top of page

ПРОТОКОЛ

(или за замката во која треба да не внесат политикантите)


Ете бидна и протест со најмалку двојно повеќе присутни отколку на протестот на Мицкоски на 18-ти јуни. Тоа покажува многу, а пред се дека Мицкоски не е лидер, харизматичен, предводник и дека македонските граѓани не му веруваат. Македонецот мораше да биде испровоциран од недоветноста на владата отсликана во таканаречениот „француски предлог“ за да излезе на протест. Како протестниот притисок врз владата ќе се одвива понатаму и дали Мицкоски ќе се обиде (а убеден сум дека ќе се обиде) политички-лукративно да профитира од општата клима на незадоволство на граѓаните која кулминира со состојбата во врска со таканаречениот „француски предлог“ ќе видиме многу бргу, веќе по најавениот втор протест, неговата кореографија и говорниците што ќе се претстават.

Но, во оваа колумна не е толку важно што се ќе направи Мицкоски заради спасување на сопствената кожичка и на кожичката на некои негови блиски пајташи користејќи го самиот протестен циклус. Тој како и неговите партнери од власта, докажани политиканти, треба да одговорат на некои клучни прашања кои „висат“ и бараат одговор кои ќе им ги поставам подолу. Важна е Македонија и македонската нација, македонскиот народ, сите ние, нашата Македонија, и затоа оваа колумна носи наслов „протокол“.

Токму така, „протоколот“, фамозниот протокол кој одеднаш исчезна од преговарачката рамка, но за него никако не стана збор од страна на Мицкоски, па дури и самиот протест се концентрираше на „проблемот“ со македонскиот јазик, а кој проблем и не е така страшен во споредба со протоколот кој пак воопшто не е исчезнат туку само прикриен во друг документ на ЕУ.

Што всушност значи „протокол(от)“?

Протокол е еуфемизам за обичен записник од втората меѓувладина комисија помеѓу Македонија и Бугарија. Овој записник е резултат на „Договорот за добрососедство со Бугарија“ кој таков, благо кажано, фаличен го потпиша оксиморонот Заев и ни го остави во наследство, како билатерална обврска за добрососедство, кое пак добрососедство е еден од Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.

Имено, во членот 12 (посебно точка 2 е важна) од Договорот за добрососедство со Бугарија се вели:

1.Во рок од три месеци од влегувањето во сила на овој Договор, двете Договорни страни ќе основаат Заедничка меѓувладина комисија. Комисијата се ко-претседава од Министрите за надворешни работи на двете Договорни страни и вклучува високи официјални претставници на двете Договорни страни.

2.Заедничката меѓувладина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно, со цел преглед на ефективната примена на овој Договор, примена на мерки за подобрување на билатералната соработка, како и решавање на прашања, кои се појавиле за време на исполнувањето на Договорот. Секоја од Договорните страни може, по потреба, да предложи организирање на дополнителни средби на Заедничката меѓувладина комисија.

Секако дека од секоја седница на меѓувладината комисија мора да постои записник за тоа за што е разговарано, кои заклучоци се донесени и околу што се согласиле двете договорни страни. Во рамки на прегледот на примената на Договорот и особено „решавањето на прашањата кои се појавиле за време на исполнувањето на Договорот“, меѓудругото (а јас мислам основно) прашање кое ќе се појавува постојано ќе бидат точките 2 и 3 од членот 8 на Договорот и нивно спроведување, а кои гласат:

2.Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни.

3.Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во

духот на европските вредности.

Од овие причини и јасната позиција во „официјалната изјава на ЕУ“ во точка 14 која вели: „... Денес, се потсетуваме на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување со добра волја на билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Во таа насока, го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој Договор“.

Поради овој официјален став на ЕУ имам две клучни прашања:

1.Што тоа договорил Османи за да го потпише записникот (протоколот) од вториот состанок на меѓувладината комисија, поточно што содржи тој записник?

Впрочем што е тоа што би било толку обврзувачко за Македонија во еден обичен записник, за да Бугарија толку инсистира на тој протокол во официјалната изјава на ЕУ, а во исто време истиот протокол не се споменува експлицитно во преговарачката рамка, но се споменува членот 12 за што дополнително можеме да зборуваме и анализираме што може да имплицира во контекст со обврските од членот 14 во официјалната изјава на ЕУ, а во идните преговори.

2.Зошто Мицкоски и „организаторите“ на протестот ги доведуваат граѓаните, македонската нација, посебно македонскиот народ во заблуда дека главниот проблем е во врска со македонскиот јазик, а не го споменуваат протоколот (записникот) чие потпишување de facto е услов за да се дојде до преговарачката рамка?

Не верувам дека се до тој степен неписмени за да не ја гледаат оваа замка во која се влегува и се сомневам дека Мицкоски намерно крева тензии кај македонците во врска со нашиот јазик македонски, а содржината на протоколот ќе треба да помине незабележано.

Затоа барам од Ковачевски во рамките на консултациите со јавноста, особено академската и стручната, да се организира јавна расправа во македонското собрание со слободно пријавување за учество, особено на академската јавност каде што Османи јавно ќе ја претстави содржината на „протоколот“- записникот, а истата ќе биде достапна и до целата македонска јавност.

Дури потоа ќе можеме релевантно да анализираме и зборуваме за самата преговарачка рамка, како и за реализација на обврските од член 11 од официјалната изјава на ЕУ. Мора да напоменам дека посебна анализа треба да се направи во врска со преземената обврска од влада на Македонија содржана во член 11 од официјалната изјава на ЕУ, а во врска со уставните измени кои се обврзуваме да ги направиме и условеноста од истите за прифаќање на преговарачката рамка.

Треба да знаеме дека самата преговарачка рамка е исклучително сложена како и самиот процес на преговори за полноправно членство во ЕУ кој ќе биде тежок и ќе зависи најмногу од нашите капацитети, но тоа е неминовниот пат кој мора да го поминеме и кој во основа (мислам на кластерите и поглавјата) нема врска со нашиот македонски идентитет, јазик и самочувство.

Токму затоа, сметам дека Мицкоски повторно намерно игра на погрешна карта, а тоа е злоупотреба на емоциите и националните чувства на нас Македонците и затоа како секој политикант исклучиво се концентрира на популистички прашања во чии рамки не е се така како што го претставува (барем според она што стои во преговарачката рамка во член 3 став 3), наместо да се концентрира на клучниот проблем ПРОТОКОЛОТ – ЗАПИСНИКОТ.

Обидот за доаѓање на власт врз популистички основи нема да даде добри плодови, пред се за Македонија и македонскиот народ. Не е проблем да падне оваа неспособна влада која и треба да падне (впрочем не требаше ни да се формира, но за тоа повторно одговор треба да даде Мицкоски), прашање е дали ќе падне врз цврста основа со јасна иднина за нашата Македонија или на гол популизам преку кој само ќе смениме еден неспособен Ковачевски со неспособен Мицкоски.

Затоа, драги мои сонародници Македонци, ве молам, преколнувам и повикувам со ладен мозок, топло срце и без емоции да ја извадиме оваа работа на чистина и да дознаеме што содржи „фамозниот протокол“ од втората меѓувладина комисија. Потоа можеме да направиме реална и целосна анализа дали да влеземе во прифаќање или одбивање на преговарачката рамка, односно реалоизација на подготвител ните чекори согласно официјалната изјава на ЕУ и одлуката на Советот.

Секако уште еднаш јавно ќе го прашам Мицкоски, затоа што треба да бидеме на чисто и на јасно: „Дали ти Мицкоски знаеш што содржи овој записник па затоа не си заинтересиран да дознаеш и дали тоа што го знаеш ти одговара или си договорен да ти одговара поради што македонскиот народ го дезавуираш со секуритизирање на прашањето за македонскиот јазик“?

„Внучко, извини што ми поруменеа образите, но за прв пат сакам да ти кажам за една моја љубов. Јулија се викаше, не знам зошто, но некако сите големи љубови се поврзани со некоја Јулија. Прекрасна беше, барем во моите очи, со долга црна коса, прекрасни денови на љубов и сиромаштија. Имав џебен часовник, фамилијарно наследство од дедо Адам, но мене ми беше многу драг и бев горд на него, но пустото немав синџир за да се покажува од елекот. Еден ден решив, за љубов се прави се знаеш нели, го продадов часовникот и купив прекрасна диадема за мојата Јулија. Со трепет ја чекав пред Камен мост замислувајќи колку ќе биде среќна од диадемата, но…. Се појави мојата Јулија кратко подшишана. Љубовта кон мене ја навела да ја продаде косата за да ми купи синџир за мојот часовник…Така внучко јас имав синџир но немав часовник, таа имаше диадема но немаше коса. Така некако е и со наводните проблеми на Македонија и Бугарија, се додека проблемот го решаваат други со октроирани решенија, губитници ќе бидат и двете страни.“

Во третата недела по Педесетница, на денот на преподобен Св.Наум Охридски


Вонреден професор д-р Оливер Андонов


П.С. На сите вас кој го носите името на светиот преподобен Наум Охриидски, Ви го честитам именденот и ви посакувам добро здравје и по молитвите на Св.Наум да бидете вечни во Христа Бога.



留言


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page