страни, секое прашање нова рана отвара. Предавство, предавство, предавници се провикна стариот Цар Самоил, го гледам истоштен, скршен од болка. Предавство!- го подржа Ѓорче Петров, седнат помеѓу такото и синот Прличеви. Ајде што со предавство ме убивте, ќе ви простам и што низ историјата ме влечете како бонвиван, сладокусец и женскар, смирено прозбори Сарафов, наспроти тоа што знаете дека парите ги дадов на Гемиџиите, а не по сладок живот. Но за Илинден, без срам ме ретуширавте од илинденската епопеја, не можам да Ви простам, зошто се влечкавме по горите борејќи се со Османлиите, за денес да го празнувате со оние кои не предадоа, ветувајќи поддршка (сто илјади штикови), не потрошија за нивни интереси. А вториот Илинден, еве го Генералот Апостолски со остар поглед мислам ме пресече на половина, немате храброст ниту да го чествувате на вистинското место. Ординарни лузери, мангупи, изградивте „златно теле“ – Пелинце, за да има каде да одите, и тоа го испоганивте. Како не ви е срам Герасиме од ништо создадовме држава. Ние партизаните продолживме таму каде што застанаа војводите, за сега со неа, а и со сите Нас, да се мајтапите. Гоце застанат со Груев, Татарчев, Попарсов, Батанџиев, ги споил веѓите мирно ги мазни мустаќите со мек но остар глас, кој не трпи приговор вели – Наместо културен натпревар, како што ве советував да ширите низ светот, Вие ја дотолчивте македонската култура до непрепознавање, се „јадете“ меѓу себе, северното јаболко на раздорот без размислување го гризнавте, успеавте и со сите соседи да се скарате! Сите Ние тука, со мака подстана Поп Богомил, на разни начини ја внесувавме Македонија во светската историја, го задолживме светот постојано да не има во неговата историска памет. Реформацијата ја започнав од Македонија и целиот, како велат денес, демократски запад ја прифати. Македонија и македонскиот народ се историски предизвик на светската цивилизација. Но не, Вие ај што нашите богомили ги оставивте на други и се срамите да не спомнете барем во културолошки аспект, туку со огромен напор успеавте да излезете од светската цивилизациска историја ставајќи се рамо до рамо со африканските племиња.

Изгубен внучко ми идеше џенем да фатам, прашања од сите страни, а јас немав одговор на ниту едно, само го молев Бога што побргу да излезам од клиничката смрт. Успеав, се вратив но на што наидов. Македонија во клиничка смрт. Како инаку да го толкувам „тресењето зелени“ на инфантилниот премиер во врска со глобалните, регионални и локални политики. Овој пак твојот пријател, „лидерот“ на опозицијата, ај што не се срами да пушта во употреба „нужници“ туку и станал „баба Ванѓа“ може да ги, како би рекол ти, антиципира идните настани. Посебно кога се работи за криминал. Колку ли криминално искуство треба да се има за да можеш однапред да ги предвидиш идните криминалии на власта? Дефинитивно внучко Македонија е во клиничка смрт, јас преживеав но, за неа не знам „око ми се плаше – душа ми се тресе“!


Расказ од Дедо Герасим Македонски.


Во втората недела по Пасха – неделата на жените мироносици (на денот на Св.апостол Марко)


Запишал и превел од старомакедонски

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page