Комедијанти
Минатата недела, во нашето маало, беа одржани 32-те „Денови на комедијата“. На репертоарот имаше неколку навистина смешни пиеси. Додуша, за волја на вистината, насловите на пиесите не најавуваа некоја забава, за хумор да не зборувам. Повеќе наликуваа на сатира но, добро, и сатирата понекогаш знае да биде смешна макар што, вообичаено, е проследена со „грутка во грлото“ кај гледачите.
Првата претстава се одржа во помошните простории на „Националниот дворец на театарот“. На репертоарот беше јубилејната 1948-ма реприза на Фејдовата „Болва в’уво“. Почетокот на претставата беше банален. 16 сериозни фаци чиниш ќе се сликаат за табло сместено во некој, комунистички аранжиран, излог во слепа улица. Се замислив, каква е оваа комедија со толку смуртени фаци. Но тогаш го здогледав Гручо Маркс, алијас Христијан Мицкоски, тогаш сватив дека ова ќе биде урнебесна комедија. Забавата е загарантирана! Години на ред нашето маало се забавува со неговите вицови. Како тој човек умее да раскажува вицови, неверојатно, да „умреш“ од смеа. Но најголема смеа предизвикува кога, заземајки специфична поза, со раце споени по врвовите на прстите, научена од неговиот предходник, со најсериозна фаца на светот, чиниш целата светска мудрост ја собрал во себе, ќе ја каже неговата СЛАВНА реченица, по која стана познат и надвор од нашето маало - „Тоа се моите принципи, но доколку не Ви се допаѓаат ќе ги сменам“. Мајсторите на „даските кои живот значат“ одиграа феноменална претстава, очигледно беше влијанието на „Систем Станиславски“. Толку беа реални во играта на своите ролји, чиниш на сите им влегла „Болва в’уво“ предизвикана од сомнеж, љубомора и недоверба. Урнебесна бркотница, исклучителни пресврти, шокови и смеа. Никој не можеше да се снајде кој со кого спие, кој кого љуби не пак кој чие дете е.
Поради овие недоумици, главниот лик и организатор на претставата Бени Хил, алијас Премиер, на крајот даде толкување на комедијата. Познат по својата елоквентност во една тирада од пет минути даде елаборација за претставата и актерите, што предизвика дополнителна смеа кај „пучанството“.
На округлата маса, по претставата, публиката разбра дека, наспроти актерите, таа останала со „прстот во уста“. Стратегијата на режисерите, сценаристите и глумците беше многу перфидна, да не остават во неизвесност и да чекаме, чекаме и чекаме... „Да се зарази некој со чекање е најсигурниот начин да се владее со него, тоа значи да се направи неподвижен и безопасен засекогаш, а оваа измама на чекање е потешка од секој затвор, бидејќи со многу среќа и вештина, од затвор може да побегне човек, но од тие измами никогаш“, вели Нобеловецот Андриќ.
Втората претстава се одигра во приватните простории на ДООЕЛ „Јавно Онанирање“, во јавниот промет се користи кратенката „ЈО“. Независната експериментална театарска лабораторија „Скрб и утеха“ ја одигра представата „Мајка на храброста“ од Брехт, мене ми се стори дека ја играат „Чекајки го Годо“. За да остане во дослух со наративот на групата, „експериментална лабораторија“, режисерот презентираше чудна концепција која ги збуни но и насмеа гледачите. Имено, 160 штрумфови и штрумфети, егзалтирани од дадената можност да учествуваат во представата, макар и како статисти, се појавуваа на сцената со суперлативи и нескриено воодушевување зборуваа за неспорните квалитетите како татко, сопруг, син, внук, вујко, тетин, пионер, младинец, мачомен, сексипил...на главниот лик, хиротонисувајќи го во „првенец“ на театарската лабораторија. Но, она поради што публиката „пукна“ од смеа, чудна експириментална концепција на режисерот, е тоа што Главниот лик воопшто не се појави на сцената. Токму мистичноста на главниот лик беше фабулата околу која режисерот ја градеше играта на актерите, морам да признаам дека тоа го направи беспрекорно, што се покажа по овациите од публиката на крајот од претставата. Очигледно задоволен од реакциите на публиката, режисерот вети дека следниот театарски експеримент ќе биде по примерот на императорот кој за сенатор го постави својот коњ. Но, да се размисли, да не биде навреда за коњот!
Оваа претства ја потврди, теза-антитеза, основната тема на „Денови на комедијата“ – Во Македонија има демократија колку што на Марс има кислород!
Третата претстава се одигра на сцената на локалниот, популарно наречен „Градски“, театар. Овде веќе беше друго, се играа дела од домашни автори. Пиесите „Крали Марко ја убива Аждајата“ и „Градски патрдии“. На влегување во салата разбрав дека всушност станувало збор за серијал, затоа беа два наслови, денес ќе се играле 6-тата и 9-тата, ратататата, серија, за да биде комедија не се играа представи по нормален ред. Загрижен дали ќе успеам да се вклучам во дејствието на серијалот, односно дали ќе разберам кој е Крали Марко а кој Аждаја, сепак не е сеедно да се смееш кога другите плачат и обратно, влегов во салата. Поприлично се релаксирав, што би рекле „ми падна камен од срцето“, кога ги видов глумците на сцената следбеници на, гореспоменатите, Гручо Маркс и Бени Хил и уште по некој неидентификуван лик, „се одбор јунаци“. Да бидам експлицитен на сцената беа Марвеловите супер херои, Спајдермен, Химен, Ајрон Мен, Икс Мен, Дердевил, Доктор Стрејнџ, Хулк.....Тогаш се опуштив, доколку и не ја разберам серијата и нејзиниот хумор овде тепачка секако ќе има, нема да можат овие супер херои да се додржат да не се степаат. А тепачка помеѓу хуманоиди секогаш е добар хумор и забава за народот. На сцената се појави Астерикс, очигледно беше дека се напил од волшебниот напиток, беше невидено храбар, наочиглед на сите тој го украде Лонгиновото копје. Така кога не го следам серијалот од почеток, микрофонот бил украден и не бил Астерикс туку Крали Марко а нему не му треба волшебна напитка туку бочва вино. Така, со помош на пријатели, полека почнав да ја факам поентата. Но, некако имав проблеми со глумицата која ја глумеше Аждајата, лош избор на режисерот, мене повеќе ми личеше на Самовила. Да ви признаам во оваа сапуница не можев да прифатам што и прави Крале Марко на невината Самовила. Некако, без сенс за политкоректно, премногу доминираше во представата злоупотребувајќи ги портаблите на кои беше сместен за од висина да ја гледа Аждајата, користеше сила подпомогната, очигледно, од зголемено количество на малигани. Искрен да бидам очекував, мачоменот Крале Марко, во секој момент да ја изнасили Аждајата, потајно очекувајки да ја видам култната сцена од „Поштарот секогаш ѕвони два пати“. Но како и да е, независно од моите лични впечатоци, морам да признаам дека кај публиката имаше невиден успех претставата, смеа до солзи, овациии за главните актери и најважното.... be continuing!
На разни сцени, низ нашето маало, имаше уште неколку успешни комедии, но просторот не ми дозволува сите да ви ги презентирам. „Деновите на комедијата“ ме оставија во недоумица – Што всушност гледавме!? Според теориските расправи комедијата за основа ја има фарсата за нашето општествено живеење, што пак од друга страна ја поистоветува со „Театарот на абсурдот“. Каков ни е животот такви се и нашите комедии. Абсурдот е нашето секојдневие!
ПОУКА!
Внучко, гледајќи го лагодниот живот на политичарите-аграрци одлучив и јас да станам политичар. Каде да научам ако не кај најдобриот, во тоа време, Шарл Де Гол! Се запишав на двонеделниот „Брз курс за политичари“. Поминав две недели „шлаејќи се“ низ Версај, но никаде не го видов она за што дојдов. Скапоцено уредени кабинети, службен автомобил, службена швалерка, раскошни репрезентативни ручеци, рушвет, наместени тендери, само некои сериозни „фаци“ и работа, работа и само работа. Забава заборави! Разочаран, последниот ден, заминав на завршни консултации кај Шарл. Е, Герасимчо мој! Така постојано, во деминутив, се обраќаше кон мене, имаше некоја скриена симпатија кон луѓето од нашето маало. Што научи Герасимчо? Тешко, напорно, премногу сериозно за мој вкус Генерале! Токму така Герасимчо, запомни „Политиката е премногу сериозна работа за да им ја оставиме на политичарите.“
На денот на Светите апостоли од 70-мината, Стахиј, Амплиј, Урван, Наркс, Апелиј и Арестовул
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comments