Проигрувања во цајтнот
Во реалноста не постои цајтнот (крајно време-временски теснец) за Македонија за да мора владата на криминалните партнери СДС и ДУИ да стави точка по прашањето на таканаречениот „француски предлог“ со негово дефинитивно прифаќање. Дури и „формалностите“ на лицето Пендаровски кое се претставува за претседател на Македонија, ништо не и олеснуваат на нашата, македонската страна во преговорите со Бугарија.
Градејќи ја оваа неопходност за решение при некакво истекување на времето за одговор, владата сака набрзина да го симне од врат ова прашање на едноставна собраниска седница, па потоа „ќе видиме“. Ова е проигрување на владата по принципот „и волкот сит и овците на број“. Да се биде услужен кон ЕУ, а во исто време доколку е возможно да не се предизвикаат општествени немири и реакција која би ја урнала владата. Токму затоа се проигрува со тоа дека се наоѓаме во временски теснец поради што мора да дадеме одговор на „францускиот предлог“.
А, не се работи за „францускиот предлог“ и тоа во последниве десетина дена го повторив најмалку четири пати во моите колумни и самата анализа на „протоколот“ кој е всушност главниот проблем. Токму за овој проблем никако владата, но и божемната опозиција која протестира против „францускиот предлог“, но не и против „протоколот“ не зборуваат. Додека владата се обидува во временски цајтнот да го протурка „францускиот предлог“ во Собрание за да си даде некаков си легитимитет и да го потпише „протоколот“, божемната опозиција упорно зборува за тоа дека доколку не се прифати „францускиот предлог“ тие нема да бараат брзи предвремени избори. Како некој се да трча да им даде избори, а и ете да се случи такво нешто, во една ваква игранка зарем мислите дека Мицкоски ќе дојде на власт или подобро: „дали Мицкоски сака да дојде на власт и потоа да мора да го спроведува тоа што Ковачевски ќе го прифати“?
Е па драги мои вака стојат работите. Иако навидум се изгледа како да се спротивставени, Ковачески и Мицкоски проигруваат во цајтнот едноставна игра, тоа е како да се каже „ДА“ на „францускиот предлог“, а за тоа да има божем отпор од Мицкоски, при тоа да не се постави ниту пак јавно дебатира и одговори на прашањето: „Што содржи протоколот-записникот од Втората меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија“? Повторно ќе напоменам дека ова е многу важно за да знаеме во какви меѓународни-билатерални обврски влегува Македонија. Затоа што подоцна тие обврски како и оние кои во наше име ги презема оксиморонот Заев ние ќе треба да ги реализирама. Згора на сѐ, и при падната влада во Бугарија и очекувани избори на есен, бугарското МНР го кани Османи на состанок Третата годишна меѓувладина комисија. Каква игранка во која Македонија треба да биде жртва. Токму во врска со оваа покана, Османи има чиста можност да ја одбие со образложение дека владата на Бугарија која го кани е во оставка и се до формирањето на нова политичка влада не е целисходно да разговараме.
Со оглед на тоа што го гледам и свесноста дека преку прифаќање на „францускиот предлог“ ќе биде прифатен Протоколот, а секој вон институционален обид на Мицкоски за попречување на овој процес нема да суштествува, па дури тоа е да и божемен обид за атентат врз него и опасната игра со платени албански шовинисти, ни останува да се концентрираме на подготовки за буквално општествено-национален судир со национал-шовинистичката клика на Бугарија на сите општествени нивоа внатре во Македонија, билатерално со Бугарија и на меѓународен план.
Таа подготовка и отпор на клиентелистичкиот бугарски национал - шовинизам би требало да ја водат три клучни национални институции: МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА. При тоа во никој случај да не му дозволат на Мицкоски да се наметнува како „лидер“, бидејќи во таков случај поради неговите политичко-лукративни интереси однапред ќе бидеме осудени на пропаст и во загуба. Всушност ќе биде компромитиран националниот отпор со политички примеси и наместо организиран отпор врз научни и докажани факти може да очекуваме повторно некоја „направија“ од типот на бојкотирање која политички ќе го загади отпорот и ќе се претвори во вулгарна предизборна активност во тривијална борба за власт. Основното оправдување или „лижавче“ за народот во една ваква тривијална борба за гола власт може да го дефинираме како: „не сме ние виновни, СДС го прифати францускиот предлог“ (Мицкоски) или: „ние го започнавме европскиот пат, кој тоа бара да не почитуваме меѓународни договори и не свртува од патот на ЕУ“ (Ковачевски).
И двајцата зафатени со својот политички опстанок (читај криминално-животен) ќе испраќаат ступидни дневно-политички пораки божем до гласачите, како и до нашите партнери, но целта е многу едноставна, а тоа е доаѓање на власт. Резултатот од тоа нема да биде ништо добро за Македонија и македонскиот народ, бидејќи преговорите со Бугарија ќе мора да продолжат и пак се враќаме на темата: „чист македонски отпор на бугарскиот шовинизам“, а не дневно-политички проигрувања и калкулации.
Кога зборувам дека преговорите со Бугарија ќе мора да продолжат, буквално мислам дека ќе мораат да продолжат без разлика дали ние ќе го замрзнеме нашиот пат за полноправно членство во ЕУ. Мора да продолжат од едноставна причина што сме тука, соседи сме и не можеме ниту ние ниту тие да се иселиме некаде подалеку. Едноставно, не можеме да „го продадеме куќата“, иако мнозина би сакале тоа да се случи и работеа со децении токму на тоа, па затоа денес плаќаме скапа сметка. Како и да завртиш дали за десет, дваесет или педесет години повторно ќе мораме да преговараме со Бугарија или да правиме нови договори, но кога и да се случуваат во иднина тие преговори или нови договори мораме најпрво да бидеме добро подготвени за нив со факти и докази. Друг фактор кој несомнено ќе влијае врз преговорите сега или во иднина е геополитичката состојба и позицијата на двете држави во меѓународните односи, односно нивното членство во сојузи или партнерство во голема или светска сила. Во тој контекст секогаш ќе бидат присутни и интересите на сојузот (водечките држави членки) или на големата-светска сила која ќе биде стратешки партнер.
Оттука, наше е да се подготвиме и наоружаме со знаење, факти и докази, со трпение и смирение, со сојузници, но пред сѐ национално единство и свесност за долготрајноста на борбата која не чека како народ, нација и општество во сите аспекти и особено внатрешните релации или македонцките работи.
Се сеќаваш ли внучко кога ти раскажував за мојот разговор со Бонапарта, ај да ти повторам, бидејќи помнењето на нашиот народ е до три дни.
„Внучко, додека си седевме со Бонапарта во салата на огледалата во Версај, пиејќи француски коњак, го прашувам: „Добро бе Наполеончо, така го викав од милост, беше две глави понизок од мене, зошто ние Македонците имаме толку проблеми, никако држава да направиме“? – а, тој воздивна, се опули нагоре за да може да ме погледне в очи и рече: „Ех Герасиме, географијата е проклета, таа е детерминанта која ја одредува судбината на народите!“
На денот на Светите апостоли Петар и Павле
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
П.С. На сите вас кои го носите името на Светите апостоли Петар и Павле, ви го честитам именденот и ви посакувам по нивните молитви да сте живи и здрави и вечни во Христа Бога.
Comments