Прекршување
Кресту твоему поклањајем сја Господи
и тридневному свјатоје Воскресениу твоему!
Драги мои читатели, конечно еве можност да напишам нешто што е во мојата област на професура, односно одбраната, мирот, конфликтите. Малку невообичаениот наслов на колумната насловена како „прекршување“ е токму во контекст на тоа за што сакам да ви пишувам. Сентенцата под насловот има сосема друго значење и порака.
Имено, при секој голем историски настан, било да е тоа световна војна, криза во меѓународните односи на работ на меѓународен воен судир, драматична промена на геополитичките влијанија, преоѓање од еден во друг глобален систем на односи, распад на империи, големи сили или нивно рекомпонирање, всушност доаѓа до големо глобално прекршување. Прекршување по кое светот нема да биде ист, воедно тоа значи дека и војувањето, но и одбраната нема да бидат исти како пред тоа. Нема да се соочуваме со истите закани, а тие, новите закани ќе донесат нови ризици врз сигурноста, со нови и различни загуби и штети кои може да ги предизвикаат, а кои ќе треба да ги предвидиме, процениме и превенираме.
Токму за да една држава биде способна за предвидување, проценка и превенција на заканите кои наидуваат, како и ризиците и штетите кои може да бидат предизвикани, мора да постои моќ на разбирање (сфаќање), моќ на појмовно определување, замисла, имагинација, согледување за тоа што може или поточно мора да се преземе заради заштита на државата. Основната задача на државата е да го заштити своето население. Впрочем, токму затоа како суверени се здруживме за да ја имаме нашата Македонија како држава. Државата мора да поседува моќ за разбирање и поимање на новите тенденции и да поседува доволно силен капацитет да создаде реалистична замисла за одбрана.
Ова замисла, моќ на разбирање и определување се нарекува КОНЦЕПЦИЈА.
При тоа, мора да знаеме дека концепција не е исто што и концепт, затоа што концепцијата е сеопфатна, а концептот може да биде дел од концепцијата. Концепцијата е секогаш сложена, се однесува на исклучиво витални проекти за државата како што е на пример одбраната. Таа има свои цели, стратегии и мерки за спроведување на стратешкиот проект. Концепцијата содржи информации за одбраната, нејзината потреба е потврдена низ праксата, содржи анализа на ризиците и заканите, нивниот обем и општествен миг на делување. Концепцијата има свој акционен план, планови за временска реализација, финансиски план, план за материјално-техничка поддршка и план за персонална пополнетост. Сите овие составни делови на концепцијата како што се: стратегиите, доктрините и оперативните планови претставуваат одбранбени документи на второ и трето ниво, но нивното создавање, точно детерминирање, поврзувањето со целите, па се до нивното спроведување и преку индикаторите следење на остварувањето по фази и во реално време, зависат исклучиво и само доколку ја имаме реално и свесно поставено основната замисла, идеја – концепцијата.
Да пишувам за поимот концепција до најситни детали би требало да ве преокупирам со еден навистина сложен научен труд во чии рамки ќе треба да објаснуваме многу стручни поими, а секако просторот за една колумна не го дозволува тоа. Затоа ќе поминам на тоа што уверен сум дека одлично ќе го разберете, пред се од лично искуство, а како што рековме поради сознанието дека државата има обврска да го заштити сопственото население односно нас - суверенот.
Постарите генерации добро паметат дека во Југославија употребувавме еден термин наречен „концепција на ОНО и ДСЗ“. Кога излеговме од тој систем, како по некое непишано правило ја напуштивме и оваа одбранбена концепција, а при тоа не создадовме нова, соодветна на нашите потреби и новата реалност.
Не е за изненадување дека човештвото многу често не може да ги види новите идни закани и влегува во некои шаблони кои потоа и во научната и академската јавност, во генералштабовите, командите, министерствата за одбрана и сите одбранбени „авторитети“ како мантра се повторуваат, самозалажувајќи се дека тоа што го повторуваме е единствена вистина и можно одбранбено сценарио. Така и нашите политиканти и елити за кои ви пишував во претходната колумна, немаа и сеуште немаат капацитет да ги видат прекршувањата во светот и новите закани.
Историското искуство не учи дека по завршувањето на Првата Световна војна и искуството од 1917 година за употреба на тенковите и авијацијата во борбени дејствија, единствено Германија благодарение на Гудеријан го сфати. Значењето на употребата на оклопните сили во стратешки групации и воздушната поддршка за пробој на организирана одбрана и нанесување на длабоки удари со продор во стратешка заднина е со цел создавање слобода на оперативно и стратешко дејствување во истата со оклопните сили и компромитација на линијата на одбрана и загрозување на логистичките патишта. Од тука подоцна и настанаа големите окружувања или „котли“ во кои завршуваа, се предаваа или водеа борба во опкружување стратешки формации. За волја на вистинита и во Франција имаше пандан на Гудеријан, а тоа беше Де Гол кој на францускиот генералштаб му го советуваше истото, што требаше да придонесе кон создавање на нова концепција и доктрина на вооружената борба. За жал, француската воена мисла во тој период беше заробена во за нив успешното искуство од Првата Светска војна како доктрина на позиционо војување на пешадиските единици со артилериска поддршка, поради што во 1940-та година скапо платија.
По завршувањето на Втората Светска војна концепциите на супер силите се ориентираат кон нуклеарната моќ влегувајќи во стратегијата на „масовна одмазда“. По Кубанската криза, САД ја воведоа стратегијата на „реалистичен одговор“ која всушност е зачеток на нивната концепција за „заштита на интересите“ на било која точка на планетата, заради што во согласност со современите закани НАТО како воено-политичка организација има свое потполно значење. Од друга страна, концепцијата за територијална одбрана на Русија или некогашниот СССР, подразбира создавање на таканаречени бафер зони од држави, територии и водени површини кои се под влијание или контрола на центарот на моќ-Москва. И двете концепции имаат во основа заштита на сопствената територија (интереси) при што клучна улога има развојот на современото вооружување, посебно ракетното (без разлика на боевото полнење кое го носи) и неговиот домет и прецизност, а во тој контекст и одбраната од истото, односно промена на доктрината на вооружена борба.
Така, драги мои доаѓаме до тоа што денес ни се случува, односно прекршувањето на геополитичката сцена, а преку војната во Украина. Не навлегувајќи во меѓународно-правните аспекти на војната, сакам да истакнам еден друг момент. Имено, некако незабележително ни помина промената на руската концепција за војната од периодот на СССР во Руската Федерација. Првата теза која во 1997 година ја изнесува Василиј Гулин ја редефинира дотогашната советска перцепција за војната од насилство кон „измена на односот на силите“. Всушност, токму тоа е и современата цел на војната во Украина – промен на односот на силите, но на глобално ниво. При тоа, Гулин зборува за епохата на „цивилизирани војни“ со примена на други облици на насилство, односно дека во 21-от век кој треба да биде мултиполарен, таканаречената „бескрвна војна“ ќе има значајно место како средство за решавање на противречностите помеѓу државите и центрите на моќ. Токму ова е новата концепција на современото разбирање на војната. Тоа е феномен и физиономија на современите војни, која врз основ на овие теориски поставки на Гулин, во периодот од 2013 до 2019 година како доктрина ги спроведува генералот Валериј Герасимов (НГШ на вооружените сили на Руската Федерација), и го дефинираме како современа доктрина на вооружена борба.
Контекстот на воспоставување на новата концепција која секако дека е втемелена врз геополитичките интереси на центрите на моќ, а како резултат на суб-регионалните политички, безбедносни и социјални потреси во последната декада, многу слично е перцепирана и во научната јавност на Запад како современа концепција и доктрина на вооружена борба за што зборува Марк Галеоти, но со повеќе изразен политиколошки пристап на феноменот и физиономијата на војната.
Во пракса, во Украина се демонстрираат некои најсовремени типови на вооружување кои покажаа нови ракетни системи со среден дострел како некогашните балистички ракети, но осовременети до тој степен што се движат со хипер-сонична брзина или имаат способност за отскокнување и наведување во текот на летот, а што ги прави многу тешки за навремено откривање и пресретнување. При тоа, се губи потребата од масовни армии и фронтови и покрај големите меѓу простори. Според старото сознание дека војската во борба врши маневар со единици и со оган, во современи услови особено маневарот со оган го гледаме на дело, но видливо е и покривањето на информативните и временските празнини. Секако дека постојат загуби, но тие, како кај војските на двете страни, така и кај цивилното население се многу помали отколку во минатите војни, што пак одговара на идејата за „бескрвна војна“, иако не потполно. Класичните фронтални дејствија на големи стратешко-оперативни формации не се дел од новата концепција и стратегиска доктрина на употребата на вооружените сили. Тоа се ударите на дистанца врз стратешките цели на целокупната територијална длабочина и употребата на оклопно-механизирани тактичко-оперативни копнени сили со поддршка од самоодни артилериско-ракетни системи, без јасна граница на тактичкото, оперативното и стратешкото ниво на борбена употреба на единиците и ефикасност во остварувањето на целите. Но, токму концепцискиот судир, новата доктрина на водењето на вооружена борба и видливото прекршување на светот се она што е порака од војната во Украина.
Имајќи го сето ова пред нас, а зборувајќи ви за поимот концепција, преку една ваква колумна сакам да предизвикам внимание на стручната, научната и академската јавност во областа на одбраната, кај генералштабот на АРМ и министерството за одбрана. Не е стратешки пристап, а воопшто пак нема врска со концепција, оперативен стратешки преглед, за што упорно ви зборував дека се работи за оперативен документ на трето ниво кои се искористи за простачки и глупав политички маркетинг. Тоа што во министерството за одбрана на Македонија денес не знаете, не можете, не сте способни да го видите, заслепени од личните интереси како да се вградите во некое тендерче, а при тоа повторувајќи ја мантрата дека со членство во НАТО сме решиле се по прашање на одбраната е ваша заблуда која може скапо да не чини. Знам дека немате компас и тоа одамна го утврдивме, но покрај тоа сте и...
Во вакви нови услови, потребно е да се мобилизира македонската воена мисла, умот на македонската одбрана кој го уништувате со децении. Да се даде простор за утврдување на нова и современа КОНЦЕПЦИЈА ЗА ОДБРАНА на Македонија. При тоа, не значи дека ќе го поништиме нашето членство во НАТО, туку во рамките на НАТО ќе создадеме сопствен микро – национален развој (концепција) со единствена цел, како во услови на современо војување на прво место да го заштитиме нашето население, нашите граѓани. Како да бидеме подготвени да преку современа одбранбена концепција се справиме со современите закани?
Прекршувањата се појавуваат циклично во светската историја, отприлика на секој 30-50 години, а задача на државите е да ги менуваат и прилагодуваат своите одбранбени концепции и доктрина на вооружена борба, поради што треба постојано да ја одржуваат во кондиција домицилната научна мисла. Ние за наша жал немаме никаква концепција која би ја усовршиле или прилагодиле на современите закани од новите облици на војување и загрозување, и насушно ни е потребно итно да ја создадеме. Главниот проблем ќе биде создавањето на обучен, мотивиран и национално свесен персонал, способен за дејство во единствен разузнавачко-информативен простор во рамките на НАТО, како и прашањето на кој начин, како и со кои средства да го заштитиме населението. Значењето на новата концепција пред прекршувањето да не искрши, е исклучително важно за цивилните аспекти во одбранбената концепција имајќи пред вид дека во современите војни соодносот помеѓу не воените и воените мерки (политички, економски, информациски, енергетски итн.) кои се преземаат изнесува 4:1 во корист на не воените мерки и покрај присуството на елементот на вооружена борба, содржината на борбените дејства и актерите.
Дедо Герасиме, сакаше ли нешто да ми кажеш или ми се пристори?
... Хм, внучко, што да ти кажам, продаваш злато за бакар, но нека ти биде. Запомни што ќе ти кажам – Кога се молиш за дожд, мора да размислиш и за калта!
Во третата недела од Великиот пост (во Крстопоклоната недела)
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Commentaires