Промени
(или за тоа што мора да смениме во Статутот на ВМРО-ДПМНЕ)
Почитувани партиски пријатели, во минатата колумна Ви зборував за потребата од лично преумување и како резултат на тоа демократизација на ВМРО-ДПМНЕ преку Статутарни измени. Ги посочивме критичните или поточно проблематичните и најточно недемократските одредби од Статутот на партијата, па така во оваа колумна ќе зборуваме за решенијата кои ги нуди Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ.
Како да најдеме решенија за нормален демократски Статут на нашата партија? Статут кој ќе овозможи внатрепартиски регуларни избори на претседател, а претходно на телата и органите на партијата. Таквата демократизација и преумување кое веќе ви го појаснив ќе не доведат до брз – молскавична ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ и победа на идните парламентарни избори во 2024 година за што и Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ се залага.
Еве драги мои сопартијци да се запрашаме уште од сега, за следните избори, кој ќе ги избере кандидатите за пратеници? Ова е прашање на кое сите ние го знаеме одговорот. Освен некакви јалови анкети, кој ќе го препознае мислењето на членството и потенцијалните гласачи или пак практично ќе ги ефектуира?
Повторно на листите ќе се изнаместат лица кои можат да се стават во категоријата изгубено-најдено, со една заедничка карактеристика – клиенти кој најмногу успеале во лигавењето околу претседателот па дури нека е и самоизбран каков што е Мицкоски. Впрочем, како пример, знам со сигурност дека веднаш по објавувањето на моите колумни нозе и телефони ќе испокршат за први да му кажат на „неговото величество“ дека сум го нападнал и како послушно кутре очекуваат награда од списокот на награди за лигавење на кој секако на врвот е да се биде на листата за пратеници и тоа што е можно повисоко за сигурно да се „влезе“. На критериуми базирани на квалитет и компетентност – заборавете!
Поради ова, ние предлагаме потполна промена на Статутот во делот на внатрепартиската организација и внатрепартиските избори, со една глава определба.
Сите органи или функционери да бидат ИЗБРАНИ од членовите и никој кој го избрале пониските нивоа да не може да биде сменат од повисоките нивоа во партијата. При тоа, предлагаме, или поточно инсистираме, основна ќелија во партијата во која ќе почнува процесот на избори да биде Комитетот на избирачко место (КИМ).
Собранието на ОК да биде составен исклучиво од членови кои се избрани – делегирани од КИМ-овите.
Собранието на ОК да го избира претседателот на ОК, без право на никој да им се меша во одлуката, нити пак така избраниот претседател на ОК да може да биде сменет од повисоките органи во партијата. На тој начин тој би имал авторитет и интегритет навистина да ги застапува интересите на членовите на партијата од ОК кој го избрал и кој може да го смени, а не да биде обичен извршител и послушник. Истото собрание на ОК ќе ги избира кандидатите за градоначалник, кандидатите за пратеници и ќе ја направи конечната листа за кандидати за советници, ќе избира дополнителни членови на ЦК и ќе ги избира делегатите за Конгрес.
Одговорноста, но и мотивацијата на членовите од секој ОК значително ќе се зголеми кога ќе знаат дека нивната одлука е конечна и од нив самите во најголема мера зависат резултатите. Не може никој да спори дека партиските членови од некој општински комитет најдобро ги познаваат кандидатите, ги знаат нивните добри и лоши страни и дека секогаш ќе го направат најдобриот избор. Затоа, прв чекор кон демократизацијата на партијата е да им се овозможи на КИМ-овите самите да ги избираат своите претставници кои ќе ги водат или застапуваат.
Понатаму, Централниот Комитет ќе биде составен од така избраните претседатели на ОК, кои ќе одговараат за својата работа пред базата, која единствено ќе може да ги разреши и смени. Таквиот ЦК ќе може, а и ќе му биде и обврска да се спротивстави на погрешните чекори на претседателот на партијата и ИК и да биде нивен коректор, без на членовите да им биде страв дека за тоа ќе имаат последици. Напротив, доколку нивното делување е во интерес на партијата, тие ќе ја зацврстуваат сопствената позиција.
Централниот Комитет кој ќе работи без притисок, многу поодговорно ќе се однесува кон кадровската политика при што ќе се форсираат квалитетни кадри бидејќи од нивната успешност ќе зависи успешноста на партијата.
Во случај на распишување на Конгрес, одлучувањето ќе биде од членови кои немаат лични обврски кон актуелното раководство, туку ќе донесуваат одлуки за доброто на партијата. Делегатите на Конгресот ќе бидат избирани од Собранијата на општинските комитети и во тој процес Претседателот, ИК и ЦК нема да имаат влијание.
Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе биде избран на Конгрес во кој делегати се членови во чија селекција тој не учествувал на никој начин, ќе биде претседател со апсолутен авторитет и легитимитет навистина да ја води партијата кон програмски цели кои ќе се дефинираат во структурите на партијата. Воедно, вака избраните делегати ќе може да побараат одговорност на претседателот на партијата поради лоши резултати или погрешни политики, особено по изгубени парламентарни избори или неформирање влада на ВМРО-ДПМНЕ. Во тој контекст Статутот ќе предвиди задолжително свикување на Конгрес после секои парламентарни избори на кои претседателот е должен да даде отчет пред делегатите, а тие ќе можат да покренат процедура за гласање на негова смена и распишување на нови избори за претседател.
Потребно е да се избегнат можни манипулации со Статутот кој според актуелниот „врвно демократски“ Статут го донесува Конгресот, но постои правно двојство, бидејќи измени и дополни во истиот може да направи и Централниот Комитет. Затоа, исклучително во новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ ќе се инсистира дека измени и дополни на Статутот може да прави само Конгресот, бидејќи тој е највисокото партиско тело и тој го донел Статутот, така што Конгресот и може да врши измени и дополни на актот Статут-Устав на ВМРО-ДПМНЕ кој самиот Конгрес го донел.
Секако дека во рамките на дебатата и конкретните предлози за промена на Статутот на која како Фракција во ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистираме да учествуваме, ќе се отворат и други прашања кои во неколку колумни поради просторот и задржувањето на вашето внимание не можеме да ги опфатиме.
Вистинска сила на ВМРО-ДПМНЕ е народот-членството, кој најдобро знае, најдобро умее, најмногу може. Затоа мораме да му дадеме шанса тој народ – тоа членство, самиот да ги донесува одлуките за својата иднина.
Целта на Фракцијата не е преземање на ВМРО-ДПМНЕ туку ВРАЌАЊЕ на партијата на вистинскиот сопственик – на членовите и народот!. Целта која треба да се постигне е ВМРО-ДПМНЕ повторно да стане современа, десна, Европска политичка партија која ќе работи во интерес на македонските граѓани и Македонија и како таква да дојде на власт и одговорно да ја поведе нашата татковина во предизвиците кои претстојат. А ќе ги има многу!
Еве, Мицковски најави дека предвремени избори ќе има во мај. Доколку успее во тоа да има избори и да започне предизборната кампања, поаѓајќи од тоа дека за нас смената на криминалната СДС од власт е пред сѐ, колку и да не се согласуваме со насоката каде ја води и начинот на кој тој ја води партијата ќе ја добие нашата поддршка за време на изборите. Во тој период нашето барање за ревитализација и демократизација ќе го одложиме за после изборите.
Доколку не успее да добие предвремени избори во мај, поради неговото постојано истрчување и политичка неталентираност, уште еднаш во јавноста ќе се добие и потврди впечатокот за несериозност, незнаење и немоќ, а тоа значи дека како партија сме доживеале уште еден пораз за ВМРО-ДПМНЕ. Дали некој се мајтапи со Мицкоски и го „вози“ не знам, но горко е чувството кога секојдневно се плашам да не се излета повторно со некоја „страшна стратегија“. Му кажал ли некој дека народот не ги сака губитниците? Уште поголем пораз би бил, доколку и покрај сите претходни театрални потпишувања изјави и убедувања дека такво нешто е неможно, сепак се случи да дојде до промена на Уставот со гласови на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а што е за очекување. Јас оваа и го предвидов уште пред повеќе од половина година како исклучителен проблем на ВМРО-ДПМНЕ. Во двата случаи, секој добронамерен член на ВМРО-ДПМНЕ мора да се разбуди и да сфати дека само ревитализирано и демократизирано ВМРО-ДПМНЕ може да ја поведе Македонија по вистинскиот пат кон ЕУ. Затоа, на следните парламентарни избори, ВМРО мора да настапи како обновена партија.
При тоа, едноставна замена на Мицковски, со нов од него предложен претседател, без внатрепартиски избори на кои ќе се слушне и почитува гласот на членството ќе значи крај на ВМРО. Такво нешто не смее да се дозволи.
Демократизација МОРА ДА ИМА, членовите мора да ја земат партијата во свои раце, бидејќи само тие се вистинските нејзини сопственици! Доколку упорно сите се правиме глуви и слепи за тоа какво е сега ВМРО-ДПМНЕ, а многу добро знаеме какво треба да биде, залудно е подоцна да се обидуваме да ја исправиме работата кога ќе биде предоцна. Ви тврдам дека ќе биде предоцна доколку се дозволи на СДС криминално и неспособно повторно да формира влада во 2024. Таквото сценарио е многу реално доколку Мицкоски не успее да доведе до предвремени избори и тоа што побргу бидејќи времето не работи за нас. Но, јас одамна реков и се повеќе се потврдува дека сум во право дека со своите последователни неуспеси Мицкоски го де-факторизира ВМРО-ДПМНЕ и му дава простор на криминалното и неспособно СДС да преживува. Токму пропуштањето на крајниот рок за избори пред летото 2023 и чекање на редовни избори во 2024 година значи одработување за интересите и целите на СДС и Заев. Губењето време без демократизирање и ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ пред редовните парламентарни избори значи повторно неподготвено влегување во изборна трка во надеж за победа исклучиво заснована врз незадоволството на македонските граѓани од неспособната и криминална власт на СДС или нешто слично како за последните локални избори.
Мора да почне да се делува веднаш!
Кажавме дека прв чекор во процесот е демократизација, а прва пречка за демократизација е постојниот Статут. Постои ли искрен член на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе каже дека му е мило како сега се поставуваат функционерите во партијата? (Овде го потенцирам зборот искрен). Јас мислам дека не, а вие?
Почитувани мои сопартијци во последните три колумни Ви ја претставив визијата на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ во врска со Статутарни промени во партијата кои мора да се случат доколку сакаме ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт. Како што веќе констатирав, постои потреба и од други промени во Статутот на партијата, но целта на оваа колумна е да ги поентираме главните точки со чија промена би ја започнале демократизацијата на нашата ВМРО-ДПМНЕ.
Време е да се преумиме себеси и така да ја демократизираме и ревитализираме нашата ВМРО-ДПМНЕ.
На денот на чесните вериги на С.Апостол Петар
(неделата на Захеј, недела на пред подготвитените недели за Великот Пост)
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comments