ПРЕГОВОРИ И ТЕНЗИИ
(или за божемните преговори на политикантите
и обидот за создавање на меѓуетничка криза)
Многупати реков и за жал пак мора да кажам и повторам. Мицкоски во рамките на својата задача да ја уништи македонската национална идеја, односно партијата ВМРО-ДПМНЕ, ќе посегне по сите можни инструменти па дури и до тоа да се претстави како жртва на атентат.
Жално, и ќе беше смешно да не е вака сериозна состојбата во државата. Која политичка величина од клучен маштаб за Македонија и регионот е Мицкоски, па некој сака да му направи атентат? (или што би рекле во Куманово: „кој мој к... си ти па да сакав да те утепав?) Па нека е тоа и еден најдолен најмен албански шовинист, кој мавта со пиштол поттикнат и најмен од не знам која служба со цел да се предизвикаат меѓуетнички тензии.
За се ви напишав, и за игрите (еве ги на дело како играат разни странски служби кои добро не проучиле на што најлесно може да не испровоцираат) и за бајките кои ги гледаме преку некакви си преговори кои денес се водат помеѓу неспособната власт и божемната опозиција во присуство на таканаречените коалициони партнери на власта (онаа тутурутка Трајанов кој вообичаено доцни еден семестар по настаните) и за политиката на јадење корења (која сега се засилува со наводната жртва на Големиот Диктатор).
Дали можеби се прашувате: Кој со кого и зошто преговараше денес? Потоа јас би им го поставил прашањето: „Да не го погрешивте-задоцнивте малку тајмингот и темата“?
Но, да тргнеме по ред.
Преговорите кои се водат помеѓу СДС и ВМРО-ДПМНЕ се задоцнети на темата на која разговараат и тврдам дека никаков ефект нема од таквото нешто освен непотребно дефокусирање на македонската јавност и секако трошење на времето кое го немаме премногу. Основата на разговорите и договарањето помеѓу СДС и ВМРО-ДПМНЕ во овој момент треба да биде по прашањето на содржината и обврските за Македонија во Протоколот од Втората меѓувладина комисија помеѓу Македонија и Бугарија и дали нешто може да се промени во овој момент. Во тој контекст мора да се договорат во иднина, составен дел од експертскиот македонски тим да бидат и двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин партијата како опозиција да биде дел од процесот и решението, а не дел од проблемот. Некако сум убеден дека оваа идеја нема да ја прифати Мицкоски, бидејќи тоа не е во согласност со неговата задача – уништување на ВМРО-ДПМНЕ доведувајќи ја во позиција на дестабилизирачки фактор и анахрон политички субјект кој ја дестабилизира Македонија, поради што треба да биде маргинализиран. Така, преговорите се само бајка за заспивање на граѓаните, а предлозите од нив се само една обична чадна бомба за да може игрите да продолжат со примена на потполна „маскирна дисциплина“. Впрочем видливо е дејствувањето на коалицијата ЗММ, а тоа ми го потврдуваат индикаторите на разговорите во четири очи помеѓу Мицкоски и Ковачевски, како и овие безпредметни и на погрешна тема божем преговори, зачинети со атентати во обид врз „лидерот“.
Е игрите, игрите се исклучително важен фактор за разбирање на целата состојба. Во рамки на геополитичката игра во која од поедини актери во неа, Македонија е предвидено да биде „курбанот“, додека не заспиваат со бајките, се случуваат контролирани подигања на тензиите. Целта на оваа подигање на тензиите е да се распалат етничките страсти, вознемират духовите и започне меѓуетничка криза во Македонија, бидејќи за наша жал најподложни сме на ваков вид конфликти и секако, лесно може да се најдат доволен број будали кои за грст парички се спремни да направат инцидент и да го откочат тригерот на конфликтната спирала на етничко насилство. На овој начин Македонија како невралгична точка на Балканот, а Балканот како „мек стомак“ на Европа, во рамките на игрите треба да биде „вториот европски фронт“ со геополитичко влијание. Фронт, проблем, насилен конфликт, криза, во земја членка на НАТО во самата Европа со која сите ќе треба да се занимаваат, а Европа да се покаже како никаков геополитички актер, а НАТО како воено-политички сојуз кој не може да гарантира сигурност дури и на своите членки. Тоа што во моментов се прашувам е: „Што работат македонските безбедносни служби (АНБ, АР и СБиР)“? За првите две знам дека се во нирвана и дека мислат дека тоа што не го знаат не се ни случува, а за третата со сигурност знам дека упорно и доследно ја исполнува својата „приоритетна“ задача: „следење на наставните активности на професорите на Воената академија“, зачинета со ситни кодошлаци за тоа кој со кого и што работи во касарните во личните и интимни односи.
Ова е нивен пропуст и тоа голем аналитички и оперативен пропуст, бидејќи требало да имаат предвидувачки анализи за можните извори на загрозувања и оперативни сознанија и дејствија за спречување на ризиците и заканите од активности на „други“ разузнавачки служби или неформални групи, при што истите активности, тивко и незабележително за јавноста ќе ги попречат или елиминираат и со тоа да ја отстранат опасноста. Но, и тоа е така како што е и поради оксиморонскиот пристап на оваа неспособна власт и не очекувам да има подобрување, туку сосема спротивно да имаме уште вакви „инциденти“ на кои свесните граѓани нема да наседнат и придонесат кон ескалација. За тоа дека Ковачевски и Пендаровски мислат дека тоа што не го знаат нивните АНБ и АР, не се ниту случува, нема да говорам, бидејќи оваа однесување само по себе е доволно ступидно, а згора на се самите тие не ни знаат какви задачи-барања да постават пред македонските безбедносни служби и да бараат нивна реализација во законски рамки и стручни процедури на оваа сериозна работа.
На крајот од оваа наша македонска сага, видливо е дека Мицкоски со сите сили се бори да ја пласира неговата политика на јадење корења, до степен на глумење жртва. Кловновска работа. Аман Христијане, не си ти клучната политичка личност на Балканите. Можеби си клучен за уништувањето на ВМРО-ДПМНЕ и засега добро си ја работиш работата де-факторизирајки ја партијата и седејќи во скутот на Заев (Ковачевски) заради остварување на твоите лични лукративни цели, но не си клучен за политиката во Македонија, а не пак пошироко за да некој се занимава со тебе и троши ресурси за да ти изврши атентат. Тебе нема ни да те прашаат на крајот кога Ковачевски јавно ќе ја прифати рамката на ЕУ (впрочем само погледни му го ликот на невладиниот Маричиќ на денешната прес конференција со Германецот Сарацин и неговата потсмешливост и сигурност дека се е веќе готово и дека само се одигрува театарот за јавност), а не пак некој да врши атентат врз тебе. Ти си само една компромитирана, а би рекол и злобна (злопамтило), суетна личност без храброст и достоинство, мативода, неинвентивна, опкружен со клиентелисти и „безбедносни експерти“, која доследно си ја извршува својата задача за која даде ветување дека ќе ја одработи, на неколку дена пред нелегалниот и против статутарен конгрес во Декември 2021 година, а за да останеш некаков си претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ете затоа сега ја играш твојата ролја од играта, нам ни раскажуваш бајки, а ја спроведуваш политиката на јадење корења во стилот на Големиот Диктатор врз кого постојно некој ќе изврши атентат.
И секако, оваа власт на Ковачевски и во неа Муртинскиот кандидат Спасовски е толку неспособна што и да сака не би умеела да организира атентат врз „лидерот“ на опозицијата. Можеби Спасовски е доволно способен (тоа го знам од минатото искуство) да организира внатрепартиски интриги во СДС, посебно во Куманово или да го ремети ОК Куманово на ВМРО-ДПМНЕ, да ги организира неговите ситни бандити по Банево Трло и Коњаре под заштита на неговиот Стојанче да „прават пари“ или да потплати некој во ВМРО-ДПМНЕ да изврши кодошлак, но како што е под засилен надзор на нашите стратешки партнери нема шанса да помисли, а не пак да се обиде да организира такво нешто како атентат врз Мицкоски. Па Мицкоски е најдобрата инвестиција на СДС и тоа се докажа безброј пати во последниве пет години. Да не е Мицкоски на челно на ВМРО-ДПМНЕ и таков неинвентивен и компромитиран да мора да се договара со СДС заради себе спасување и на неговите му криминални другарчиња, СДС одамна ќе беше грдо минато на Македонија. Вака сеуште ги имаме на власт заедно со сите будалаштини кои ги потпиша оксиморонот Заев и неговиот Димитров (кои некои опозициски портали деновиве го „величаа“), а ние сме обврзани да ги спроведуваме.
Но, секако дека поради овој инцидент Спасовски мора да си даде оставка заедно со Директорот на БЈБ, бидејќи задача на МВР е не само да ги обезбедува објектите на институциите, туку и да го обезбеди протестот за да може граѓаните мирно и непопречени од разни будали да го искажат својот став. Во конкретниот случај Спасовски има одговорност за необезбедување на јавен ред и мир при мирни и најавени граѓански протести, што беше видливо преку несоодветното распоредување на полицијата и нејзиното ненавремено реагирање поради што беа повредени граѓани и постоеше директна опасност од загрозување на јавниот ред и мир што полицијата мораше превентивно да го спречи. Дополнително е тоа што и малкумината полицајци кои беа на лице место реагираа како редари наместо како полиција со изрични и јасни наредби и дејствување кон пиштолџиската банда платени шовинисти, согласно правилата кој се јасни.
Ете така драги мои, ние сме жртви на една неспособна власт и на еден лукративен уништувач на ВМРО-ДПМНЕ како идеологија и политичка сила на македонскиот народ и одработувач на туѓи интереси против Македонија.
На денот на Рождество на Св.Јован Крстител - Иванден
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
П.С. На сите вас кои го носите името Иван, ви го честитам именденот и ви посакувам добро здравје вам и на вашите најблиски и по молитвите на Св.Јован Крстител да бидете вечни во Христа Бога.
Comments