top of page

Статут за демократизација

  • oliverandonov
  • Jan 15, 2023
  • 7 min read

(или за патот како ВМРО-ДПМНЕ единствено може да се врати на власт)


Почитувани читатели, поминаа новогодишните и божиќните празници и во оваа прва колумна во новата 2023 -та година, најпрво сакам да Ви посакам во добро здравје, спокојна и успешна Нова Година.

Сепак, ах тоа сепак..., сама од себе нема да биде ниту успешна ниту спокојна оваа година, доколку на тоа сите ние не поработиме, и тоа крајно сериозно со ум и со ентузијазам. Ова за вклучување на умот што подразбира сериозно размислување за општествено-политичките состојби, нивна правилна перцепција и согледување на геополитичките состојби кои се однесуваат на Македонија, а особено поседувањето волја изразена преку ентузијазам, не го сметам како можно од страна на политикантските елити во нашата Македонија.

Оттука, останува народниот мудрец, односно природната интелегенција на македонските граѓани со Божја помош да дојде до израз. Во тој контекст посебно место имаат членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се движечка интелектуална и патриотска сила во Македонија, но кои во сопствената партија и од раководството на Мицкоски се потполно потценети и маргинализирани, со исклучок на тесен круг полтрони и клиентелисти. За почитување на членството и негова не маргилизација не ги сметам коктелите кои со партиски пари ги организира Мицкоски за да може потоа на ФБ да прави провиден ПР за тоа колку членовите ги поддржуваат неговите „политики“. А има ли тој политики?

Затоа, оваа прва колумна во 2023-та година е наменета првенствено кон членовите на ВМРО-ДПМНЕ и има за цел да го разбуди нивниот креативен интелект и идејноста кои од страна на Мицкоски и некои од оние околу него во потполност се уништени. Во исто време, македонските граѓани треба да разберат дека ВМРО-ДПМНЕ не е Мицкоски, и дека партијата има сили и капацитет, пред сѐ демократски капацитет за внатре партиски промени кои ќе ја доведат на власт и ќе ја избават Македонија од оваа беда на криминалното СДС и епохално неспособната влада на Ковачевски.

Овој „патоказ“ за членовите на партијата претставува всушност дел од визијата на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, а во делот на Статутарните промени кои неминовно мора да се случат за да може ВМРО-ДПМНЕ да се нормализира и демократизира, што ќе и овозможи на партијата како современа десна политичка партија да се врати на власт.

Токму прашањето за Статутот на партијата кој во овој миг е потполно недемократски, хаотичен, намерно недоречен претставува клуч за решавање на состојбите во ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и во Македонија. Тука мора да напоменам, дека токму заради Статутарните „маки“ на ВМРО-ДПМНЕ ние денес го имаме самоизбраниот Мицкоски за претседател на партијата, а во исто време коренот на погрешните и лоши политики на моменталното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски лежи во Статутарните неправилности и автократство изразено при креирањето и спроведувањето на политиките на партијата, вклучително и кадровските решенија.

Имено, за да дојдеме до неопходните промени на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ накратко да ја објасниме сегашната состојба во клучниот аспект, а тоа се избори на партиски функционери и тела и органи на партијата, односно кадровската политика.

Денес имаме состојба во која членови на ЦК (Централен Комитет) се претседателите на ОК (Општинските Комитети) и уште по 1-2 членови од ОК кои ги избира ОК на предлог на претседателот на ОК. Претседателите на ОК ги бира ИК (Извршниот Комитет) на предлог на претседателот на партијата (читај претседателот на партијата), а воедно го потврдува и составот на ОК. На предлог на претседателот на партијата ЦК го избира ИК и Секретарот на партијата. На предлог на ИК, ЦК ги избира делегатите на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, а пак Конгресот го избира претседателот на партијата.

И тоа накратко по принципот „ја, бате и тате“, би изгледало вака: претседателот на партијата е биран од Конгрес чии делегати ги избира ЦК чии пак состав на ЦК директно и индиректно го назначува претседателот на партијата, а на предлог на ИК, кој пак ИК на предлог на претседателот на партијата го избира ЦК. Ете така претседателот си има свој круг од барем 300-400 делегати на Конгресот од кои по функција се барем 300. Можеби случајно ќе залута некој делегат кој не е под контрола на претседателот на партијата. При тоа, сметајте на тоа дека претседателот на партијата го назначува претседателот на УМС, на Унија на Жени, на Унија на Ветерани, на „патриотскиот институт“ и на „советот на интелектуалци“ (кој не се знае дали воопшто е формиран), а од нивниот состав се предлагаат на ИК делегати на конгрес. Оттука, имаме состојба на круг во кој одговорност, корекција на политиките, промена на политиките, или пак оставка и смена на претседателот на партијата поради погрешни-катастрофални политики не е можна. Тоа ја држи партијата во длабока опозиција и при ваква предавничка, криминална и неспособна СДС. Едноставно според Статутот, не е можно да се повика на одговорност или поради лоши политики и штета врз партијата и државата смени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Можно е да се смени единствено доколку самиот претседател на партијата (затоа што му здосадило) си поднесе оставка или како што се самоизбра и да се самосмени, со за него доверливо лице. И што е ова драги мои сопартијци, ако не е апсолутизам во лукративен интерес на тесен клиентелистичко-полтронски круг луѓе на чело со претседателот на партијата. Сѐ друго не е можно без промена на Статутот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, негова демократизација и вклучување на членството на сите нивоа на прво место во изборот на партиски и државни функционери директно или преку претставници избрани од самите членови кои и ќе одговараат пред членството. Знам дека ќе ме прашате како е тоа возможно да се случи, односно да се натера Мицкоски и неговите полтрони да си поднесат оставка или барем да се согласат на промена на Статутот? Е можно е и во друга колумна ќе ви го кажам и тоа.

Во оваа колумна ќе поставам неколку реторички прашања до членството кои всушност се прашања за размислување, а ние од Фракцијата наскоро ќе ги објавиме и конкретните предлози (решенија) за промена на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ.

1.Дали Вие драги мои сопартијци сакате да ги избирате идните претседатели на ВМРО-ДПМНЕ и за тоа кој ќе биде идниот претседател на партијата да се слушне и прифати вашиот глас?

2.Дали Вие мои сопартијци сакате да можете да влијаете врз смена на претседателот на партијата, особено доколку истиот не покажува резултати или води штетни политики за партијата и државата?

3.Дали Вие мои сопартијци сакате посредно или непосредно да ги избирате кандидатите за градоначалници, советници во општинските совети, пратеници во Собранието на Македонија во вашите МК (Месни Комитети) и КИМ (Комитети на избирачки места) и истите да одговараат пред вас за своите постапки и политики?

4.Дали Вие драги мои сопартијци сакате да го избирате претседателот на ОК вашите претставници во ОК и во ЦК кои воедно за своите политики на локално и централно ниво во партијата ќе одговараат пред вас, а при тоа да нема можност еден човек да биде на две и повеќе партиски и државни функции?

5.Дали Вие мои сопартијци сакате да имате непосредни свои претставници од вашиот КИМ во Собранието на ОК без чија одлука, а со ваша согласност не може да помине ниту едно кадровско решение за државни или партиски функции?

6.Дали Вие мои драги сопартијци сакате да имате реална можност утврдена во Статутот на партијата да ги повикате на одговорност и разрешите партиските и државните функционери кои постапуваат спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ или Македонија?

7.Дали Вие мои сопартијци сакате активно да учествувате во креирањето на партиските политики, особено на локално ниво и да имате силно влијание преку Вашите претставници во ЦК врз креирањето на државните политики?

Мислам дека засега е доволно да размислувате за овие прашања и самите пред себе да си ги дадете одговорите. Да помислите колку многу можете да влијаете врз поведението на партиските или државни функционери на државно или локално ниво кои најчесто толку многу знаат да се умислат себеси дека се „мали богови“ така што дури и не ве сметаат за луѓе, а кога им зборувате не ве ниту слушаат, а не пак да ве примат сериозно и со емпатичност.

Едноставно, понижувањето на членството кое е моторната сила на терен за победа на ВМРО-ДПМНЕ мора веднаш да престане и тоа не на збор (чесен збор на кој особено на Мицкоски и некои околу него не им веруваме), туку во формално-правна регулираност, односно измени на Статутот на партијата. Овие измени ќе му дадат сила и моќ на членството, а партиските функционери или државни и локални функционери од партијата ќе имаат одговорност пред сопственото членство, а ќе бидат и подложни на повикување на одговорност и смена. Ова ќе ја засили партиската дисциплина во односот кон членството, ќе отвори можност за жива и демократска расправа за политиките на партијата на сите нивоа и пред се ќе овозможи реална отчетност и одговорност на сите партиски функционери. Ќе престане однесувањето кон членството како кон „проста маса“ која треба да послужи за предизборно трчкање со цел да доведе некоја клиентелистичка, полтронска и многу неспособна група на власт. Низ партискиот филтер од КИМ па се до претседател на партијата ќе треба да поминат сите кои имаат амбиција да бидат партиски функционери, а тој филтер со сигурност нема да ги пропушти неспособните и клиентелистите. Ова особено сум сигурен во однос на сегашното „раководство“ и претседателот Мицкоски кои тешко дека би го поминале и основниот филтер во КИМ, а не пак да дојдат до тоа да бидат-биде претседател на партијата или членови на ИК.

Драги мои сопартијци, размислете за прашањата кои Ви ги поставив. Размислете за тоа каква партија сакате, какво го сакате ВМРО-ДПМНЕ. Размислете дали сакате ВМРО-ДПМНЕ наскоро да го видите на власт, а тоа е можно единствено како демократска, променета, демократизирана партија.

На крајот размислете за тоа дека со промените на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ во насоката која како Фракција ја даваме ќе ја ревитализираме партијата давајќи и нова сила и поттикнувајќи го секој наш член на активизам, ентузијазам и позитивна состојба на умот.

Во следната колумна, почитувани сопартијци, Фракцијата ќе ви ги претстави основните наши предлози за измени на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ.


На денот на Св.Серафим Саровски


Вонреден професор д-р Оливер Андонов


П.С.На сите вас кои го славите денот на Свети Василиј Велики или го носите неговото име, Ви го честитам именденот посакувајќи ви по неговите молитви Господ Иисус Христос да ве закрилува и спаси вас, вашите најмили, сите нас и нашата Македонија.




ree


 
 
 

Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest

Споделете го со мене вашето мислење 

Thanks for submitting!

© 2023 by Turning Heads. Proudly created with Wix.com

bottom of page