top of page

Фалбаџии

(или за политикантските ПР раскази)


Христос Воскресе!


Една моја драга пријателка во една прилика ми реча:„политиката во Македонија е ПР-от“. Да секако, но ПР-от на политикантатвото и политикантите на македонската политичка сцена, а не на обмислена, стратешка и долгорочна политика која дава резултати.

По неколку метафорични колумни преку кои ви ја насликав грдата реалност во Македонија, драги мои читатели, во оваа колумна сакам да ви напишам нешто за безобразното однесување на политикантите кои преку ефтини ПР трикови се обидуваат да се прикажат себеси како заслужни за нешто за што доколку до вчера ниту знаеа ниту имаа претстава, а при тоа не се воопшто загрижени за тоа што може да нанесат штета за националните интереси на Македонија. А и зошто да се грижат, нив тоа не ги допира, посебно кога токму и на грбот на истите тие национални инт ереси во кои катадневно се колнат им се укаже прилика со евтин ПР да ќарат некои политички поен. Не е воопшто важно дали разбираат за што зборуваат или не, важно е само тие и нивните политички трабанти да си ја завршат ПР работата по која тие и само тие ќе бидат најголеми пред збунетите македонски граѓани.

Како резултат на собитијата и на многу фактори видливи и невидливи се случија работи кои во Македонија предизвикаа пред се чудни реакции кои пак ги поттикнаа преку ПР манипулациите Ковачевски како неспособен премиер и Мицкоски како божем опозиционер. Едноставно овие двајцата преку нивните партиски ПР тимови проценија дека е многу добро за нивното политичко здравје што е можно побргу да се закачат за МПЦ-ОА и нејзиното прифаќање во канонско единство од страна на Вселенската Патријаршија. При тоа, не само што појма немаат од црковни прашања, уредувањето на црквата, нејзиното канонско функционирање, туку ни како формални православни тврдам дека не ги знаат наизуст Оче наш и Символот на верата, а не пак да разбираат како според каноните функционира Светата Православна Црква.

Ај што немаат врска со црквата, освен кога вака за политички цели им треба, со својата несмасност со сигурност претпоставувам дека ќе му попречат на Светиот Синод на МПЦ-ОА во завршување на овој процес. Секако дека ова е процес и генерациска битка од три столетија на генерации Македонци. Имајќи за цел единствено да ќарат некој политички поен пред народот наш напатен кој пак во целата темнина и национални порази посебно последниве пет години едвај чека да види барем призрак на национален успех, тие Ковачевски и Мицкоски со нивните булументи политички недоквакани лица под маски веднаш се обидоа да се натоварат на грбот на МПЦ-ОА и од едно национално прашање во кое немаат ама баш никаков удел да заработат политички поен за да преживеат политички. Ова е посебно карактеристично – преживување на влас за СДС. Јасно е дека СДС и по пет години на власт (за дваесетина дена точно пет години како не јаваат и нижат неуспеси и национални порази), се фаќа како давеник за секоја сламка да на народот му покаже дека божем нешто во „континуитет“ работеле и сработеле. Вистината е (можеби ви звучи претенциозно, но секако вистината е) дека СДС со неговите екземплари се додворуваше во Цариград, повторно глумејќи дека нешто работи, а се беше гола и вулгарна ПР фалба со сликички за албумот со цел да се покаже пред народот дека се многу важни. Веројатно оној јадник Костадинчо кој е божем градоначалник на Струмица кога зборува (тресе глупости) за тоа како Заев ја отворил вратата во Вселенската Патријаршија за „признавање“ на автокефалијата на МПЦ-ОА му ја носел торбата (по се изгледа Луј Витон) на Заев со 100.000 евра за патријархот Вартоломеј, доколку судиме по „сериозниот разговор“ на Заев со Порошенко (оној лажниот, еден траги-комичен настан кој сите како да го заборавивме). Ковачевски пишува некакви писма до патријархот Вартоломеј и се обраќа во името на „Ромејските измачени чеда“. Јас мислам дека Ковачевски го измисли тоа писмо сега за дневно-политички потреби, но пострашно е тоа што тој мене ми наликува на еден ординарен фанариот. Згора на се, и една група клиентелисти „интелектуалци“ се појави со „благодарствено писми“ до патријархот Вартоломеј, со сличен ромејски измачен призвук. Да не поверуваш колку многу фанариоти имало во оваа наша напатена Македонија и луѓе без историско паметење, а ќе кажеш „интелектуалци“ – членови на академската заедница на професорската фела.

Нешто слично во однос на ПР демонстрацијата дека нешто се работи е и со божемната опозиција која измислувајќи дрвено железо или „активна блокада“ што како термин никој не го разбира, а за тоа какви плодови ќе донесе однапред знам НИКАКВИ барем за ВМРО-ДПМНЕ и македонските граѓани, се обиде да се закачи на грбот на МПЦ-ОА за да покаже колку е „патриотски расположен“ Мицкоски, а всушност ништо во врска со тоа што се случува не разбира. Добро е што некој во партијата разбра па некако тивко се сопреа коментарите за оваа работа од страна на ВМРО.

Никако да разберат, а тоа е затоа што не читаат и немаат познавања од црквата, дека Цариградската патријаршија само ни призна дека сме какнонска Православна Црква, односно дека имаме полнота во апостолското преемство и сите свети тајни, почнувајќи од ракополагањето на нашите епископи и свештенство па се до крштението и елеосвештението се според каноните на Светата Православна Црква и дека нема канонски пречки за сослужување. И тоа е се, останатите прашања ќе продолжиме да ги решаваме во процесот кои трае. Иако Цариград алудира на името на МПЦ-ОА под кое тие ќе не прифатат (напоменувам, тие-Цариград) и веројатно таканаречените „грчки цркви“, а што е резултат не на ставот на МПЦ-ОА, туку на „умешната“ политика на СДС и последиците од уставната промена на името и секако е одраз на упорната политика на Грција и грчката идеја за чија цел се користи и Православната Црква, тоа не значи дека по тој пример ќе се водат сите Помесни Православни Цркви. На еден начин ова го објасни и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Петар во интервју.

Всушност, преку социјалните мрежи, додворувајќи се на владиците на МПЦ-ОА, а повеќе покажувајќи му на народот, колку ете тие се блиски до МПЦ-ОА и колку се грижат за националните интереси, единствено што покрај своите слики со Цариградскиот Патријарх Вартоломеј и фалбите, само дополнително ја отежнуваат позицијата на МПЦ-ОА во овој долг, сложен и мачен процес полн со замки и историски последици. Токму за овој процес нашите властодршци, а и други, до пред една недела немаа појма дека воопшто се одвива, на кој начин и до каде е, а не пак да знаеа детали или пак дека беа активно вклучени во истиот, иако тоа се гледаше од авион. Впрочем, видливо е дека дури и целиот Синод на МПЦ-ОА не знаеше за процесот и како што кажа Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тимотеј, овој процес ќе продолжи со дипломатски напори на неколку луѓе (а тоа сигурно не се Ковачевски и Мицкоски ниту некој од нивното фалбаџиско опкружување).

Убеден сум дека во МПЦ-ОА има умни луѓе кои смирено го водат овој процес и кој во оваа состојба буквално чувствуваат товар од политикантските ПР заработувачи на поени и ореоли. Знам дека доколку власта или опозицијата на било кој начин беа вклучени во овој процес одамна истиот ќе го минираа, но очигледно дека тоа го знае и некој во МПЦ-ОА и тивко, трпеливо и мудро си ја тераат луѓето работата. Токму така како што треба, бидејќи нели и според Уставот на Македонија, Црквата е одделена од државата и ние сме секуларно не теократско општество.

Преку оваа колумна, бидејќи метафорично досега ништо не разбраа од претходните колумни, јавно ги повикувам Ковачевски и Мицкоски како и нивните потрчковци и клиентелисти веднаш да престанат да го загрозуваат процесот со своите ПР раскази за забава на широки народни маси и себе фалење и да си седат настрана. Вие двајцата имате друго поле на активност кое ви е уставна и законска обврска, а тоа не е МПЦ-ОА, нејзиниот автокефален статус и патот до него. Тоа е исклучиво обврска на Неговото Блаженство Архиепископот Стефан, на Светиот Синод на МПЦ-ОА и на луѓето кои тие ќе ги вклучат за потребите на нашата Света Православна Црква во рамките на решавањето на оваа и други прашања, а за што ќе треба да дадат отчет пред верниот народ. Ова значи дека и сите оние аналисти, „експерти“ и „познавачи“ на Црквата кои трчаат по медиумска слава деновиве, а исто така тврдам дека не го знаат Оче наш наизуст, треба да престанат да изнесуваат тврдења, анализи и проценки за процесот на прифаќање на автокефалијата на МПЦ-ОА, бидејќи со тоа нанесуваат штета на процесот. Тоа што зборувајќи сенешто само си нанесуваат штета себеси не, а не е од интерес на нашата Света Православна Црква и народот.

Сега е време за тихување и сесрдна молитва, и да се остави простор на МПЦ-ОА да си ја заврши до крајот својата црковна, народна, национална и општествена обврска со смиреност, разум и надеж единствено во Христа Бога. Секако дека ќе имаме разни обиди за попречување на процесот од поединци, па дури и цели организации па и некои помесни Православни Цркви, преку секакви дури и фантазмагорични полувистини, невистини, црни сценарија и квази анализи пласирани на разни портали, но тоа во моментот не треба да не допира и затоа треба воопшто да не зборуваме. Да веруваме на зборовите на Митрополитот Тимотеј (кои се сигурно и зборови на Светиот Синод) - дека знаат што прават, јас им верувам и се молам овој процес успешно да заврши и по цели три века да се реши едно исклучително важно прашање за сите нас.

Внучко навистина си непоправлив оптимист! Во „оазата на незнаењето“, каде интелектуалните елити творат во мисловен и когнитивен дисонанс, очекуваш препознавање на семантиката. Па овие плазмоиди, многу би сакале да се апологети, не можат да препознаат „словенска атитеза“, не пак вистинското значење на поимите кои се користат во нашата Света Православна Црква, алелуја, мирјанин, миро, Евангелије, Литургија...Ех внучко не за џабе, нашите Старци рекле – Прост народ, силна држава!


Во четвртата недела од Пасха (неделата на Раслабениот, на денот на Св.Атанасиј Велики)


Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page