УПАТСТВО ЗА КОРИСТЕЊЕ!
Според „Локардовиот принцип на размена“ во секоја интеракција на два субјекта доаѓа до одредена размена, односно, промена на состојбата на субјектите учесници. Овој принцип, просто кажано, зборува за меѓусебните влијанија. Па така, да се зборува, денес, за најновите случувања на геополитички план, или состојбите во Украина, значи да го сторите тоа под влијание на разноразните мејн стрим медиуми и нивните вистини и полувистини, што е многу несериозно. Впрочем, на оваа тема пишував на два пати и тоа во краток период, во Јануари годинава (анализа со наслов: „Безбедносните предизвици од односите помеѓу НАТО и Русија“ http://www.fazan.mk) и пред две недели (анализа со наслов: „Македонија кон ЕУ – искушенија низ предизвиците за Унијата во Украина“, http://www.fazan.mk), каде меѓу другото дадов паралела на состојбите во Украина и влијанието врз Македонија. Накратко, моменталните случувања во Украина, би ги окарактеризирал по онаа мудра мисла „Кога слоновите војуваат, тревата страда“.
Но, како што посочив со „Локардовиот принцип“, влијанијата во социјалниот живот се неизбежни, бегајќи од геополитичките влијанија наидов на локални влијанија кои, суштествено, влијаат на нашето секојдневие. Овде првенствено, дури што за тоа морав да бидам информиран од социјалните мрежи, е влијанието на нашата политичка ведета Изнотгут, кој да ти бил еден од највлијателните 40-мина млади политичари во Европа. Стандардите по кои се прават овие ранг листи, како и институциите кои тоа го прават не ми се познати. Се сеќавам на времето една покондирана персона, која доби на поклон од Македонија 11 милиони марки за да започне „свој“ бизнис, не успевајќи да стане доктор на медицински науки беше промовиран во академик на непостоечка академија во една соседна земја. Па така, и влијателниот Изнотгуд, младиот и надежен политичар, неговите сопартијци го паметат единствено како „апцес“ на задникот на секој Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој единствено со хируршки зафат може да се отстрани.
Не можам да го избегнам влијанието на лидерот на опозициониот бизнис или, како милува да се нарекува, лидер на длабоката држава (или грло беше), односно неговите „бравурозни“ ФБ писанија. Ниту пак влијанието на „Волшебникот од Муртино“ кое постојано го чувствувам, со тенденција да потрае, наспроти минималното, скоро никакво влијание на неговиот наследник. Но, како велат „nomen est omen“ (името ти е знак), ако народот ти дал прекар биди сигурен дека е така, народот никогаш не греши. Во светот на животните ќурката е симбол за глупавост.
Под притисок на влијанијата од овие личности нормално беше да се појави влијанието на мојата професура, односно секаде да бара логичен заклучок. Па така редејќи ги овие влијанија како премиси, единствената конклузија (заклучок) која произлегува е –Државата е болна! Врз основа на ова логично е дека треба да се бара лек, пред да се случи упокојување на државата. Сепак, проблемот не е да се најде лек туку како да се искористи за дејствувањето да биде соодветно. Ние Македонците, како што не дал Господ, умни и паметни луѓе, кои се знаат, па во 99% не ги читаме упатствата за користење, начинот на употреба, дозирањето, негативните импликации - контраиндикации итн. Дури и во медиумите, кога се пропагира одреден лек, делот за контраиндикациите се „претрчува“ и тешко може да се разбере или прочита (со ситни букви), но нам тоа и не ни е важно, единствено ни е важно дали се пие „на гладно срце“ или по јадење, па потоа се чудиме на несаканите дејствија.
Од овие причини денес се решив да Ви посочам неколку лекарства кои, доколку правилно се користат и се избегнат контраиндикациите, можат поволно да влијаат на здравјето на државата.
Почекај Дедо Герасиме, Ти си за крај!
Народ-суверен, генеричко име populus infantilos, поради слабото влијание овој медикамент треба да се користи постојано 24/7, обично се користи орално со прочистување на грлото. Постојаното користење може да влијае врз брзото закрепнување на болниот. Доколку се направи подолг прекин на користењето контраиндикациите се: фригидност (немање желба за полово општење со власта), деменција, осаменост, наизменично чувство на супериорност и безвредност.
Власт, генеричко име kriminalos belokragnus, исклучително моќен и јак лек кој доколку се користи на соодветен начин може многу бргу, скоро неверојатно, да го излечи болниот. Дозирањето е една капка на 4 години. Поради неговата моќност мора да се чува на темно место, на температура од +5, за да не се расипе. Доколку се користи расипан може да предизвика силни контракции и негативни дејствија. Подолготрајното користење, бидејќи е од групата на наркотични средства, може да предизвика: зависност, халуцинации, илузии, делириум, дисоцијативно нарушување на идентитетот, ментално нарушување, суицидност (самоубиство).
Како ќе проверите дека лекот од решение на проблемот преминал во проблем, или се расипал? Помешајте го лекот со соодветно количество на натриум пентотал (серум на вистината), промената на бојата, од плаво во црвено, ќе ви даде одговор. Да се чува надвор од дофат на деца!
Опозиција, генеричко име tabula rasa, овој лек, како и предходниот, може да има исклучително влијание врз здравјето на болниот, посебно врз дисфункционалноста и когнитивниот дисонанс на болниот. Мора да се внимава на начинот на користење, обично се користи постојано во тек на 4 години, доколку нема влијание треба да се прекине и се направат консултации со вашиот матичен лекар. Контраиндикации, доколку се користи повеќе од 4 години: чувство на клаустрофобија, анорексија, раздразливост, често губење на свеста, празнини во помнењето, чувство на безвредност, дијареа. Последните социопатолошки истражувања го ставаат во графата на плацебо ефект.
Администрација, генеричко име birokrat korupsion, представуваат поширока лепеза од разни лекарства, поточно исти лекарства во различни пакувања и со различни бои на „дражеите“. Вообичаени се рекламираат како лечење на рак раната, но всушност тие се рак рана на болниот. Пред воопшто да го земете лекот консултирајте се со вашиот матичен лекар, партиски функционер, председател на партиски огранок од вашето маало. Доколку не се консултирате контраиндикациите по вашиот буџет можат да бидат катастрофални. Дозирање, колку е можно поретко да се користи, бидејќи се канцерогени. Навидум изгледаат како суплементи, но всушност предизвикуваат тешки психосоматски нарушувања како: биполарно растројство, депресија, малодушност, мускулна дистрофија посебно во делот на колената.
Правосуден систем, генеричко име Јustitia ignorantia, во подгрупата спаѓаат, надалеку познатите „шарени водички“, „бабини деветини“, маѓии, лековити травки и чаеви. Во судските кулоари препознатливи како: судии, обвинители, адвокати, нотари, извршители. Карактеристично за овој лек е што се води во групата на контрацептивни средства со слаб ефект, а несаканите последици се извесни. За слабата ефикасност се обвинува домашниот производител на ова средство, демек неквалитетна изработка, па поради ова во делот „начин на користење“, јасно е потенцирано, со болдирани букви, дека средството треба скоро секогаш да се користи со лубриканти. Точно е наведено кои и во кое количество лубриканти се користат како и дозирањето и времетраењето на лекот. На кутиичката од лекот јасно е обележано 18+, што значи дека не е дозволено за деца, но инфантилноста не е нотирана како забранета. Контраиндикации: дистрофија на мускулите од лежење, успорени движења до неподвижност со што на болниот му се оневозможува слобода на движење, клаустрофобија, социјална фобија, опсесивно-компулзивно пореметување, напади на паника и бегство во егзил.
Безбедносен систем, генеричко име Bonus penis pax et domus, овој суплемент (додаток кон јадењето), според светските научни истражувања, може многу да влијае на вкусот на манџата како и превенција и зајакнување на имунитетот на болниот. За жал на нашиот пазар не може да се најде квалитетен производ, немаме домашни производители. Може да се најдат одредени лиценцни производи од не баш респектабилни земји на потекло. Вообичаено овој суплемент се рекламира како контрацептивно средство, лек за ерективна дисфункција, а понекаде и како енергетски пијалок. Но, карактеристично за сите примери, поради малиот процент на суви материи, е нивното слабо влијание. Контраиндикации: неквалитетниот производ може да доведе до девијантни појави и атрофирање на суштествени органи од државниот организам.
Драг читателу за контраиндикациите од оваа колумна консултирајте се со Вашиот локален дуќанџија и цените во „кооперацијата“!
Токму кога мислев дека ќе го избегнам, еве го Дедо Герасим. „Внучко, си лежиме јас и Велика, во спалната соба од „Зимскиот дворец“ во Санкт Петербург. Беше тоа во времето кога во Париз се појави прирачникот за ноќната јога,знаеш онаа со нумерисани пози 69, 96, 103..., па знаејќи ја Катеринчето како вљубеник во ноќната јога и го однесов прирачникот, онака по пат и покажав практично неколку пози. Така Велика, многу и беше долго името еднаш ја викав Велика друг пат пак Катерина, ми вели – Знаеш Геро колку сум среќна што за министер имам така влијателна личност како Григориј Потемкин? Да да Катеринче, толку е влијателен што сите села, па и нашето, го носат неговото име - Потемкинови села!
Во месопусната недела (третата подготвителна недела пред Великиот пост, на денот на Упокоение Св. Кирил Солунски)
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comments