Оптимистичка теорија за мојот народ
(или HIC RHODUS, HIC SALTA)
Во минатата колумна споменав дека на Мицкоски му кажав зошто ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори 2021 година, односно пред десет месеци и дека тогаш му напишав во колумната:
HIC RHODUS, HIC SALTA
ОВДЕ Е РОДОС ОВДЕ СКОКНИ
Впрочем, колумната носи наслов „Оптимистичка теорија за мојот народ“, а HIC RHODUS, HIC SALTA е поднаслов, затоа што суверенот му го даде Родос, а тој не смао што не скокна, туку и во дупка влезе, но пред се заради почитување на волјата на суверенот ја реобјавувам оваа моја колумна која беше објавена на сајтот globalno.mk, кој пак е сосема избришан заедно со архивата. Но, еве заради сведоштво на кажаното и потврда на вистината јас ги чувам сите мои колумни и денес како надополнување и појаснување на мојата вчерашна колумна ја реобјавувам. Воедно преку оваа колумна ќе ви биде многу појасно зашто конкретно пишувам и за пто тоа му се обраќам директно на Мицкоски, посочувајќи го како најголем виновник не само за состојбата во ВМРО-ДПМНЕ, туку и за состојбата во Македонија. Едноставно последните десет месеци не ја исполни задачата која суверенот му ја довери. Соучесништвото не амнестира од одговорност, најчесто повлекува уште поголема одговорност пред сѐ етичка.
Колумната која е пред вас е објавена на 24-ти Октомври 2021 година.
Со огромен пиетет кон суверенот кој секогаш го кажува тоа што треба и бара како што доликува.
Чудни се патиштата божји, она што започна како веќе видена драмолетка, на нашата политичка сцена, заврши како врвен трилер со примеси на хорор, чиниш самиот Хичкок го режирал. Вечерта на 17-ти Октомври многумина политичари, од нашата прокси политичка сцена на која сите случувања во односот позиција-опозиција се креирани до најситен детал, останаа со отворена уста кога ги слушнаа резултатите. До толку беа изненадени што „победниците“ не можеа ниту, како би рекле, поштено да се изнарадуваат. Во таа ноќ за славење, огномети и фанфари, се видоа и некои не баш многу весели ликови, ајде за губитниците ми е јасно, но зошто тоа го видовме и кај оние, кои по природа на нештата требаше да бидат со озарени лица.
Што се случи?
Наспроти сите мудри политичари, политички аналитичари, социолози, политиколози, кои на јавните настапи по сите медиуми ги анализираа резултатите од локалните избори, и притоа со многу мака се обидуваа резултатите од изборите, како во „Прокрустова постела“, да ги вгнездат во политиките на политичките партии, моето скромно мислење е дека станува збор за нешто сосема друго. Впрочем, бледата, неинвентивна, безидејна, невидлива, патетична кампања, која се движеше по договорена траекторија, да се внимава и пред јавноста да не се покажува грдото лице на политикантите, со јавно изложување на нечистите алишта, никако не можеше да предизвика ваков завршеток. Потврда за игнорирањето на политичките партии од страна на електоратот беше слабата, скоро никаква, посетеност на партиските митинзи, секако тоа го потврди и процентот на излезеност со само 48% и тоа замислете на локални избори во кои директно се вклучени десет илјади кандидати за градоначалници и советници од сите политички и општествени провиниенции. Но, како што кажав, поентата не е да се препелкаме во резултатите туку да позборуваме за нешто друго.
Од изветвената политичка флоскула „народот си го кажа своето“, ќе го превземам делот за „мудроста народна“. Имено, суверенот, по долгогодишниот политички воајеризам, реши да се вмеша и сам ги креира процесите кои директно го засегнуваат неговото политичко и општествено битисување. Токму во моментот кога почнав да размислувам, со не мала доза на резигнираност, дека народецот наш целосно го оковал „Стокхолмскиот синдром“, односно целосна идентификација со агресорот, поробителот, киднаперот, узурпаторот, тој, како „Феникс“, се појави во сета своја раскошна убавина и грандизност.
Суверенот покажа дека знае да размислува и сам да ја креира својата иднина, мислам само иднина, бидејќи невозможно е иднината да ја определуваш како нова, тогаш која е и каква е таа стара иднина (оксиморонски израз која не е предмет на оваа колумна), иднината е една и единствена. Во оваа прилика суверенот ги изненади сите, реагираше навистина мудро и прилично невообичаено, тој ја виде никаквата понуда на политичкиот пазар креирана од задкулисието на политичките дилетанти, па реши работите да ги земе во свои раце. Односно да ги казни оние кои го изнасилуваа во претходните пет години, но, наспроти колоквијалното размислување, не ги награди другите туку реши да ја префрли одговорноста и да види како ќе реагираат другите и што можат да направат. Оваа реакција на суверенот ми даде за право со оптимизам да гледам на иднината на мојот народ, дал стара или нова, не е до толку важно.
Причина повеќе за заглавјето на оваа колумна, со надеж дека „теоријата“ ќе стане пракса и секојдневие, односно суверенот цврсто ќе застане на тронот и повеќе нема да дозволува да го манипулираат со лажни ветувања.
Можеби најпластично оваа реакција на суверенот би можеле да ја прикажеме низ онаа старогрчка изрека „HIC RHODUS, HIC SALTA“ („Овде е Родос, овде скокни“ или парафразирано, појаснето, „покажи што умееш сега на лице место-тука“). Имено, суверенот го доведе лидерот на опозицијата, Мицкоски, во позиција на оној „Фалбаџија“ од Езоповата басна, кој нели се фалеше дека на Родос скокал до невидени далечини, но само на Родос. По четиригодишното ветување дека ќе се спротивстави на навредите и омаловажувањата кои ги трпи Македонскиот народ, нема да го признае „Договорот од Нивици“, како и распродажбата на Македонскиот идентитет проектиран низ „Договорот за добрососедство со Бугарија“, досега позицијата на опозиција му овозможуваше во таа „борба“ да користи несоодветни, би рекол пацифистички средства и методи со разни бојкоти и игнорирање на злокобните политики кои ги спроведуваше Заев, како и мижење и примолчување пред корупцијата и криминалиите на власта. Па така, суверенот се реши да види колку навистина „може да скокне“ давајќи му прилика да ги реализира своите ветувања и да ја спаси Македонија од „црна Арапина“ како некогаш „Црноризецот храбар“ или „крал Марко“ кој ли беше. Опозицијата на чело со Мицкоски доби од суверенот прилика да ја сруши власта, да направи парламентарно мнозинство или подобро да предизвика предвремени парламентарни избори и да ја превземе одговорноста за „новата“ иднина на Македонија, која верувам е суштествено различна од онаа која ни ја проектираше власта. Верувам дека Мицкоски „математички прецизно“ ја има утврдено „новата“ иднина и дека тоа не е обична флоскула, проектирана за да се има некаков лозунг за изборите, па со стратегија „Механика 2“ ќе ги реализира неговите заложби и ветувања. Суверенот беше јасен, сака да ја доживее „новата иднина“ истовремено посочувајќи дека казната, доколку повторно биде изманипулиран, ќе следи многу бргу, нема да дозволи повеќе никој да си поигрува со него.
Со голема љубопитност ги очекувам следните политички потези на г-динот Мицкоски во однос на капитализација на победата, поточно неговиот одговор на „фрлената ракавица“ од суверенот. До овој момент конформизмот на опозициското опстојување беше многу пријатен, но сега доаѓа моментот кога ќе мора да се покажат капацитетите на политичарот Мицкоски, за да го заслужи пиететот „учителот - даскалот“, како милува да се нарекува. Односно, на јаве и во пракса ги покаже неговите заложби во однос на „ревизорите“ на историската вистина за Македонскиот народ и неговото несогласување со навредливите договори за Македонскиот народ и нацијата. Конечно да излезе од кулоарското оговарање и да ја преземе одговорноста да ја води државата која суверенот му ја дава. Јас би рекол - Исклучителна можност оваа есен да се претвори во Македонска политичка пролет!!!
Во оваа ситуација, непредвидена од никого, која ја создаде суверенот многумина се најдоа затекнати, па и самиот Мицкоски и неговите соработници. Простор за калкулантско одбегнување и измислување на разно-разни причини за неприфаќање на оваа вајлд кард од суверенот, не постои. Дојде време г-динот Мицкоски, по четиригодишно учење и неколкуте промашени обиди, да полага јавен испит за да го потврди своето политичко полнолетство, и тоа на најблагородната тема која може да се добие насловена како: „Спаси ја татковината“.
Еве, за да му помогнам, предлагам почеток на неговата дисертација да бидат зборовите на Гане Тодоровски: „Ој, Македонијо,/ колку ли уште ни треба/ за да те домакедончиме“.
За крај, по однос на мојот оптимизам за мудроста и иднината на мојот народ, на ум ми доаѓаат мудрите зборови на мојот Дедо Герасим кој ми велеше: „Внучко никогаш немој да си играш со свињи на крајот ќе излезеш каллив, но ... свињите тоа го обожаваат“!
А, Вие драги пријатели, во недела кога ќе застанете зад параванот, сетете се на старата секогаш актуелна Библиска поука: „не ги фрлајте бисерите пред свињите,...“!
На сите граѓани на Македонија, на целата Македонска нација,
Ви го честитам денот на Македонската револуционерна борба,
борба која е генерациска и која никогаш нема да престане.
Во осумнаесеттата недела по Педесетница (на денот на споменот на отците од седмиот Вселенски собор и Св.апостол Филип еден од седумте ѓакони)
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comments