top of page

МАГЛА

Си бил еден поп, си имал едно куче, кучето му умрело.

На гробот напишал:

Си бил еден поп, си имал едно куче, кучето му умрело......“


Народна тафтологија која многу кажува


Долго време си мислев како најкратко може да се опише нашето општествено-политичко секојдневие. Решив да направам интроспекција низ моите колумни и го пронајдам одговорот. Тоа што постојано се провлекува низ моите колумни, и претставува најкраток одговор на моето прашање, може да се опише како импотентност одозгора - фригидност одоздола. Тоа е односот помеѓу нашата политичка елита и народот, заеднички именител корупција и криминал во корист на сопствената штета – државата.

Импотентност одозгора – фригидноста одоздола „царува“ со државата Македонија од раните 90-ти, поточно од „добивањето“ на независност, ретко кој нешто „добива“ за џабе. Поради ова и се зачудив од реакцијата на некои читатели, кои може да тврдам дека доволно долго паметат, сугерирајќи ми за наводниот мој атак на „личноста и не-делото“ на славниот Тупурковски. Марвеловите херои од почетокот на 90-тите, меѓу кои доминираше Тупурковски, се оние „сејачи на магла“ кои го проектираа денешниот чемер и јад, безидејност, безизлезност, апатија, сиромаштија, морална мизерија, држава без никаков меѓународен интегритет, држава на работ на опстојувањето, народ без идентитет, нација во обид со мали изгледи да се оформи или барем ре-оформи, со оглед на „капацитетот“ на политичките лидерства.

Она што е круцијално за еден политичар, секако кој ја сака државата и својот народ, е да ги препознае геополитичките и економски процеси и се координира-усогласи согласно нив. Во изминатите триесет години ја немавме таа среќа да дојде на власт некој кој ќе ги препознае тие глобални процеси. Да биде трагедијата поголема, моменталните политички дилетанти позиција –опозиција, ај што не можат да ги препознаат глобалните процеси туку со своето однесување уринираат наспроти ветерот, директно нанесувајќи штета на Македонија. Овде нема да ги потенцирам моите писанија за бегалската криза и за украинската криза, како дел од геополитичките процеси, тоа го оставам за некоја геополитичка анализа и на геополитичките аналитичари кои дал Господ ги имаме во доволен број за да се појавуваат по медиумите со разни раскази.

Сакам да му посочам на, оној грлатиот новоосознаен националромантичар, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој, како по навика, го промашува времето и просторот. Моментално на геополитичко ниво е судир помеѓу две политички концепции, неолибералниот глобализам, од една страна, и суверенизмот од друга. За жал по нашиот „лидер“, национализмот не е прифатен ниту во една од двете опции, така што вашето задоцнето романтичарење, кое требаше да го искажете во екот на преговорите за промена на името, референдумското изјаснување по тоа прашање како и „преговорите“ за македонскиот идентитет со Бугарија, во овој миг можат да донесат само ШТЕТА. Знам дека интимно ја посакувате и затоа гледам дека ја предизвикувате!

Прво, на овој начин ја рушите коалицијата чиј предводник е ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека истата за кратко време ќе се распадне со оглед на вашето однесување од позицијата на „големиот лидер“.

Второ, пред меѓународната јавност покажувате дека немате никакви демократски и коалициони капацитети, преку Вас и партијата, со тоа ги минимизирате можностите партијата да ја освои власта во Македонија.

Трето, им одите во прилог, свесно или не, на грлатите бугарски националисти давајќи им аргументи за попречување на нашето членство во ЕУ.

Како што претходно посочив, координирано заедно го копате јазот помеѓу Бугарија и Македонија. Со овие постапки „Лидеру“, или да се изразам по пластично, со вашиот обид за „интелектуално мастурбирање“, „обид“ бидејки ви недостасуваат двата круцијални фактори за да ја исполните оваа синтагма, само го потврдувате Вашето место во друштвото на „сеачи на магла“.

Да ве потсетам, затоа што добивам некое непријатно чувство дека веќе се заборави не-делото на неранимајкото кого никако не смее да го заборавиме, трговецот со македонски реликвии, лицето кое како на Ат пазар го продаде името на државата, идентитетот на народот и Црквата Православна-Македонска. Ветуваше дека, кога веќе ги решил сите проблеми на Македонија, ќе се посветел на економијата и Македонија ќе доживеала невиден развој. Со истата мантра влезе и неговиот наследник „кумановската ќурка“. Производ на нивното заедничко економско делување е Македонија „црна дупка на Балканот“, непотребна ниту регионално ниту глобално. Гасоводите и нафтоводите, кои требаше да минуваат низ „папокот на светот“, целосно не заобиколија, поминаа низ Бугарија и Грција. Коридорот 8, главната артерија на Балканот, го зазеде патниот правец Драч-Приштина-Ниш-Софија-Варна, ова е одлука на ЕУ за која нашите „сеачи на магла“, Марвеловите херои, ќе не информираат кога ќе се заврши Коридор 8 во Македонија, односно никогаш. Коридорот 10 запустен, обраснат во трева, заборавен на никого не му служи.

Не можејки да земе од азното народно, кое претходно го поделија „фамилиите“ и по некој министер од неговата „нова“ влада, „новиот“ премиер се реши сам да си земе од преостанатото азно. На помош ги повика, во неговиот кабинет, поглаварите на трите најголеми верски заедници да се молат за него (да не е жалосно би било многу смешно), изговор беше неговото заминување во Брисел. Иако ова не ми е многу јасно, сепак испадна дека молењето всушност било за неговата фирма, која се занимава со производство на фото-волтаични панели, за да го зголеми финансиското конто. Па така, „кумановската ќурка“ без да ја праша или барем информира јавноста, го отфрли предлогот на „клетите Кинези“ да изградат карго аеродром на местото каде веќе е проектиран таков објект. Може само да си претпоставиме што би значел таков инфраструктурен објект за Македонија, каков финансиски бенефит, целата стока од Кина преку Македонија да оди во Европа, а нашите земјоделски производи да стигнат за два дена од нива на пазарот на далечниот Исток или секаде низ светот, нешто за што други земји само сонуваат. Но не, „кумановската ќурка“, која се представува како Премиер, реши дека на тој простор е подобро да се изгради фото волтаичен парк со, нормално нели, неговите панели. Така што додека уште целото „пучанство“ не го ни запознало тој веќе „влета“ во друштвото на „сеачите на магла“.

Како контрапункт на марвеловите јунаци „сеачи на магла“ од 90-тите па досега, а токму на конто на Кина и нејзините „неразбирливи“ симпатии кон Македонија, ќе Ви посочам еден малку познат факт од Македонската историја, кој покажува дека во Македонија не виреат само „сеачи на магла“. Македонскиот народ од секогаш имал личности со кои можел да се гордее и да остават траги во светската историја.

Со самите почетоци на „комунизмот како светски процес“, посебно по Втората Светска војна и кризите во социјалистичкиот блок: Унгарија 1956, Чехословачка 1968, Полска 1980, светските процеси се движеа по специфични траектории, за многумина невидливи. Интелектуалците од целиот свет се натпреваруваа кој ќе ги предвиди идните настани, еден дел пак до степен да најде решение за осовременување и опстојување на новите комунистички, еднопартиски, политички процеси. Комунизмот пропадна, а со тоа и СССР како синоним на комунизмот. Наспроти тоа денес сме сведоци на неверојатниот растеж на „комунистичка“ Кина, од економско-технолошки заостаната држава до, според многумина, прва економија на светот. Многумина ќе бидат изненадени од податокот дека во темелите на создавањето на оваа велесила е вграден македонски ум, поточно умот на социјалистичките теоретичари, Македонците Мито Хаџиваслев – Јасмин и посебно Александар (Сане) Грличков. Нивните теоретски расправи за проблемите на социјализмот и научните трудови на Грличков за можноста на спој помеѓу еднопартизам и пазарно општество со приватна сопственост, се основата на кинеската стратегија за развој на кинеската држава до денешно ниво. Сите книги на овие Македонци, наша гордост, биле преведени и објавени во Кина.

Бидејќи Кина, во тоа време, не била потписник на светската декларација за авторски права не можела да им исплати авторски хонорари на Грличков и Хаџивасилев. Поради ова, во знак на благодарност, Александар Грличков, од страна на Денг Ксиаопинг, бил поканет да ја посети Кина во 1977 год. Со почести како Претседател на држава три недели со сопругата престојувале во Кина. Можеби ова е причината за благонаклонетоста на Кина кон Македонија, наспротив експериментот Тајван реализиран од нашите „сеачи на магла“.

„Ние со својата политичка акција мораме да создадеме чувство дека можеме да ја совладаме својата судбина, да ја надминеме опасноста од чувството на немоќ која е всушност закана за нашата внатрешна и меѓународна положба“ – така глаголеше Грличков.

Пепелта од урната на Грличков, која беше истурена во Вардар во ноќните часови на 18 август 1989 г. од мостот за пешаци зад зградата на владата, по барање на Грличков „за последен пат да прошетам низ Македонија“, сеуште се движи низ Македонија подсетувајќи не кој сме, што сме и обврзувајќи не на заветот кон дедовците.

........

„Внучко си седиме со Мао на терасата од „затворениот град“, а пред нас Тјенанмен, голем како две наши авлии, не можеш крајот да го видиш. Пиеме од онаа нивната ракија, не ми се допадна многу, ракија па од ориз, но што е тоа е, и си глаголиме за разни секојдневни нешта. Геополитика пред се, многу љубопитен човек тоа Мао, се ме распраша за нашето маало. Токму во тој момент претрчаа неколку мачки, тоа беше во нивната година на мачките, така јас ја викав, а тие велеа дека е година на тигарот. Која мачка ти е поубава Герасиме, црната или белата? Уморен од два дена пешачење по нивниот ѕид, едвај успеав да го изодам, бев изненаден од прашањето, па му велам. Чуј Мао кај нас во маалото важно ни е дали мачката фаќа глувци, а не дали е бела или црна. Така му реков внучко.“


Во втората подготвителна недела пред великиот пост (неделата на блудниот син)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов


П.С. Се извинувам на сите вас почитувани читатели за ненамерната грешка на крајот од минатонеделната колумна. Минатата недела беше неделата на Митарот и Фарисеот.

Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page