Препелкање
(или за тоа како безидејноста е изразена во Македонија
и засилена со парадоксалната безидејност на Мицкоски)
Последниве две недели премногу очебијно е дека во Македонија, на сцена се внатрепартиски потреси. Потреси насочени кон внатрепартиските таканаречени елити, потреси насочени кон промена на политичкиот естаблишмент, колоквијално наречени политички олигарси, ориентирани кон личните бизниси, а воопшто незаинтересирани за Македонија и маките на граѓаните.
Со оглед на тоа дека ја предводам политичката фракција во ВМРО-ДПМНЕ која има за цел демократизација и ревитализација на партијата, а што започнува со оставка на Мицксоки на позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ што го деклариравме како прво и основно политичко барање на фракцијата, во оваа колумна драги мои првенствено ќе пишувам за ВМРО-ДПМНЕ.
Во моментов внатрепартиските препелкања се во рамките на обидот да опстојат актуелните раководства и покрај ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, не е далеку од оваа состојба ниту СДС. При тоа, единствената разлика е во можноста СДС своите внатрепартиски неизбежни промени да ги направи преку реконструкција на владата, а прв тест за тоа беше оставката на Милевски од челната позиција на ЛДП и министерството за локална самоуправа, а најавата дека Пенов ќе биде нов министер во владата на Ковачевские претставува вовед за нејзина реконструкција. Реконструкцијата на владата во делот на ресорите кои ги водат кадри од СДС, а посебно Спасовски и Бочварски би претставувало големо олеснување за Ковачевски, а потполно растоварување би претставувало успешно решение за енергетската криза (во што се сомневам). Дали Ковачевски ќе успее да се справи со овие два клучни предизвици, останува да видиме во пракса и тоа многу наскоро, од што ќе зависи и неговото политичко преживување. Во СДС допрва ќе гледаме на јавна сцена препелкање, особено во моментите на реконструкција на владата и веднаш по неа, секако доколку се случи во единствено сериозниот обем за кој верувам дека и Ковачевски и во СДС се свесни дека е неопходно, неважно дали тоа го сакаат или не.
Препелкањето во ДУИ ќе се засилува, колку и да сака Груби да го прикрие тоа, но тоа препелкање има директна поврзаност со претстојната реконструкција на владата во чии рамки ќе мора да се реконструираат и ресорите со кои раководи ДУИ. Дали тоа го гледа Ахмети? Да, да сигурно му е јасно и во клучниот момент ќе се бори исклучиво за свое политичко-месијанско преживување, така што многу е веројатно да се ослободи од Груби.
Така, оваа никаква влада, благодарение на некои други тенденции и регионални и геополитички случувања, како и на парадоксалниот Мицкоски, добива шанса да преживее доколку успее да се реконструира и да купи уште 4-6 месеци простор. Во овие месеци евентуално „новата“ влада на Ковачевски ќе мора да покаже сосема различна слика и делување од моменталната, особено во борбата против корупцијата, на прво место преку борбата со оваа болест во редовите на криминалната коалиција СДС и ДУИ. Несомнено дека оваа ќе биде исклучително огромен предизвик за Ковачевски, и токму во овој аспект се сомневам дека Ковачевски ќе биде успешен и ќе издржи во внатрепартиската и внатре владината-коалициона антикорупциска борба. Нѐ важно е дали ова антикорупциска борба му е наметната на Ковачевски или и самиот тој доброволно и самосвесно ја прифаќа како сопствена агенда, важно е дали ќе биде успешен во нејзиното праведно и доследно спроведување. Во таа борба како природен сојузник му се наметнува неопходноста од поддршка на опозицијата, поточно на ВМРО-ДПМНЕ. Токму од ВМРО-ДПМНЕ кое се препелка во калта на парадоксалната безидејност на Мицкоски.
Ех, ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што се случува во партијата деновиве по излегувањето во јавноста на фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ укажува на две клучни работи:
1.Дека фракцијата и не е несериозно разбрана од Мицкоски (колку и да се обидува во јавноста да ја игнорира и од политички конфликт да ја сведе на личносен) и воедно успеа барем да го разбуди, па истиот почна да оди по комитети, па дури и започна со ad hoc ажурирање на членството (за тоа подолу).
2.Членството реагираше позитивно на појавата на фракцијата добивајќи можност да ги искаже своите мислења, особено во однос на состојбите во партијата и политиките на Мицкоски.
Сето ова го натера Мицкоски, додуша неволно, да мора да се сврти кон членството и во негов стил да се обиде да го пасивизира (народски кажано да го прелаже), додуша како и вообичаено безидејно, но толку може. Токму со појавувањето во Општинските комитети за кои смета дека му се доволно сигурни да се појави во истите пред се заради ПР, а при тоа да не добие незгодни прашања или уште полошо да биде исвиркан. Затоа и во Гази Баба, Бутел и Карпош бројот на членови кои се присутни на состанокот со Мицкоски се движи до кај 50-тина луѓе со се партиските функционери и оние од непосредното опкружување на Мицкоски. Доколку се има во вид дека само бројот на месни комитети е поголем од дваесет во секој од овие Општински комитети, а според последното ажурирање овие комитети секој поодделно бројат над 3000 членови, тогаш е прашање дали сите месни комитети биле присутни (поканети), а да не зборуваме за (не)присуството на униите (ова многу убаво може да се види на фотографиите каде вообичаено од избрани агли се прават по три-четири фотографии). Се сеќавам на времето кога во Општинскиот комитет Куманово доаѓаше Георгиевски или Груевски, немаше простор на улицата, а не пак во просториите на комитетот. Патем, при една посета на Груевски на ОК Куманово 2004 година поради голем одзив и барање на членството, состанокот со членовите како отворен состанок со претседателот на партијата (тогаш Груевски) беше одржан во еден од најголемите месни комитети (Зелен рид), а при тоа имаше жива, отворена и жолчна дискусија помеѓу претседателот и членовите од која никој не побегна. Ова само како сеќавање на некои времиња во кои барем малку се дискутираше.
Денес немаме никаква дебата во партијата и Мицкоски глуми дека прави внатрепартиска дебата со членовите исклучиво со ПР цел. Впрочем, цела година од завршување на локалните избори Мицкоски не се појави никаде во општинските комитети. Добро е тоа што барем сега се појави, па нека е и за ефтин ПР.
За наша жал, оваа постапка и како ПР е задоцнета од Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ е внатрешно уништена партија чија структура е руина. Не функционираат во потполност општинските комитети, месните комитети се воглавно потполно вон функција, некогашните комитети на избирачки места (КИМ) воопшто не постојат и се заборавена работа.
Вториот ПР пакет смислен набрзина и како ad hoc решение е ажурирањето. Вообичаено е за Мицкоски набрзина да смислува решенија за сопствено извлекување од проблемите, а при тоа да ја стави партијата во проблем, за што пишував и во „визијата за ВМРО“ лоцирајќи го како еден од клучните проблеми токму немањето стратешка анализа и дејствување. Е каде е „проблемот“ со ажурирањето?
Најпрво, ажурирањето на членството не е статутарна одредба како што се обидуваат некои да манипулираат. Тоа треба да е одлука на извршниот комитет, потврдена од централниот комитет поради определена техничко-статистичка операција внатре во партијата за чие спроведување се определува времетраење, јавно се известуваат членовите со соопштение, се задолжува секретаријатот во соработка со општинските комитети (нивните секретаријати) и комисијата за информатика и одделот за компјутерско-информатичка поддршка на партијата. Едноставно, треба да се образложи потребата за ажурирање на членството, а тоа да се внесе во компјутерскиот систем и евиденција на партијата заради оперативна работа со членството. При тоа потребно е да се има евиденција за образованието, местото на работење и корисните вештини и знаења на членовите кои може да придонесат кон градење и јавна афирмација на политиките на партијата на локално и државно ниво. Во конкретниов случај кога последното ажурирање на членството се случи пред четири години нема некоја посебна потреба од ажурирање на членството.
Всушност, може и има потреба, доколку Мицкоски решил да го смени статутот на партијата, истовремено да си даде оставка и веќе во Февруари, партијата ќе оди на општи-непосредни претседателски избори. Доколку е тоа така, бравос, фракцијата успеа да ја постигне целта „оставка на Мицкоски“ и демократизација на партијата за избор на претседател на партијата по принципот „еден член-еден глас“. Можеби и има вистина во гласовите дека за некој ден ќе си даде оставка. Можеби, нели, да не е Мицкоски во прашање.
Но, за наша жал тоа не е точно, вистината е дека и оваа „ажурирање“ е само ефтин ПР на Мицкоски, преку кои ќе сака да покаже дека има поддршка во партијата. Ова е еклатантно злоупотребување на членовите, а тоа веќе го објаснив, дека спротивставувањето и несогласувањето со политиките на претседателот или негово критикување не значи дека некој се спротивставува и е против партијата. Обидот за лажни ПР активности со цел кревање на урнатиот личен рејтинг и злоупотреба на членството со негово фотографирање во општинските комитети, воопшто не значи дека нашето членство го поддржува Мицкоски и неговата политика.
Едноставно, сите ние ќе се ажурираме. Отворено и јавно ги повикувам сите членови на ВМРО-ДПМНЕ да се ажурираат затоа што ние сме членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а не затоа што на тој начин ќе покажеме дека го поддржуваме Мицкоски. Сепак, Мицкоски не е ВМРО-ДПМНЕ и како противстатутарен претседател тој само ја претставува партијата, а ВМРО-ДПМНЕ сме сите ние членовите, ажурирани или не, симпатизери и поддржувачи на партијата не на претседателот.
Ве повикувам да се ажурираме, без разлика што партијата ни е приватизирана и не чека борба да си ја вратиме, бидејќи се обидуваат да ја криминализираат и со тоа и да ја уништат како криминална организација, со нашето масовно ажурирање ќе се избориме ВМРО-ДПМНЕ да опстане, да зајакне и да го победи СДС криминално без Мицкоски и неговите бизнис другарчиња.
Мицкоски е неспособен да ја води партијата, меѓу членството владее апатија, но тој мисли дека доколку направи ПР ажурирање таа апатија повторно со ПР ќе ја покрие. Со нашето ажурирање, не треба да му даваме поддршка на Мицкоски, со ажурирањето треба да побараме да си оди и да го ослободиме КРЕАТИВНИОТ УМ на партијата. Тоа е фундаментот врз кои ќе се демократизира и ревитализира партијата. Тоа е патот да завршат парадоксалните безидејни препелкања на Мицкоски со кои нанесува штета на ВМРО-ДПМНЕ. При тоа, Мицкоски остава простор на СДС криминално што побезболно да излезе од неговото внатрепартиско препелкање и владино препелкање со ДУИ.
На денот на сите македонски светители
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comments