top of page

Позајмица

Луѓето во животот позајмуваат различни нешта. Вообичаено тоа го прават кога ќе им снема нешто за да завршат некоја работ, па редовно први од кои се позајмува сѐнешто се нашите соседи. Потоа има и враќање на позајменото, во спротивно ќе немаме образ повторно да побараме. За жал во пракса најмногу се позајмуваат пари. Било од банките (легално) или од разни лихвари (нелегално), но за секоја позајмица се плаќа камата или позајмицата покрај што се враќа не обврзува и ние да даваме позајмица. За волја на вистината во нашата Македонија има многу позајмувачи на разни работи и воглавно се без образ. Затоа мнозина позајмуваат без намера да вратат, а уште помалку не помислуваат тие да позајмат некому нешто.

Овој вовед на неделнава колумна има за цел да ја објасни општествената интеракција која се појавува при било каков облик на позајмица, како и моралната обврска на оној кој во неволја позајмува кон оној од кого позајмува.

Така е тоа и во политиката и тоа е многу видливо, но не секогаш се препознава. Впрочем, најголемата позајмица во политиката е позајмувањето на моќ. Дали е тоа позајмување на моќ од одредена личност, политички партнер на меѓународната сцена, политичка партија или граѓаните на Македонија не е важно, важно е дека претставува конкретна обврска за тој што се бара позајмицата. Како ќе врати и под кои облигациони услови е веќе друго нешто, но исклучиво е важно и секако поврзано со неговото етичко однесување и подготвеност да ја врати позајмената моќ.

Ете во таков облигационен однос влегува веќе подолго време и нашиот Крсто мали. Влегува, зема моќ и ветува брзо враќање, но никако не му оди или пак поточно не сака да врати. Да сака да ја врати тогаш ќе се однесуваше како сериозен национален (не националистички) десничар и европски политичар. За наша жал тој е само уште еден во многуте балкански политиканти кому позајмувањето на политичка моќ му е потребно за манипулирање на сопственото членство во ВМРО-ДПМНЕ што го прави уште помизерен.

Нема да ви зборувам за целите кои ги има Крстенце и ги остварува преку позајмувањето на моќ пред се од Орбан и Јанша како меѓународни партнери, тие се единствено лукративни и ништо повеќе. Во тој доверителско-должнички однос најголеми губитници од секој аспект се токму овие двајцата, а не Крсте.

Сакам да ви зборувам за моќта која Крсте ја позајмува од граѓаните на нашата Македонија, пред се од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, а која никогаш не ја враќа, односно ја употребува за остварување на сопствените-лични лукративни цели. Впрочем станува збор за тоа како треба да се врати таа моќ и што граѓаните треба да бараат да им биде вратено, не на зборови туку во пракса. Зошто тоа нема да го доживееме да го видиме од Крсто? За тоа зборува оваа колумна.

Имено, како што безброј пати досега напишав, Македонија својот суверенитет го темели врз суверенитетот на граѓаните, на секој од нас поединечно. За да се реализира тој суверенитет во полна смисла тоа е возможно исклучиво преку функционирањето на институциите на системот, и тоа на прво место судската власт и јавното обвинителство. Суверена е единствено онаа држава на чија територија неприкосновено владее правото и се спроведуваат законите. Тука е и разликата помеѓу суверена држава и независна држава, термини кои многу често лаконски се изедначуваат иако немаат исто значење.

Токму затоа, доколку Крстенце сакаше да го врати долгот кон суверенот, граѓанинот, тој ќе направеше сериозни и стабилни чекори кон подигање на довербата на граѓаните во неговиот сопствен капацитет и капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак да го тргнеме настрана ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија од оваа анализа, бидејќи Крсто најмногу моќ позајмува токму од самата партија и нејзиното членство и секако функцијата која против статутарно ја врши, а во пракса ништо не враќа иако најповеќе поврат и тоа со камата очекуваат членовите на партијата. Ќе го тргнеме настрана ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што за да расправаме за партијата треба да расправаме за идеолошки прашања и нивно осовременување или прагматичен пристап во современиот свет, а за тоа ќе ни треба многу време и простор, и згора на се ќе не одвлече од темата „позајмената моќ на Крсто и неговата неспособност (читај и несакање) за враќање“.

Така, нашиот херој Крсто мали кој се претставува за претседател на ВМРО-ДПМНЕ по оној нестатутарен конгрес, и кој ја позајмува (или можеби дури и цица како смок) моќта на партијата, како и на меѓународните партнери немаше јасен став за референдумот иако имаше доволно информации што ќе значеше доколку повикаше, агитираше и излезеше на истиот и победеше со макар и еден глас повеќе над Заев, а при тоа секако дека на терен ќе имаше целосна контрола над процесот. Не го направи тоа Крсто затоа што не знаеше, дури и му беше кажано. Тоа го направи затоа што требаше да создаде состојба да се наруши сувереноста на Македонија, односно да се создаде состојба во која долгорочно нема да се воспостави владеење на правото, иако полна уста му е со право и правдина.

Немаше став и за пописот. Впрочем, и за тоа ви пишував и ви кажав дека преку бојкот на пописот токму Крсто сака да го закова последниот клинец во сандакот на Македонија. Сега ќе слушаме глупости за тоа дека е виновен некој друг. Всушност многу е јасно, повторно треба да се оневозможи враќање на долгот-позајмицата кон граѓаните.

Одеднаш граѓаните, мојот народ му дадоа неочекувана шанса или победа на локалните избори. Му напишав HIK RODOS HIK SALTA, и како по правило „во водата дупка“, се стори за да не преземе одговорност да го врати суверенитетот на граѓаните, односно да ја преземе власта, да спроведе закони и реализира право на суверената територија на Македонија и со тоа да го врати долгот. Знаеме како божем случајно пропадна обидот за смена на владата на Заев, за да гледаме како продолжува да ги лаже сопартијците (барем оние кои уште му веруваат) дека во Април, пардон во Јуни, а не, во Септември, да де до крајот на 2022 година ќе има избори, а претходно протести со Села и Касами кои пак веројатно ќе бидат виновни затоа што Крсте нема да оди на протести па дури и целиот свет на Ковачевски да му се урне на глава. Крсте ќе глуми преговарање и кооперативност.

Не драги мои сопартијци, драги мој сограѓани, во нашата Македонија нема да има избори до 2024 година, доколку не се смени оваа раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Промената на Крсте и неговото раководство од ВМРО-ДПМНЕ е условот за да се започне и заврши ресетирање со нов софтвер на партијата. Не ре-форми, како во главата на некои ре-формисти. Не коалиции ЗММ за замајување на народот, туку целосно ресетирање со нов политички софтвер на ВМРО-ДПМНЕ како современа, европска, национална, десна политичка партија, која моќта ќе ја позајмува од сите граѓани на Македонија и ним и ќе им ја враќа од позиција на демократска и одговорна власт.

Тоа што сега го гледаме во нискобуџетната театарска претстава на Крсто мали и дружината му, силувајќи го ВМРО-ДПМНЕ а преку него и Македонија, е исклучиво заштита на личните интереси, и попречување на сувереното владеење на граѓаните за спроведување на законите и владеењето на правото во Македонија.

Ете, опозицијата има право да предложи нов државен јавен обвинител уште годинава по истекот на мандатот на едикојси Јовевски и целиот негов компромитиран тим. Јас драги мои знам кого би предложил, секако лице со полн интегритет и искусен во областа кој бескомпромисно ќе се бори нашата Македонија да биде суверена држава, но знам дека Крсто и неговите пајташи се ќе сторат да избегнат таква личност (единствено доколку бидат приморани од „виша сила“). Ваква постапка на Крсто и другарчињата му не е случајна, тие по секоја цена сакаат себеси да се заштитат.

И така дојдовме до крајниот заклучок на оваа колумна. Не сака Крсто суверено владеење на државата Македонија, на нејзините суверенеи-граѓани на својата територија и владеење на правото и спроведување на законите, затоа што тогаш ќе треба да објасни од каде тоа „заработил“ пари за пет живот, да ја отвори партиската архива и да се види каде се оделе партиските пари (и парите на меѓународните партнери од кој позајмува не само моќ), какви се донации пристигнале во партијата и каде завршиле, што е со имотот на партијата, а што е со неговиот и на „неговите“ имот во Македонија и надвор. Ова е причината драги мои зошто никако ВМРО-ДПМНЕ со безброј чесните и патриотски членови нема шанса да дојде на власт и зошто се додека Крсто мали и неговата екипа се на чело на партијата ние ќе бидеме членови на заробена партија. Што би рекол еден мој многу драг пријател: „си имаме работа со шашливи бомбаши, незнаеме каде ќе ни ја тутнат бомбата“, така и Крсто, седејќи во „Големата шампита“ (која е под залог) фрла бомби на сите страни за да ни го одвлече вниманието, само да не се концентрираме кон него и неговата клучна лукративна цел, глумејќи во политичката драма на македонската политичка сцена наречена: „Убивање на суверенитетот на Македонија“. За деталите, компарацијата и значењето на суверенитетот на државата во меѓународни рамки, импликациите на внатрешната политика и компарација со независноста и нејзиното значење во друга прилика.

Дедо Герасиме, те слушам, кажи.

А фотографијата внучко, онаа од Пешта? Но, кога ќе помислам и не се толку важни тие безлични ликови – т.н. „функционери“ на ВМРО-ДПМНЕ, кои мене, прости, но некако ми наликуваат на Чарли Браун и Снупи, или пак можеби посоодветно Др Фауст и Мефистофел, едно те исто, запомни внучко - Ласкањето се лажни пари чијшто курс расте со нашата суета!

Туку де внучко, седни тука софра закити, да се сторам севдајлија! Да Ти кажам како ми велеше, мојот драг пријател, Блаже Конески – Герасиме, Смиреноста е мудра, страсноста е глупа....Убавино, ти ме заморуваш веќе.


Во петтата недела на Великиот пост (неделата на Св.Марија Египетска од чии живот може многу да научиме)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page