top of page

Наменско-заменски фигури

За шахот велат дека е најстара апстрактна стратешка игра, но без скриени информации. На 64 црно-бели полиња двајцата противници со по 16 фигури се натпреваруваат кој кого ќе надмудри, односно матира. Во стратешката игра фигурите се трошат безмилосно, во зависност од стратегиските потреби или пак моќта на фигурите. Секако фигурите си имаат сопствена употребна вредност, но понекогаш и најмалку моќната фигура, како пионот, знае да биде од круцијално значење за стратегијата на шахистот. Секоја фигура има своја намена но и замена.

Политиката е шах и многу често фигурите, на политичката шаховска табла, се во каузален однос со стратегијата на големите играчи и нивните потреби и интереси. Можеби и поради ова, еден од најголемите политички стратези, Збигнјев Бжежински своето најпознато дело го нарече „Големата шаховска табла“. Да не навлегувам многу во елаборација на делото сепак би посочил дека делот кој се однесува на иднината на Македонија не е, благо речено, многу „розов“. За споредба кога говори за состојбите на Блискиот Исток, Бжежински го користи терминот „балканизација“. Што само по себе многу кажува.

Основно, како што веќе ја посочив наменската и заменската улога на фигурите таква е и улогата на политичарите на Балканот, а Македонија е еклатантен пример за тоа. Тие се во улога на наменски фигури кои одкако ќе си ја завршат својата улога преминуваат на ниво заменски. Како би рекол народецот наш им поминал рокот на користење. Погрешно е да се помисли дека играчите ги редат поставуваат и движат политичките фигури па по пат неминовно ги трошат. Во основа тоа е поради квалитетот на материјалот од кои се создадени, обично тоа се безрбетници, анационални, аполитични, со високо ниво на коруптивност, со изразен тривијален простаклук, неграмотност (формалните-купени-подарени дипломи не се сметаат како доказ за грамотност). Имено овие фигури никогаш со ништо не ја заслужија почита на големите мајстори на играта, сѐ прифаќаат без задршка гледајќи го пред се својот лукративен интерес, кој секогаш е дел од организирана форма на криминал и во тие рамки нивна лична заработувачка и „заштита“. Почитта единствено може да се добие кога ги застапуваш интересите на својот народ, својата држава и тоа е единствениот начин да станеш политичка фигура, без епитет наменски-заменски.

Случувањата, во последните недели, на нашата политичко-олигархиско-криминална сцена го потврдуваат претходното. Политичко-олигархиските структури кои влегоа во политиката со намера да го зголемат своето конто во Швајцарија, САД, Чешка, Русија, Грција, Дубаи и незнам уште каде, па поради тоа ветуваа се и сешто, секако на штета на македонскиот народ и држава, од наменски влегоа во просторот на заменски. Да не бидам погрешно разбран наменско-заменските политички фигури се присутни и „владеат“ со Македонија од самостојноста до денес. Првите наменски фигури се наметнаа веднаш одкако ги изгубија првите слободни повеќе партиски избори. Искористувајќи го неискуството на победниците, се наметнаа со ветување дека ќе спроведат трансформација од еден во друг политички систем. Наместо трансформација, што беше сулудо и да се помисли дека тие тоа го можат, а не пак да им се поверува, го направија грабежот на векот. Нивните заменици повторно ставајќи се во улога на наменски политички фигури, ветуваа промени, но само го продолжија грабежот. Потоа дојдоа фигури кои требаше да ја внесат Македонија во евро-атлантските интеграции, повторно наменски и повторно само грабеж. Заменските фигури дојдоа на посебно уникатен колоритен начин, со намена за решавање на круцијалните прашања за Македонија. Во нивен стил подмукло и криминогено ги „решија“ проблемите доведувајќи ја државата во „пат“ позиција. Секако пропратено, како и претходните искористувајќи ја својата наменска улога односно благонаклонетоста на меѓународните „играчи“, ги надминаа своите претходници во грабежот. Но, во времињата конфузни полека испливуваат на површина „баксузите“. Колку и да е инфициран системот со корупција, сепак тој мора да се бори да опстане, посебно кога станува збор за автоимуна болест.

Главните фигури на шаховската табла, полека но сигурно доаѓаат на работ од црно белата плоча кога треба да бидат заменети. Но овој пат, поради примерот на наменските фигури, не можат да поминат заменски-наменски политички фигури со сопствени лукративни цели. Не фигури туку мора да дојдат, личности со сопствен кредибилитет и интегритет, заложници на македонската кауза на македонската државност.

Замената (онаа дефинитивна) е неминовна и за главната фолк-поп пеачка „Зоке национале“, чија што актуелна заменско-наменска фигура таканаречен Премиер на Влада на Македонија очигледно не може да ги исполни дадените ветувања околу заштитата на името и делото на „Наш Зоќе“. Така, „Црпко“ чувствувајќи дека над главата му виси „Дамоклов меч“, се обрати за помош кај своите работодавачи кои му организираа овации на конгресот на „Сириза“. Да не е жалосно би било многу смешно, Зоќе стигматизиран кај своето племе се обидува да „носи јајца“ во туѓ двор, со што само ја допотврдува својата предавничка наменска улога и го зголеми анимозитет кон себе кај Македонците. Распродавајќи ги националните интереси тој распродавал и се друго во кое имал личен интерес, како што е „Градската куќа“ заедно со неговата „пијана“ ведета Шилегов. Секако за Зоќе останува се помалку простор за дишење со постапките против неговите „омилени“ обвинители и „заштитници“ на „перење пари“. Но Зоќе овие и некако може да ги „проголта“, но рушењето на коалицијата ЗММ е веќе проблем. Во таа трмка лежи зајакот!

Коалицијата ЗММ беше наменски создадена со големи ветувања, кои делумно ги исполнија, но тоа го направија така трапаво што цел свет се изнасмеа, ним секако, а бога ми и нам заради нашиот избор на наменски политичари. Коалицијата беше пред се, според нивната математика, да се задржат и надоградат криминално здобиените богатства, секако штетата врз македонскиот народ и државата беше колатерала во функција на личните задоволства за себе и „фамилиите“, проектирани да траат век и веков. Главната фигура (очигледно крал), „spiritus movens“ на коалицијата ЗММ, егзалтиран од своето богатство и моќ заборави да направи „рокади“ или барем „дамин гамбит“, играјќи на стара слава се најде во позиција да ја изгуби партијата шах. Можеби и тоа немаше многу да го трогне доколку губењето на шаховската партија не значеше пораз и за неговата „фамилија“ односно да се изгуби целото богатство кое со толку „труд“ го спечали. Верувам ќе се согласите, драги читатели, дека за „стекнување“ деветонулни сметки по странските банки, ексклузивни хотели, казина, куќи, луксузни автомобили, скапи часовници и гардероба од најлуксузните светски брендови и бутици, бара многу труд....и помалку или повеќе власт. А гладниот народ? Веќе Ви реков тој е колатерала за наменските политичари.

Она што дава ексклузивитет на македонската партија политички шах е третата фигура од коалицијата ЗММ, доколку претходните двајца беа Крал и Кралица ова секако е фигурата Коњ.

Патем, една од најинтересните фигури на шаховските табли со широк дијапазон на движење, си скока, де лево де десно, па на запад па на исток, те на север те на југ, задскриен зад пионите, невидлив но сепак доволно моќен според сопствено убедување, си скока а ваму, а таму, во реалноста без ефект. Оваа фигура, која своето место, наменски политичар, го доби поради потребите на претходните двајца посебно „шефот на фамилијата“ од кого и беше октроиран на местото Коњ, е она што и дава посебна специфика на македонската шаховска табла. Имено обично низ цивилизираниот свет треба да заиграш на таблата па потоа да те „трампаат“ како заменски или ја одработиш твојата наменска роља. Но, да ја реализираш целата своја политичка наменска улога како опозиција, тоа досега не е забележано во светската шаховска енциклопедија. Оваа фигура, од коалицијата ЗММ, за волја на вистината добро си ја наплати својата наменска улога на спотер во политичките и криминални движења на останатите двајца од коалицијата. Немајќи можност да ја промени својата фигура, тешко оди од Коњ да се трансформираш во Кралица или не дај боже Крал, можеби во Лафонтеновите басни, губејќи го „сидрото“ во коалицијата ЗММ кое го држеше на површина и кое му даваше причина за постоењето, се реши да заигра, но повторно како и многупати досега со погрешна стратегија, избирајќи „сицилијанска одбрана“. Наоѓајќи се на крајот од таблата подготвен за замена се реши да покаже заби, но како вели народот наш „на поклонет коњ не му се гледа в заби“, односно тој нема цена неговата употребна вредност е потрошена. Сепак надежта последна умира, без квалитети за некакви реални активности ја запеја „лебедовата песна“, ќе одел на протести, но му требале партнери. Чудно обично на протести се оди заради реализација на некоја идеја, остварување на некое право. За жал по сите нас, можеби за среќа, „лидерот“ никогаш немал идеи и ставови, па така песочниот часовник безмилосно му протекува, стисокот на анакондата околу вратот на последниот од коалицијата ЗММ, лидерот на опозицијата, заменско-наменскиот политичар се гуши, нема здив. Веројатно затоа сега за некои наши домицилни будалаштини ќе се разочарува и во меѓународните институции кои според неговите перцепции втемелени на принципот „како Мали Ѓоќица го гледа светот“, треба да се вмешаат во локалните дневно-политички глупости, за да му го олабават стисокот. Веројатно и ќе го направат тоа за да не го разочараат??? Сигурно, гарант, нели.

Време е наменските политичари од структурата на политичко – олигархиската „елита“ да си заминат и Македонија конечно да дочека личности политичари кои ќе ги бранат македонските национални интереси и создат општество благопријатно за живеење на сите граѓани на Македонија.

Дедо Герасим – Што да ти кажам, ме остави без зборови па тоа биле легенди на криминалот. Но, и легендите умираат зарем не!?


Во шестата недела од Великиот пост (Неделата на влегувањето на Господ Иисус Христос во Ерасулим – Цветници)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов


Comentários


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page