top of page

Нели ти реков да не чудиш

Е, нели реков де.


Реков и не пореков. Кога наназад драги мои ви пишував за неспособноста на нашите политички актери наречени власт и опозиција и двете импотентни кои создаваа фригидност кај народот оневозможувајќи било какво општење, некои беа скептични, а други пак ми укажуваа на вулгарноста. Им благодарам на сите оние мои пријатели кои ги следат колумните и кои ми укажуваа на мојата „вулгарност“, но очигледно дека токму таа вулгарност проста-како проститутка беше начинот за будење на македонските граѓани во нашата грда реалност, а поради што сум исклучително среќен. Благодарен сум им и на скептиците кои не веруваа во тоа што го пишував, односно на тоа на што укажував, бидејќи повторно сега за нив пак, будењето дојде по којзнае кој пат нагло, преку удар со главата в ѕид. Уште недостасува да лаат на ѕвездите и се да биде на свое место. Одамна ви кажав дека и за власта и за опозицијата важи единствено „царот е гол“. И гол е дури и без смоквин лист меѓу нозете, а таму пак нема што да се види за да има Bonus penis pax in domus. Е нема, затоа што абдалите упорно како лајт мотив имаат и единствено имаат како да се богатат на грбот на сопствените граѓани и да ја крадат нашата Македонија. Како параван за таа своја клептоманија ги користеа НАТО, САД и ЕУ, обвинивајќи ги нив за сите несреќи кои токму тие со својата импотентност ги нанесоа врз македонските граѓани. На тој начин во еден долг период се создаде голем евроскептицизам и анти НАТО расположение кај македонските граѓани. И сега, нашите партнери од НАТО и ЕУ се зачудени зошто е толку голем про рускиот наратив во Македонија и тоа токму во моментите на глобални и геостратрешки поместувања кои ќе го рекомпонираат светот.

Одговорот е едноставен, а лекот? Не, не повторно за лековите, доволно набројавме во минатата колумна, подобро да започнеме да ги применуваме истите.

Секако, одговорот е дека нашите сојузници во НАТО и ЕУ не треба да ги прашуваат македонските граѓани за нивните перцепции, туку треба да ги прашат оние кои ги создадоа тие перцепции како такви, како се создадоа истите, односно да ги повикаат на одговорност. Одговорност не само заради Македонија, туку и заради тоа што овие политички „елити“ за личен интерес нанесоа штета врз угледот на НАТО, САД и ЕУ. Спасот за Македонија е во расчистувањето со корумпираните, криминализираните и компромитираните политички елити, а не во анти НАТО или про Руско расположение на граѓаните. Тоа може да се постигне, но токму за да се постигне, а воедно за да се измие нечистотијата и да се смени перцепцијата своја одговорност и клучна улога имаат НАТО, САД и ЕУ, кој пак добро знаат кое е решението, тоа се именува со „замена на постојните политички елити во сите политички партии во Македонија“. Веројатно дека ова решение е решение и лек и за други земји во регионот како што е на пример нашиот источен сосед, затоа што, „ММЕ кој прв почна“.

Додека нашите партнери и сојузници се чудат на толку енормното про Руско расположение во Македонија, нашиот источен сосед, наш сојузник во НАТО и членка на ЕУ каде што од други соображенија исто така е енормно про Руско расположението, нема намера да ја смени својата политика кон Македонија во однос на почетокот за преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Во исто време, додека нашите сојузници се чудат на големото (како што велат 80%) про Руско расположение во Македонија, во јавност излегуваат последиците од времето на владеењето на архиизмамникот Заев, односно личните негови бенефити, како тоа дека син му станал сопственик на фирма за производство на електрична енергија (успешен некој дечко со 18+ XXXL). Веројатно опремата ја набавил по повластена цена од фирмата на ќурката. И повторно, додека нашите сојузници се чудат на толку вжештените социјални мрежи во Македонија со про Руска поддршка, на самата граница на ЕУ кон Украина се случува хуманитарен хаос и бегалска криза, а нашата влада не е заинтересирана за тоа, иако нели има силна желба Македонија да биде дел од ЕУ. Мислам дека е време некој од ЕУ или барем од дипломатиите на В4 групата чии држави се директно на удар на бегалската криза, отворено да ја запраша владата на изгубената во вселена ќурка, дали може Македонија на некој начин да помогне. Таа помош може да биде реципрочна во контекст на помошта која во полициски сили ние ја добивме токму од овие земји плус Словенија и Хрватска во текот на бегалската криза 2014 па до денес. На овој начин со цивилни полициски сили кои ќе помогнат на колегите од Унгарија и Словачка пред се, и преку испраќање на хуманитарни екипи и тимови од Црвениот крст и ДЗС на границите на ЕУ кон Украина, како и донирање на хуманитарна помош, Македонија може да покаже дека е подготвена за рамноправно учество и помош на државите членки на ЕУ при справување со бегалски и хуманитарни кризи преку употреба на цивилни капацитети. Идејата на кокошарникот на чие чело стои една обична ќурка, реализирана со испраќање на воена опрема и вооружување за поддршка на Украина, иако сме земја членка на НАТО не е баш упатно за Македонија. Едно што на тој начин индиректно се замешуваме во војната на страна на една од завојуваните страни без разлика кој е напаѓач и виновен за војната (ние сме многу неважни за да бидеме дел од геополитичката игра). Второ, ние ја немаме доволно и соодветно опремено сопствената армија и постојано чекаме и добиваме некакви си донации од други земји, поради што е исклучително смешно и пред домашната и пред меѓународната јавност да се претставуваме како некаков си донатор на Украина на борбени и неборбени воени средства или опрема. Трето, знаеме за јадецот дека се ослободуваме од опрема и средства чии ресурси се при крај и за чие уништување ќе треба да дадеме многу пари. Истовремено, пред НАТО ќе претставиме трошок кој подоцна ќе бараме да ни биде на некој начин надоместен. Сепак, сета оваа наша „итроштина“ според меѓународното воено и хуманитарно право не става отворено на страна на една од завојуваните страни што не е добро. Според меѓународното воено право јасно е дека се работи за агресија од страна на една кон друга држава со што се исполнуваат сите услови за очигледност на еден меѓународен воен судир наречен војна (да не употребуваме еуфемизми како интервенција и сл.). Притоа, едно е да се осуди агресијата и да се применат санкции против агресорот во рамките на ООН или испраќа хуманитарна помош и помагање на жртвите на војната, а сосема друго да се испраќа вооружување, муниција и воена опрема за изведување на борбени дејствија на било која од страните во војна.


Ви пишував и за Метерник и за политиката на џентлменство и почитување на меѓународното право.


Во меѓувреме додека нашите сојузници се чудат на про руското расположение во Македонија, и ние многу ќе чудиме доколку Русија ги оствари своите воено-политички цели во оваа геополитичка игра во која Украина е жртва. Потоа, не само што се потврди оти „царот е гол“, туку веројатно духот ќе излезе од шишето и ќе лебди над Европа, а посебно над Македонија. Над Македонија токму во истиот контекст на корумпирани, криминализирани и компромитирани, лакоми политички елити ќе лебди тој зол дух, далеку од демократија и нормална држава, а при тоа нема да биде веќе воопшто важно дали е некој про или анти Русија, про или анти НАТО-ЕУ. Едноставно, ние нема да живееме воопшто подобро и нормално, пред се затоа што никој овде изгледа не е про Македонија, а токму тоа е онаа најважното. Ние треба да бидеме сите ПРО-МАКЕДОНИЈА, вклучително и кокошарникот кој се претставува за влада и импотентната опозиција која глуми про НАТО политички дискурс по принципот „дај десен жмигавец-врти лево“ и сеуште божем бара предвремени избори.

Во меѓувреме, лекот „безбедносен систем“ воопшто не функционира, всушност и тој самиот се чуди, а ништо ново за него дека се чуди и изчудува на работи за кои би требало навреме да биде упатен, да ги согледа, процени и како предиктивен извештај да ги достави до донесувачите на одлуки (има ли такви во Македонија?). Изјавите од типот дека нашите „донесувачи на одлуки“ знаеле уште во Ноември 2021 кога ќе започне војната помеѓу Украина и Русија ги сметам за јавно политичко шарлатанство кое само го потврдува мојот став во врска со „донесувачите на одлуки“ и лекот „безбедносни служби“. Очигледно дека нашите служби се потпираат исклучиво на извори од партнерските служби, поради што немаат претстава што се случува во Македонија, а не пак во регионот или пак во Украина и затоа се чудат и ќе продолжат да се чудат. Проблемот е што таков каков што е безбедносниот систем во Македонија единствено се грижи да му стави смоквин лист на царот, за да не биде угол гол, односно помага при одржувањето на корумпираните, криминализирани и компромитирани политички елити на власт или опозиција сѐ едно е. Затоа пак нашите партнери – сојузници се во чудо и се прашуваат: „како тоа ние повеќе сакаме да и помогнеме на Македонија, отколку таа самата на себе“? И тука во оваа констатација под не сакање да си помогне себеси Македонија не се мисли на македонскиот народ на граѓаните на Македонија, туку се мисли на однесувањето на политичките елити кои не ги интересира државата, исклучиво ги интересира личниот бизнис на државни-народни плеќи. Впрочем, еве сега го открија новиот рудник за заработување, тоа се фотоволтаични централи. Си имаат свој производител и одржувач, си имаат свои фирми, си имаат кој да им гарантира откуп следните триесетина година, си наоѓаат обични граѓани кои за да преживеат ќе им продадат земја на која ќе ги инсталираат централите и на крајот си имаат доволно народ кој ќе плаќа скапа струја за тие да можат да заработуваат. Како она беше: „БОМБОНА БИЗНИС“?

Поради сето ова и јас чудам и тоа многу чудам. Чудам на умот и на немањето очи при очи во изминатиов период на нашите сојузници, чудам на навивачкиот дух (сеирџиство) на нашиот народец по социјални мрежи, чудам на масовното фаќање на мамецот на пропагандната машинерија, многу чудам на тоа што кокошарникот на чие чело е само една ординарна ќурка, никако да започне сериозно да размислува за можните пред се економско-енергетски удари кои не очекуваат и особено за нивно превенирање, чудам и за фалбаџиството на таканречената оипозиција за некои 1090 проекти за 100 дена (божем супермени се, а тоа само се обидуваат јавно да лажат мислејќи дека некој им верува), и нема да чудам на се поголемите глупости кои ќе ги гледаме и економската катастрофа која ќе ја доживееме.

А, ми рече дедо Герасим. Нели ти реков внучко да не се чудиш. Секогаш ја забораваш приказната за долгите лисабонски ноќи и разговорите со Колумбо. Пред да замине на пат му реков – Кристофере, ајде што немаш мотори на бродовите, ветер, едра, весла ќе се снајдеш некако, но без компас на отворено море 100% ќе се изгубиш. Не ме послуша, се изгуби. КОМПАСОТ е многу важна работа во животот внучко или го имаш или го немаш.


На Велики Поклади – Прочка (на денот на Преподобен Тимотеј)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов


П.С. Почитувани пријатели, драги читатели. На денот на простувањето и помирувањето меѓу себе и на небото и земјата, Ве молам сите вас да ми простите доколку намерно или ненамерно сум ви згрешил со некој мој збор упатен до вас, збор во кој вие сте се препознале или можеби сум ги навредил вашите политички чувства. Простувајќи си еден на друг дури и во мислите, поблиску сме до Бога, но и до нашите заеднички цели: Царство небесно и вечна Македонија.

За попречување на остварувањето на овие две цели во име на сите нас, и во иднина никого нема да поштедам.

Bình luận


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page