Осмиот грев
(или, Хелиоцентризмот на циникот)
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
Во светот на „профаните“ основниот вредносен систем е преточен низ законите, кои според свои потреби ги донесуваат елитите на „профаните“, скоро секогаш направени доволно широки и двосмислени, за да би можело и „камила да се протне низ иглени уши“. Наспроти нив, „просветлените“-верниците својот живот го проектираат така да не се допрат, не пак сторат, до некој од „седумте смртни гревови“: гордост, алчност, сладострастие, завист, ненаситност, гнев, мрзливост. Верувам ќе се согласите дека токму секојдневното егзистирање на „седумте смртни гревови“ се наша општествена реалност, фундаментални вредности протежирани и промовирани од нашата олигархиско-политичка елита. Никаде не останало забележано кој бил осмиот грев кој наводно папата Св.Григориј Велики го избришал (во Православието е познат како Св.Григориј Двоеслов), па многумина нагодуваат кое општествено неприфатливо поведение би можело да ги исполни критериумите, да влезе на листата како „осми смртен грев“. Според Наталија Принци - Духовиќ (Хрватска писателка и психолог), осмиот грев е послушноста, би можел и да се согласам со Принци во објаснувањето на послушноста и слободната волја на човекот кој како на словесно битие му дадена од Бога, но мене некако повеќе ми личи дека ЦИНИЗМОТ треба да се вгради во листата на смртни гревови. Секако, тоа е различен агол на гледање на нештата, како и различното општествено милје, едно е во Хрватска друго во Македонија, а сосема пак трето за вештачката творба и нејзините поданици т.н. Северна.
Како и секој научен работник должен сум да го образложам и со примери документирам мојот став. По дефиниција циникот (грчки – kynismós, буквално означува имитирање на пес) е личност која се потсмева секому и на сѐ, има општ недостаток на верба кон луѓето, мотивиран од амбиција, желба, страст, глорификација на алчност и сладострастие, незаситност, завист, мрзливост и целосно не почитување на туѓите мислења кои ги става во графата бесмислени. Примерите во нашето опкружување се јасно профилирани, тоа е олигархиско-политичката елита, но како врвен егземплар тоа е секако „лидерот“ на опозицијата Крсте „наш“. Она што Крсте го прави пет години со членството и партијата, непосредно и со државните интереси е еклатантен пример за цинизам. Политичкиот аналфабета смисли таква „генијална“ политичка реторика, на која би му позавиделе и најголемите свестки политички умови. За „лидерот“ нема морални ограничувања, денес кажаното утре не важи, битно е „ден да пројде, друг да дојде“. Преполн со флоскули без никаква суштественост, форма без содржина. Парадоксално е да правиш еутаназија (убиство од милост) на сопствената партија, членство, држава, кога таа сеуште покажува виталност и тоа упорна виталност.
До доаѓањето на Мицкоски, за оние што доволно долго помнат, ВМРО-ДПМНЕ никогаш не изгуби избори (со исклучок на 2002 година и посебните услови кои тогаш се создадоа во општеството). Новата мантра, создадена од господарите на Мицковски кои го октроираа на местото Претседател, беше „ВМРО мора да научи да губи избори“. Лишувајќи ја од секаков идеолошки профил неминовно беше одливање на членството и воведување на партијата во слепа улица. Но, Крсте „наш“ за се има решение и силна филозовска мисла, секогаш притиска поразите да се слават како победи (а во земјата на камени глави и поразот како победа се слави) и постојано некој друг е виновен за тоа. За Крсте „наш“ „никој не знае што губи, кога победува и што добива, кога губи“, колку мудра филозовска мисла. Секој негов чекор политички е насочен кон целосно дефакторизирање на ВМРО-ДПМНЕ на македонската политичка сцена. Некои мислат дека Крсте е „чукнат во умот“, немој да „грешиме душа“, Крсте е рационален и пресметан како што „еднаш мајка раѓа“. Двете работи во обратно-пропорционална корелација ги прави перфектно, додека од една страна му се зголемува финансиското конто од друга страна се намалува моќта и кредибилитетот на ВМРО-ДПМНЕ. Моменталното свртување со погледот на исток, притоа цинично зборувајќи за демократски западни вредности, на ВМРО никогаш не му донело ништо добро. Впрочем историјата на „движењето“ помни само еден таков случај од 1924 год., кој заврши катастрофално по раководството но и движењето, потоа, ВМРО едвај опстои уште 10-тина години обележани со страотен пораст на меѓусебно насилство и потполна политичка де-факторизација на движењето.
За да го научи ВМРО да губи избори, Мицкоски „успеа“ да го преспие, цинично промовирајќи ја новата политичка прагма „бојкотирање“, круцијалниот историски период за Македонија, кога се изгубија и целосно обезличија македонските национални интереси, ИМЕТО НА ДРЖАВАТА И МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ. Денес, следејќи ја својата политичка рационалност, кога Бугарија е целосно притисната од меѓународните фактори, на „маса“ се четири милијарди евра помош за последиците од корона пандемијата кои Бугарија ќе ги добие кога ќе дозволи на Македонија почеток на преговори со ЕУ, Крсте „наш“ има (за прв пат) цврст став и нема да и попушти на Бугарија, цврсто застанувајќи на браникот на „македонштината“. Таков е Крсте „наш“, безкомпромисен до крај. Доколку се случи одстапување на Бугарија тоа нема да биде заслуга ниту на нашата дипломатија, ниту на „изгубената во просторот и времето“ Влада и божемниот премиер Ковачевски кој е во внатрепартиска политичка сенка на Манџурискиот кандидат сега повторно министер за внатрешни работи, а пак најмалку на „цврстиот став“ на Крсте. Тоа отстапување на Бугарија би се случило благодарение на интересите на меѓународните фактори, кои за прв пат се поклопуваат со интересите на Македонија. Сепак сум поприлично скептичен во однос на „happy end“ на оваа балканска сага, и очекувам бугарската политичка номенклатура да предизвика парламентарна криза за да ја избегне оваа „шах-мат“ позиција во однос на Македонија. Да видиме?!
Но, да се вратиме на основната тема, цинизмот на Мицкоски. Секогаш кога властелините наши ќе почнат „да трокираат“, а тоа постојано го прават, Крсте е тука да им пружи рака, да „спинува“ и го пренасочи погледот од власта кон опозицијата. За да се случи револуција, за да се промени одреден режим, за да се предизвикаат предвремени избори потребно е соодветно општествено политичко милје, кое обично со време го создаваат опозиционите партии. Но Крсте „наш“, како што направи со „формирањето“ на парламентарно мнозинство и веќе добиената „партија“ која во Ноември 2021 ја изгуби, повторно од никаде предизвикан, освен од неговите интереси да ја девалвира партијата, побара предвремени избори од божемниот премиер. Онака ноншалантно чиниш, што би рекол неговиот пријател и бизнис партнер Заев, пупката е готова пред отварање. Погрешен тајминг, имајќи ги предвид геополитичките и економски случувања, сулудо е и да помислиш дека, во време на најголемата светска криза како воена така и економска, некој ќе дозволи на балканите да се создаде уште една кризна состојба, засега доволни се Косово и Босна.
За несреќа на Крсте, иако љубезно побара одговорот да го добие за десет дена, одговорот, во форма на „катил ферман“, пристигна за 5 минути со игнорантност одфрлен од Власта со голема доза на подценување и омаловажување кон Крсте (читај и кон ВМРО-ДПМНЕ). Допирајќи таму каде што најмногу го боли „лидерот наш“, неговиот хелиоцентризам, се сѐ врти околу сонцето односно околу Крсте. Добро планираше Крсте, кај нас се памти до три дена, вака го доведоа „во небрано“, што да прави со заканите за „досега невидените мерки“ кои ќе ги примени. Поминаа три дена, а од Крсте ни трага ни глас, молк. Повторно циникот Мицкоски успеа во својата намера да ја дефакторизира партијата и безмилосно да го арчи, и онака малиот, енергетски капацитет на членството и партијата.
Новитет во последното обраќање на Крсте, кое секако многу ќе наштети на ВМРО-ДПМНЕ, е користењето на термини својствени за теоретичарите на завери, „финансиско ропство“ од страна на ММФ. Патем, како некој кој наутро се буди и во огледалото го гледа идниот Премиер, Крсте мора да знае што е мултилатерализам и зошто ММФ е еден од неговите круцијални сегменти. Цинизмот на Крсте е во притисокот над градолначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за да кутрите се задолжуваат кај комерцијалните банки, со камати неколку пати поголеми од оние на ММФ, во конкретниот случај „Силк роад“ банка. Впрочем во право е Крсте, во конкретната ситуација нема „ропство“, освен иден „престој на полињата на Идриз бег“ за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и профит за Крсте и генијалниот, „чувар на кофчеџето“ на Груевски и првиот кој му го зари ножето во грбот, финансиер и актуелен контролор на работењето токму на истите тие градоначалници - Ставревски.
Дедо Герасим – Си седам така Внучко, едно топло јулско попладне, во Пиза, го чекам мојот драг пријател Галилео Галилеј, никогаш не разбрав што му е име а што презиме па си го викав Гаљо. Така загледан во кулата, која во тоа време беше права. Подоцна, векови ќе минат, откако Холивуд го направи балконот во Џенова, демек на Ромео и Јулија, овие пак ја искривија кулата за туристички потреби. Додека го чекам Гаљо си цртам кругови во песокот со едно стапче и тогаш од никаде „изникна“ Гаљо, целиот зајапурен, поцрвенет од бес и со нога ми ги избриша круговите. Што е Гаљо? Што беснееш? - му велам. Џабе ги бришиш, сепак се врти. Ова последното, за да ме разбере, му го кажав по нашки „EPPUR SI MUOVE“!
Во првата недела по Пасха или на денот на анти-Пасха, осмиот ден по Пасха или новиот ден на новиот Ерасулим на вечноста (на денот на Св.апостол Тома)
На сите вас кои го носите името на Св.апостол Тома ви го честитам именденот.
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
НАВИСТИН ВОСКРЕСЕ!
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comments