top of page

На бездер

(или за тоа како Мицкоски го внесе и одржува во хаос ВМРО-ДПМНЕ)


Кованицата од зборови (турцизми и македонски) што е наслов на колумната е всушност кратенка од „без дерман“ или без мир-спокој која често во секојдневниот говор се употребува во Куманово и Кумановско кога сака да се долови континуирана состојба на вознемиреност, немање спокој или едноставно состојба на хаотичност.

Сега, некои мои драги пријатели повторно ќе ме критикуваат дека не треба да се обидувам постојано се да дообјаснувам. Но, во исто време други мои пријатели и читатели ќе кажат дека е добро да објаснам, бидејќи во некои од претходните колумни сум испратил многу пораки кои дури и не ги разбрале. Се согласувам и со едните и со другите. Тоа не треба да се разбере како снисходливост или пак избегнување конфликт на интелектуално ниво, едноставно потполно свесно ги креирам колумните според моите чувства, моменталната политичка состојба, влијанието во јавноста и особено тоа во кој даден контекст и кон кого треба да биде насочена колумната.

Така, драги мои, оваа колумна е насочена кон членството на партијата и има за цел покрај појаснување на политичкиот хаос кој го создаде Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ, да појасни зошто целата партија, сите нејзини членови се во нескопој или на бездер, во полна неизвесност за идните политички случувања, а со тоа и за иднината на партијата и татковината.

Деновиве имав убава можност да се видам со наши членови на различни партиски нивоа од повеќе општински комитети низ Македонија и пократко или подолго да се задржам со нив во убав пред се пријатен разговор како со партиски пријатели и истомисленици (пред се идеолошки – вмровски). Тоа што го забележав е изразен неспокој, немир и премореност од постојаната тензичност која ја наметнува Мицкоски со дел од партиското раководство. Изразено незадоволство од непродуктивните политики на Мицкоски и пред се нејасност за идните политики, а на прво место е прашањето за уставни измени и внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија.

По ова прашање јас мојот став и ставот на Фракцијата го изнесов јавно и децидно во моето гостување на Инфомакс и тука нема што да се додаде. Проблемот, ако тоа може да го дефинираме како проблем иако јас го детерминирам како неспокој – бездер во кој се наоѓа континуирано партијата, а тоа се нашите членови е токму во неизвесноста од епилогот на оваа сага во која ВМРО-ДПМНЕ е внесено и продолжува да опстојува поради Мицкоски.

Кога некоја чисто политичка тема ќе се одлучите да ја „секурититзирате“ односно да ја подигнете на највисоко безбедносно-политичко ниво до степенот на „да се биде или не“ животоважно прашање за народот, треба да сте подготвени истата таа тема и да ја де-секуритизирате. Низ процесот на политичкиот дискурс и неговата промена и соодветен наратив да им објасните на македонските граѓани дека таа политичка тема-прашање повеќе не е од животно значение за нацијата и државата, а при тоа да не ја пренасочите негативната енергија која самите сте ја предизвикале кон сопствената политичка опција.

Ве молам ова да не го разберете како поука за Мицкоски. Едноставно целта е да појаснам како е потребно од овој хаос и секуритизација ВМРО-ДПМНЕ да излезе неоштетено. Мицкоски нема шанса да преживее политички, впрочем како и неговото непосредно раководство кое на крајот потполно го изгуби политичкиот кредибилитет да го води ВМРО-ДПМНЕ и да претендира на тоа да ја води Македонија кон ЕУ. Причината за политичката смрт на Мицкоски е самиот тој и политичко-олигархиските групации кои го насочуваат да води уништувачка политика пред се кон ВМРО-ДПМНЕ. Но, знаејќи дека ВМРО-ДПМНЕ е голема политичка партија и структура која во овој момент е само во најголем дел пасивизирана и дезорјентирана, политичката штета ќе ја поднесе исклучиво Мицкоски и дел од неговото раководство.

Од тука, вината за политичкиот хаос кој преку прашањето за уставните измени и Бугарите го носи исклучиво Мицкоски и дел од раководството и клиентелистите и полтроните околу него кој патем кажано тој самиот си ги одбра и постави да одлучуваат за партијата, нејзините членови, а преку овие хаотични политики и за целата татковина Македонија. Тоа се случува токму сега кога со државата раководи една вака неспособна и криминализирана влада, а Мицкоски не е во состојба да го турне од власт Ковачевски. На оваа состојба во ВМРО-ДПМНЕ особено се радуваат од СДС криминално. Дури и нивни локални раководители се радуваат на нашата немоќ и буквално велат: „Иако сме никакви, особено на локално ниво што се забележува и со лошиот рејтинг на сите анкети, додека е Мицкоски и ова раководство ние не се плашиме дека ќе паднеме од власт“.

Ете затоа хаосот кој Мицкоски го направи во ВМРО-ДПМНЕ особено во однос на клучни политички прашања за процесите на Македонија кон ЕУ ќе се одразат врз продолжена стагнација на партијата. За тоа не се виновни членовите ниту пак претседателите на ОК. Тие своето го кажаа на локалните избори и покрај малата излезност (катастрофална за ВМРО-ДПМНЕ) што укажува на генерално изгубена доверба кон партијата, успејаа да го победат СДС криминално и да ја освојат локалната власт. Дали им се погодени градоначалниците и како тие сега работат е друго, бидејќи и нив не ги избра членството туку Мицкоски. Некои од нив пружаат отпор на притисоците од Мицкоски знаејќи дека ќе бидат измамени па дури и доведени во ситуација да бидат под кривичен прогон во иднина, а кај некои како што е случајот со Данела Арсовска дојде до отворена војна на јавна сцена со најприземни однесувања кои само дополнително ја де-факторизираат партијата.

Сепак, Мицкоски ќе го изгуби потполно кредибилитетот по уставните измени кои се чинат неминовни, но познавајќи го ќе се обиде да опстане на местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ, божемните муабети дека до крајот на годинава, во почетокот на следната година или денес-утре ќе се повлечел од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ ги сметам исклучиво за пропаганда со цел замајување на незадоволното членство. Веќе кажав дека без одобрение од оние кои го поставија на тоа место нема да си замине пред да си ја заврши задачата за уривање на ВМРО-ДПМНЕ. Изјавите кои при моите разговори ги слушнав од нашите членови и партиски функционери на локално ниво дека доколку се случи да има уставни измени со поддршка на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ (а како поинаку, само ќе видиме дали целата пратеничка група ќе пристапи кон тоа), тие ќе се повлечат од политичката активност и партијата, се сосема погрешни.

Јас јавно ве охрабрувам сите вас да не го напуштате ВМРО-ДПМНЕ и своите партиски позиции на локално ниво при ваков епилог на уставните измени. Не постои ваша вина за тоа па преку вас Мицкоски да се чисти за сопствените политички глупости и згора на сѐ да продолжи со хаосот во партијата. Одамна ви кажав дека неговата цел е да го урне ВМРО-ДПМНЕ. Првата фаза со де-факторизација на партијата успешно ја спроведе така што во моментов никој за ништо не нѐ прашува како партија. Втората фаза е потполн хаос и деструкција во партијата и нејзино уништување.

Тоа ќе го постигне доколку токму поради неговите грешки вие ја напуштите партијата што е погрешно. Вината ја носи Мицкоски и само тој и неколкумина околу него треба да заминат од партијата. Нивната вина е во тоа што го лажат Централниот комитет, членовите на Општинските комитети и сите членови на партијата, прикажувајќи им лажна состојба за политичките состојби и позицијата на партијата, а при тоа обидувајќи се да остават простор дека самите тие не се виновни за овие лаги. Вината кај членовите на партијата, а пред се кај членовите на Централниот комитет е во тоа што безусловно веруваат на лагите на Мицкоски, но тоа е личносна вина што дозволиле да бидат измамени.

За да замине Мицкоски и виновниците за ваквата состојба во ВМРО-ДПМНЕ веднаш и неодложно е потребно да на првата следна седница на Централниот комитет се постави прашањето за довербата кон Мицкоски и објаснување на смисолот за водење на политика на де-факторизација на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, потребно е Централниот комитет да постави прашање за тоа дали Мицкоски е подготвен да ја смени политиката на ВМРО-ДПМНЕ и да ја демократизира партијата со промена на Стратутот на партијата, како што допираат информации дека самиот тој тоа го нуди на нашите партнери од меѓународната заедница, а со цел да опстане на својата политичка позиција.

Анализирајќи ги овие политички неопходни потреби на ВМРО-ДПМНЕ во контекст на политичките еквилибристики на Мицкоски, се наметнува потребата од нивно објаснување. Секако ова објаснување треба да биде поедноставено за да може сите наши членови да ја разберат перфидната игра на Мицкоски.

Тоа објаснување е едноставно и сите вие кои сте имале некаков политички контакт со Мицкоски доколку се преиспитате себеси и тоа што ви го има кажувано и ветувано лично или начинот на кој со вас има комуницирано особено во однос на кадровските решенија ќе дојдете до едноставниот заклучок: „Мицкоски е измамник и манипулатор кого го водат единствено личните лукративни цели“: Ова е најкраткото објаснување на политички неталентираните и намерно де-факторизирачки чекори за ВМРО-ДПМНЕ кои тој ги прави.

Запрашајте се самите пред себе колку пати ви наметнал некое негово кадровско решение, а ги има безброј за да потоа при очи и здрав памет ве убедува дека тоа е ваше решение, а не негово. Ние од Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ имаме потполно разбирање за не-реакциите на претседателите на ОК, посебно оние од внатрешноста кои не ги смета за блиски и во кои самиот Мицкоски нема никаква доверба. Разбираме дека кога Мицкоски неговите решенија ќе им ги наметне и претстави како нивни не реагираат најпрво од збунетост, бидејќи таква подлост и перфидност не очекуваат од претседател на нивната партија ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и самите не веруваат дека е тоа така па им треба време да се преслушаат што тоа овој ги изманипулира и ги доведе во непријатна состојба, за да на крајот се зачудени како да реагираат на ваквите перфидности. Секако, во еден недемократски амбиент и состојба во која при лични средби и ваква манипулација, потполно свесни дека јавната манипулација може да биде уште полоша за нив, повеќето од нив ќе премолчат и ќе поминат преку оваа и ваква манипулација и префрлање на вина.

Токму тоа е идејата на Мицкоски, и откако „како попче“ ќе прифати уставни промени со цел внесување на Бугарите во Уставот на Македонија по што во политички смисол ќе биде еднаков на ветувањата кои ги даваше Заев на времето. Свесен за тоа Мицкоски има само едно решение, а тоа е вината да ја префрли на сите членови на партијата, а посебно врз членовите на Централниот комитет за да создаде состојба на колективна одговорност од која тој ќе излезе неповреден (политички), а ВМРО-ДПМНЕ урнисано.

Затоа драги мои сопартијци, особено членови на Централниот комитет, немојте да бидете на бездер, бидете спокојни, затоа што погрешните политички одлуки на Мицкоски и некои околу него „потврдени“ на Централен комитет со заседание од 20-тина минути без дискусија, не се ваша директна вина. Сите вие заедно со сите нас членовите на партијата сме достојни членови и носиме одговорност за своите постапки до нивото на кое се наоѓаме, а Мицкоски и дел од раководството треба да понесат одговорност за стартешките политички одлуки со кои го де-факторизираа ВМРО-ДПМНЕ, внесоа хаос во партијата и истиот континуирано го продолжуваат и не ставија на бездер.

Решението за излез од хаотичната состојба и бездер е во силата и храброста на членовите на Централниот комитет и ви го посочив погоре. Едноставно е, на седница на ЦК да му поставите неколку прашања на кои ќе барате одговор веднаш, а при тоа да не се плашите од неговите реакции против вас, туку да размислувате за тоа дека вие ги претставувате вашите членови од ОК и дека пред нив ќе треба да дадете образложение за стратешките политики кои ви биле „кажани“ на ЦК. Подоцна само на наша штета ќе биде вашето заминување од политиката поради грешките на Мицкоски. Сега е времето за реакција и поставување прашања за вие да не бидете на бездер.


На денот наПреподобен Сава Освештен


Вонреден професор д-р Оливер Андонов




コメント


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page