top of page

ПОЛИТИЧКИ КЛИМАКТЕРИУМ

Ги замолувам припадничките на понежниот пол

да ми простат за насловот на колумната,

но под поимот климактериум во

неговото политичко толкување воопшто не мислам

на природната психо-соматска појава

во одреден период од животот на жените.


„Импотентност одозгора – фригидност одоздола“ беше најкратката дефиниција за нашето општествено-политичко милје, која ја дадов во една претходна колумна. Пошироката елаборација на оваа дефиниција, според барањето на многумина читатели, бара обемен научен труд, што секако просторот за колумна тоа не го дозволува. Сепак, ќе се обидам сублимирано во сиже да ја дообјаснам.

Како и насекаде низ светот, така и со Македонија, владеат политички елити. Основна разлика е начинот и периодот, општествено-историскиот миг во кој се создале овие политички елити. Токму поради овие карактеристики во светот постои голема разлика помеѓу аристократија и буржоазија, дефинирани според времето кога се создадени и начинот како се оформени. Скоро по правило богатството е во рацете на буржоазијата, но моќта е во рацете на аристократијата. Буржоазијата го пополнува „Долниот дом“, додека аристократијата „Горниот дом“ без кого ниту една одлука на „Долниот дом“ не може да добие легитимитет. Тоа е оној баланс кој ги дефинира и се грижи за националните интереси, односно гo определува местото на државите на глобалната „шаховска табла“. Поширока елаборација, за разликата помеѓу аристократијата и буржоазијата, ќе одземе многу простор.

Проблемите со кои денес се соочува Македонија се предизвикани од инфантилната општествено-политичка таканаречена елита, плод на општествено-политичките состојби на времето кога се формираше како и начинот на формирање.

Последната деценија од 20-от век е периодот кога се оформи владеачката политичка елита. Преминувањето, од еден политички систем во друг, неминовно водеше кон создавање на нова политичка елита, детерминирана од глобалните политички процеси. Но, основен инпут (и секако мотивација) беше грабежот на националното богатство, што го определи шареноликото друштво на новосоздадената елита. Имено, први кои започнаа да го пополнуваат „празниот“ простор беа довчерашните „другари“, преставници на веќе постоечката комунистичка елита. Просто за неверување е како овие непоколебливи комунисти навечер, наутро се будеа како ортодоксни либерали. Сето она што навечер беше општествено, државно, заедничко-самоуправно, утредента стануваше нивна сопственост и тие се изроидија во ГАЗДИ.

Кон оваа братија се приклучи контраелитата, која дотогаш беше во сенка. За да го оправда своето право на учество во грабежот и елитизмот креираа урбани легенди за нивното страдање во „комунизмот“, кои се темелеа на тоа што биле одбиени да членуваат во КПМ поради тоа што биле антикомунисти. Некои довчерашни вознесени професори по марксистичко-ленинистичка филозофија на кои не им била објавена 33-тата книга за комунистичка наобразба (со наслов „Пропаста на капитализмот и социјализмот како светски процес“), некои не биле прифатени да работат во „елитните“ безбедносни органи бидејќи биле „контра системот“, а всушност биле нивни прикриени соработници, па се надеваа дека на овој начин ќе останат заштитени, дека досието ќе го држат затворено, како и други беа во редовите на контраелитата.

Третиот дел од „елитата“ беа оние припадници на антиелитата, која ја создаде претходната елитата во нејзиното распаѓање или, преваранти, маргиналци, отпадници од општеството, ситни криминалци, дегенерици, психопати, интелектуални боеми, алкохоличари, наркомани, насилници, асоцијални, неморални лица под илјада маски, кои во организирана држава и систем никогаш не би имале можност за било какво социјално инкорпорирање, а не пак да се наречат елита или не дај Боже да водат држава.

За да се комплетира „револуционерната“ елита на општествено - политичкото милје, во политиката влегоа, необразовани ликови, апсолутни лузери, аутсајдери и маргиналци, политички дилетанти. Тие кои до вчера не беа ништо, а од утре требаше да бидат сѐ и да имаат сѐ: шофери, бодигарди, службени мерцедеси, секретарки, љубовници, безплатни телефони, безплатен секс, виски, пари, пари, пари... Колоритот беше неверојатен, чиниш самиот Салвадор Дали го нацртал. Лошо скроени одела со етикета на ракавот, дезенирани кошули, калливи чевли, рачно плетени пуловери, фланелки, капути со мирис на нафталин и траги од гладните молци, егзотични манири создадени на пола пат село-град. Духовна икона на новите елити, дворјани, демократи, стана Итар Пејо кој го замени грубо ткаениот појас, изветвените гаќи и скинатата кошула со костумите и модните атрибути на „Пјер Карден“, „Версаче“, „Ролекс“ „Шанел“, „Прада“, „Бос“, „крокодилчето“, „коњчето со човече“... Основна идеологија, иако се сомневам дека воопшто ја препознаваат не пак познаваат, стана социјалниот дарвинизам во форма неприфатена дури ни во Англија од времето на Чарлс Дикенс. „Турни го оној што паѓа, прегази го оној што лежи, уништи го слабиот, моќниот е во право, старите и болните се излишни и затоа треба да се чувствуваат виновни, сиромаштијата е порок, тој што нема пари, пари, пари - не вреди ништо. Господ ги сака успешните!“ – тоа беше новосоздадената мантра, втемелена на старата македонска народна мисла - „Кој превари - тој товари“. А, кој е натоварен и со што?...

Процесот беше контраверзен и хаотичен, целосно се променија традиционалните вредности, критериумите и нормите. Дотогашните маргинални новинари станаа добро платени идеолози на власта, брзопотезни криминогени „бизнисмени“ станаа медиумски газди, лица со манијакално-депресивен синдром преку ноќ станаа партиски лидери-месии, локалните предкоперациски пијандури и разни наркотрафиканти се издигнаа до „општествена совест“.

Секако, на создавањето на ваков „какафоничен“ свет на елити, големо влијание имаа надворешните фактори, а се со цел брзо да се уништи „левото“ (старото) и се создаде „десното“ (новото). Или, што и да беше тоа! Но, основна причина беше невозможноста старите елити да се одтргнат од своите контраелити и антиелити, кои самите ги создадоа во процесот на своето распаѓање. Поради ова, новосоздадената елита, немилосрдно го потроши времето на македонските граѓани во создавање на сопствен синхрон на делување. Односно се занимаваа со својата внатрешна структура. Всушност, во дефинирање на териториите и просторот на дејствување (грабежот), нарушувајќи ја, или поточно не препознавајќи ја и не прифаќајки ја, вертикалната линија на општествено живеење го создаваа нивниот свет. Вертикалната линија на дејствување е основниот прерогатив на државата, активирање на сите нејзини интелектуални потенцијали, пред се социјална мобилност и будење на творечкиот потенцијал, кои се потребни за суштествено опстојување на Македонската држава.

Па така, по три децении стасавме таму каде што сме! Невозможноста да се одвои опозицијата од власта, ако во почетокот се прикриваше денес знакот еднаквост помеѓу нив „боде в очи“. Дали гледате некаква суштествена разлика меѓу партиските функционери на ВМРО-ДПМНЕ и СДС, по што се разликуваат СДС и ДУИ или пак ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, можете ли да најдете разлика помеѓу, ЛДП, БЕСА, Алијанса за албанците, НСДП, ДПА, Алтернатива.....? Нема разлика, не постои, сите се дел од општествено-политичката елита на криминал и корупција, невешто затскриена зад одбраната на националните интересеи или грижата за доброто на граѓаните. Општествено неодговорни, без државотворен капацитет, заљубеници во хедонизмот и со изразено политичко кокошково слепило. Поради политичка јаловост, историска стерилност, без меморија, а пред се поради недостаток на вертикален притисок, самопромовираната општествено-политичка елита го живее своето илузорно спокојство. Илузорно, бидејќи сопственоста здобиена преку власта, може да биде одземена повторно преку власта. Легитимното наследување задолжително предвидува и бара добронамерен, достоен и чесен однос кон оставителот. Во спротивен случај (како кај нас) претставува ординарен грабеж и насилство.

Сето ова продуцира за многу краток период, општествено-политичката елита, да премине од својот задоцнет историски пубертет во ран политички климактериум. Еклатантно ова се согледува низ нашето секојдневие, криминалот и корупцијата како единствен начин на опстојување на елитата, немањето предвидување и следење на надоаѓачките глобални процеси и подготовка за соодветно реагирање на истите, заштита на граѓаните од разни закани како на пример дивеењето на цените, создавање на општо чувство на страв и несигурност или потполно нарушување на основите на личната и јавната сигурност. Бедотијата владее, како социјалната уште повеќе моралната и духовна. Според некои процени над 30% од населението живее во крајна сиромаштија, на работ од егзистенцијата. Нефункционирањето на државните институции, пред се безбедносните органи на кои секогаш паѓа вината за проблемите, а тие не се ништо друго туку сервис на власта и работат по насоки на власта.

Поради ова, крајно време е Македонецот да се раздели од својата лажна елита, лажни личности, лажни биографии, лажни идеали. Да се вратиме во реалноста, за што ни е потребна радикална промена, нова државно-политичка филозофија иманентна на просторот и времето во кое живееме.

Проблемот е што додека моменталниот политички елит се распаѓа, веќе се шири реа од грозната миризба на распаднатиот божем елит, процесите на создавање на антиелита, која треба да ја замени постоечката, се премногу спори со голема доза на несигурност и недоверба во своите интелектуални способности.

На овој начин „влетуваме“ во своевиден меѓупростор, интеррегнум (безвластие). Оние кои треба да си заминат (макар што не се многу среќни) се готови за тоа, но оние кои треба да им ја врачат поканата за заминување, сеуште не се подготвени за тоа. Колку побргу ја создадеме антиелитата која треба да ја замени владеачката општествено-политичка елита, толку повеќе ги зголемуваме можностите Македонија да опстои како држава и го заземе курсот кон развиените демократии и функционални држави со целосна власт на суверенот.

Се друго е продолжување на агонијата преточена низ дефиницијата „Импотентност одозгора-фригидност одоздола“.

Е дедо Герасиме! Ти тука си бил. Ај, кажи да не заборавиш.

„Извини, внучко, ама за Итар Пејо си грешка, тој одсекогаш бил дел од елитата. Баш пред некој ден наидов на него, се распослал со своите кибритарки пред ЦеКа, она што денес го викате Влада. - Каде е топчето, ајде 100 евра, 200... му довикнав –Добро бре Пејо нели ти досади да го лажеш народот? – Герасиме, знаеш што пишува на 222 стр. од „Капиталот“ на Маркс? Најди си овца па си ја стрижи!“


Во втората недела од Великиот пост (неделата на Св.Григориј Палама)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page