top of page

НЕЗНАЈНИОТ

„По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици,

ако имате љубов меѓу себе“

(Јн.13,35)


Секој роденден Господ ги повикувал неговите 12 добродетелства - чиноначалнилчки (верба, надеж, љубов...) заедно да го прослават роденденот. Роденден како и секој, богата трпеза, весели гости мезат, пијат и разговараат меѓу себе. Но две, кои постојано седеле една до друга, никогаш не разговарале, дури седеле свртени грб со грб. Така тоа траело со години, децении, векови... Еден ден Господ им рекол – Ајде Вие двете, што постојано седите една до друга, а никогаш не разговарате, станете и претставете се да видиме што зло си сторивте една на друга, та не сакате очи да си видите. Станале и се претставиле, едната била Доброчинителството другата Благодарноста.

Ова, парафразирано, писание на Достоевски мислам дека во време на пост и молитва е соодветен вовед во една колумна. Голем грев, за мене, би било да Ве оптеретувам со небулозите на „новите македонски дворјани“. Поточно не би сакал да влезам, со коментирање на нивните инфантилни, малоумни изјави и постапки, во клопката на нечестивиот (натемаго пу, пу, пу...скраја де е). Самиот Господ наш Иисус Христос го посочи постот како основно средство за борба против ѓаволот, „овој род со ништо не се истерува освен со пост и молитва“. Независно дали гледате на постот како на своевидна диета, за да ја намалете тежината, религиска обврска или како духовен пристап, основно е да го почитувате духовниот, моралниот пост, односот „кон ближниот свој“. Како би рекол Старецот „во време на пост и месо јадете, само не „јадете“ се меѓу себе“. Токму во ова и ја гледам филозофската мисла на Достоевски за односот на Благодарноста и Доброчинителството. Знам дека е многу тешко да се свртат овие две добродетелства, погледнат в очи и почнат да разговараат меѓу себе, но обидете се да го изговорете оној тежок, мислам дека е странски, збор – Благодарам.

Посебно Ние, народот македонски, треба да се свртиме кон нашите предходници и да им речеме Благодарам, не мислам овде на плеадата, со право или не, митологизирани наши историски личности туку мислам на оној НЕЗНАЈНИОТ. Оној кој го носи вековниот товар, православниот и национален апологет, кому многупати крстот му беше несоодветен, тежок за неговите нејаки плеќи, но тој продолжуваше да го носи. Нему Благодарение ги преживеавме сите голготи, а живееше и во Византија, Румелија, Јужна Србија, Голема Бугарија но опстана и го сочува името идентитетско - Македонија. Војуваше и гинеше во разни војни, во најголем број туѓи, но не потклекна го сочува заветот на дедовците. Егзодуси, протерувања, раселувања, но опстојувањето е неговата етногенетичка вредност, никогаш не дозволи да се загуби неговиот цивилизациски идентитет. Верувам дека ќе опстои и во оваа современа небитнина, која најмногу го „погоди“, ја почувствува како нож во срцето, така е скоро секогаш кога твоите најблиски ќе те предадат посебно родот твој, и ќе го исчисти образот, поврати наследството вековното име и идентитетот. Преживеа тој разни поробувачи, до оние современите, транзициските олигарси и политичари, кои го претворија во транзициска колатерална штета, одземајку му се што поседуваше доведувајќи го на питачки стап, принудувајќи го повторно да се иселува од родното огниште. Пост и молитва!

Македонскиот ДНК не се покондираните, декадентни, турбофолк новобогаташи, нашиот ДНК е тој вековниот НЕЗНАЈНИОТ, нему треба да му кажеме Благодарам. Во патетичниот, како го нарекуваа странските патеписи, Дизниленд се создадоа безброј споменици на знајни и незнајни, наводно некогашни наши, македонски, владетели. На новите дворјани им требаше идентитетска врска, свесно влегувајќи во туѓи расправии, изградија споменици, фонтани, триумфални порти, карусел се со цел, како и оној несреќен Херострат осуден на заборав, да некако „влезат“ во историјата македонска. А, за тоа им беше потребно многу малку, доволно ќе беше доколку поставеа еден обелиск (столб) од, надалеку прочуениот, прилепски мермер и го посветеа на НЕЗНАЈНИОТ МАКЕДОНЕЦ. Па кога ќе доаѓаа странски представници ги носеа и се поклонуваа на НЕЗНАЈНИОТ МАКЕДОНСКИ ЈУНАК. Не само што не создадовме вакво обележје, туку и она кое беше во спомен на оние НЕЗНАЈНИ мајки и деца кои беа протерани од своите вековни огништа, споменикот на „Децата бегалци“, повторно некои наследници на Херострат, го осквернавија, нагрдија, уништија.

Наспроти некои современи псевдоисторичари, за кои историјата е нешто што одамна поминало и за кое не треба да се расправа, туку да се гледа во „светлата ни иднина“, за мене историјата е вечно актуелна, вечно жива и вечно продуктивна. Но, потребно е голема мудрост за да се осознае дека историските истражувања не се непотребни нешта туку правец за поглед кон иднината. Според Тојби историјата е циклична, се врти во круг. Односно треба да се разбере Аристотел „Иднината е слична на минатото“. Нема да навлегувам во метафизички расправи, сепак тоа е работа на историчарите, но и мене не ми е туѓо поради карактерот на моите научни интереси. Аристотел вели слична не иста, формата е слична, но суштината е иста. Вистинските историчари ги почитувам беспоговорно, тоа се луѓе кои умеат да го слушнат „шепотот на историјата“, историјата секогаш нешто подшепнува. Нејзиното шепотење никогаш не се однесува на минатотот туку за сегашноста и иднината. Можеби поради слушањето на шепотот, новосоздадените псевдоисторичари ги сметаат историчарите за, благо речено, чудни луѓе. Секогаш кога ќе ми дојдат до раце и ќе навлезам во некои стари македонски архиви, било да е во Стамбол, Софија, Ватикан, Москва, Виена, Белград... го слушам шепотот на историјата, шепотот на НЕЗНАЈНИОТ МАКЕДОНЕЦ.

Драги пријатели тому поради шепотот на НЕЗНАЈНИОТ МАКЕДОНЕЦ, а тоа сме сите ние во минатото, сегашноста и иднината, Ве замолувам.

Во деновите исполнети со пост и молитва, обидете се во себе да го пронајдете личното, заедничкото, општото само така ќе успееме да опстоиме, поврзувајќи ги трите основни интереси и вредности.

А Ти, Дедо Герасиме, го слушаш ли шепотот на историјата? - „Знаеш, внучко, понекогаш имам проблеми со мојот хедонизам. На сон ми доваѓаат чудни НЕЗНАЈНИ ликови, се некако облечени како војводи, партизани, селани, граѓани, морници ми поминуваат низ телото кога ги слушам – Герасимеее...Ти...Ти...Што јас, што Ти? Јас го положив мојот живот во непознатата гробница на Македонија. ШТО НАПРАВИ ТИ ЗА МАКЕДОНИЈА?“


Во првата недела на Великиот пост (неделата на Православието)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Comentarios


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page