top of page

Фанариотски збрки


„и ќе ја запознаете вистината,

и вистината ќе ве ослободи“

Јован; 8-32


Ние сме многу интересен народ. Некако со кратко паметење. Многу се опасни историските мемориски дупки кои ги имаме како народ. Кога станува збор за овие историски кратери во колективната меморија, потребно е да размислуваме за тоа дека тие се особено опасни и имаат за цел да нѐ укинат како македонски народ и како македонска нација. А, како најдобро се прави тоа? Па преку духовното поробување. Како инаку да го толкуваме укинувањето на Охридската Архиепископија во 1762 година, во кој акт, своја огромна улога да се убеди Султанот да издаде Ираде, учествувал Фанар или Патријаршијата од Цариград (титуларно насловена како Архиепископија Константинополска).

Оттука зачудува како тоа, по 260 години борба за враќање на автокефалноста денес во лицето на МПЦ-ОА, заборавивме на византиското лукавство и дозволуваме поедини изроди и групи да сработат повторно за интересите на Фанар, а на штета на нашата Света Македонска Православна Црква-Охридска Архиепископија, односно во насока на наше повторно духовно ропство. И да не ви кажувам за историската ретроспектива и поуки против кого, всушност, се бореа Светите Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, како настана песната „Во 1762-ро лето“, од кого беа малтретирани нашите преродбеници, поради што и од која мака настана „Кукушката Унија 1856 година“, поради што пострада Митрополит Теодосиј Гологанов и многу други кои активно се бореа против Фанариотското духовно ропство на Македонецот и на сите Православни кои живеат на територијата на некогашна и сегашна Македонија. Една колумна не е доволна ниту накратко да ги опише нашите маки во борбата за духовна слобода и за возобновување на Автокефална Помесна Православна Црква во Македонија, денес во лицето на МПЦ-ОА. Затоа да преминеме на актуелните собитија, на кои некои ќе треба да дадат добар одговор сега пред верниот народ на МПЦ-ОА. Токму денес, не утре или од историска ретроспектива, потребно е да се одговори на прашањата поврзани со МПЦ-ОА и во тој контекст и во врска со „демантот“ на „кабинетот“ и кој е тој „кабинет“.

Најпрво, кабинет на Неговото Блаженство Архиепископот Стефан не постои како организациски орган – тело во состав на Архиепископијата. Постои работно место шеф на кабинет (порано протокол), но нема кабинет и покрај тоа „демантот“ не е потпишан од ова лице како што соопштенијата објавени од Синодот на МПЦ-ОА се потпишани од Секретарот на Синодот. Така што се работи за нејасен колективен орган чии шеф не се потпишал на овој таканаречен „демант“. И токму тука е првиот проблем кој овој „демант“ го прави сомнителен во неговата релевантност и прифатеност од Светиот Архиерејски Синод и особено од Архиепископот Охридски и Македонски Стефан. Вториот проблем е фактот што Архиепископијата, па дури и канцеларијата на Неговото Блаженство Архиепископот Стефан, нема контрола врз објавувањето на содржини на сајтот на МПЦ-ОА. Ова верувам ќе ви звучи неверојатно, но проверете и уверете се дека зад сајтот на МПЦ-ОА стои сервер со кој се управува некаде од Струмичката епархија. Како потврда на ова мое тврдење за неуправување со сајтот на МПЦ-ОА од страна на Архиепископијата е и тоа што од 09.10.2022 година на сајтот нема објавено ниту една активност на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, а јас лично бев присутен на Светата Архиерејска Литургија во Манастирот „Св.Великомаченик Димитриј“ (Марков манастир) на Митровден на која чиноначалствуваше самиот наш Архиепископ Стефан. Се поставува прашање: „Кој тоа и за чии цели, и под чија контрола објавува што сака на сајтот на МПЦ-ОА до степен на злоупотреба на личноста на Архиепископот“? Прашањето за контрола над сајтот на МПЦ-ОА и зошто тој се управува од територијата на Струмичка епархија и кој го управува (патем погледнете го сајтот на Струмичка епархија и сајтот на МПЦ-ОА ќе забележите дека се идентични во однос на графичкото уредување) е прашање за кое треба и мора најитно да расправа Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА, а со тоа и за уредувачката политика на самиот сајт.

Вториот дел од мојата реакција на овој таканаречен „демант“ се однесува на неговата содржина. Имено, во самата содржина на „демантот“ никаде не се споменува името на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан дека лично тој се обраќа кон мене, а што беше медиумски злоупотребено, туку се изнесуваат грст неточни и двосмислени тврдења, кои се во насока на оправдување на Бигорскиот манастир и на презвитерот Бобан Митевски, а кои јас во „инкриминираната“, според нив, емисија на Инфомах ги посочив како директни поддржувачи на Фанар или Фанариоти.

Така, веднаш во првата реченица на „демантот“ се наведува мојата „наводна“ улога во целиот процес на признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА. За одговор на овие составувачи на „демантот“, а точно знам кој го има составено и кој е нарачателот на ова писание, ќе им одговорам во облик на прашање. „Дали е потребно да ви посочувам со датуми, личности и други докази кога и каде се случи првата средба помеѓу епископи од МПЦ-ОА и СПЦ и кој ја организираше таа средба, од која започнаа контактите на официјално ниво“? Оттука може да зборуваме, секако со факти, и за тоа кој имал видлива-постоечка и решавачка улога уште во почетната фаза на директните преговори помеѓу епископите на МПЦ-ОА и СПЦ.

Понатаму, мора да нагласам дека во овој процес никаква улога немаше Константинополската Архиепископија (Цариградска Патријаршија), туку напротив и за тоа може да зборуваме со факти кој кому и во кој период и зошто му се обраќаше и каков став Патријархот во Истанбул имаше и има кон нас и СПЦ. Ноторна лага е дека 70 и повеќе години трае дијалогот со сестринските Православни Цркви за нашиот статус. Тоа и со основни историски познавања би требало секој да го знае, а не, пак, писателите и нарачателите на „демантот“. МПЦ-ОА како автокефална Црква постои од 1967 година, а од тогаш до денес со едноставна математика може да пресметаме дека се поминати 55 години, така што обидот да се повикаат на Првиот Свештенички Собор одржан во Скопје на 01. Јануари 1945 година е блед обид за пласирање невистини и факт е дека дури во 1958 година со востоличувањето на Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј стануваме автономна Православна Црква во персонална унија со СПЦ преку Патријархот Герман. Правото за легитимноста на МПЦ-ОА како наследничка на Охридската Архиепископија никогаш, ниту во периодот на автономија, не било доведено во прашање, а во тоа време дури ниту од Бугарската Православна Црква, која денес измислува нови имиња и кованици под влијание на нивната дневна политика кон Македонија. Всушност, во најголем дел, последните 55 години борба за признавање и прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА не беа за прашањето за наследството врз катедрата на славната Охридска Архиепископија, туку за канонската условеност за признавање и прифаќање на нашата автокефалија. Тоа што денес Фанар во однос на МПЦ-ОА, а претходно Грција во однос на државата Република Македонија, го прави е од исклучително политички причини, а не од црковни или, пак, канонски.

Кога сакате да зборувате за „совети“ од моја страна преку кои повикувам на „храброст“ во Синодот на МПЦ-ОА, треба да знаете, дека тоа се апели не само кон епископите, монаштвото и свештенството, туку и кон верниот народ на МПЦ-ОА, а со цел будење во однос на вашите лаги и создавање фанариотски збрки во Црквата и кај верниот народ. И да не е тоа така немаше токму вие да се вознемирите толку многу, бидејќи и за тоа што тврдите дека е „ваш своевиден завет“, а при тоа заветот кон МПЦ-ОА се обидувате да го релативизирате како „своевиден“, а не дека тоа е конкретен завет, постојат докази дека не го држите и дека војувате против сопствената Црква, чии клирици и епископи сте, па нека сте и викарни.

За моите познавања на каноните на Православната Црква, за историјата на МПЦ-ОА и особено за актуелните собитија во нашата Света МПЦ-ОА воопшто да не се сомневате. Имајте на ум дека јас сум сепак легален Универзитетски професор, јавна личност која нема да си дозволи да се служи со невистини или извртувања на состојбите, а не, пак, со лажни претставувања, како некои од вас, и при тоа без и малку срам да ја доведат нашата МПЦ-ОА во непријатна состојба. Како верен човек и член на МПЦ-ОА имам полно право активно да учествувам, а посебно да придонесувам кон зацврстување на автокефалниот статус на нашата Света МПЦ-ОА и Православната вера и тоа право нема да можете да ми го одземете.

Кога зборував за лаици, токму мислев на вашите потплатени лаици кои заслепено тврдат дека на МПЦ-ОА и треба Томос од Цариградскиот Патријарх и покрај чистиот, недвосмислен, не условен и потполн Томос за автокефалност добиен според каноните од СПЦ.

Кога зборував за Бигорскиот манастир како легло на Фанариотство, јас не зборував за манастирите на МПЦ-ОА, туку исклучиво за Бигорскиот манастир и со конретно име на неговиот игумен. При тоа не мислев на сите манастири во МПЦ-ОА, како и на сите монаси, вклучително и на сите во посочениот Бигорски манастир. Поради тоа, не се обидувајте да манипулирате со моите зборови.

Откако одговорив на „демантот“, поради што морав да се спуштам на вашето недостоинствено ниво, на презвитерот Бобан Митевски наместо коментар кон една исфрустрирана личност која се заканува на верници, ќе му поставам неколку прашања, вака јавно, и доколку како свештеник верува во Христа Бога и ја исповеда вистината и мора да биде искрен, чесен и доблесен (како инаку ќе пристапува кон Светиот Путир со лаги и измами), ќе одговори на истите искрено и нема да молчи за да се заборави преку игнорирање. Нема да заборавам и постојано ќе го потсетувам додека не добијам јавен одговор на јавно поставените прашања, во спротивно ќе треба на Литургија да биде прашан и од светите двери презвитерот Бобан да одговори на следните прашања:

1.Дали вие се претставувате како професор на Богословскиот Факултет во Скопје, а немате ниту магистратура за да можете да бидете асистент?

2.Дали работите 14 години на Богословскиот Факултет во Скопје противправно со манипулација, од каде што земате плата?

3.Дали Државниот Просветен инспекторат утврди прекршување на Законот со вашето вработување на Богословскиот Факултет во Скопје, поради што е изречена мерка за ваше отстранување од Факултетот, а сеуште сте таму, и патем со чија поддршка и тоа противзаконито?

4.Дали вие имате добиено парични средства од Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА за ваше школување (магистратура) на Духовната академија во Москва, која сте биле обврзани да ја завршите во рок од 3 (три) години, а обврската и по 5 (пет) години ја немате завршено, односно немате магистрирано?

5.Дали имате намера да ги вратите финансиските средства, кои како плати и придонеси за неработа сте ги земале 14 години од Богословскиот Факултет во Скопје, а кои средства се собрани од верниот народ-членови на МПЦ-ОА и од буџетот на македонските граѓани?

6.Дали и кога ќе ги вратите финансиските средства кои сте ги земале по основ ваше школување (магистрирање) на Духовната академија во Москва, со оглед на тоа дека во предвидениот рок, и преку тоа, не сте ја исполниле вашата обврска преземена кон Синодот на МПЦ-ОА, а се работи за финансии собирани од верниот народ?

7.По чија наредба и овластување, а во име на Синодот на МПЦ-ОА, испративте до нашите дипломатски претставници во Израел насоки за нивен разговор во врска со МПЦ-ОА при нивната посета на Ерусалимскиот Патријарх?

Сега да ги поставам прашањата до Неговото Преосвештенство викарниот Епископ Антаниски Партениј:

1.Со чии благослов, и по чија наредба отидовте во Истанбул на закажаното сослужување за Духовден (12.06.2022)?

2.Со чии благослов на 10.06.2022 година се појавивте во просторијата во текот на преговорите помеѓу комисиите од МПЦ-ОА и Цариградската Патријаршија и земавте збор, а не бевте овластени од Синодот на МПЦ-ОА да бидете член на комисијата за преговори?

3.Со чии благослов и со кој мотив делувавте кај Секретарот на Патријаршијата во Истанбул да се спречи учество на седницата од страна на професорот Виктор Недески кого Синодот на МПЦ-ОА званично го определи да биде преведувач на разговорите помеѓу Патријаршијата и МПЦ-ОА?

4.Дали учествувавте во подготовка на „записникот“ кој беше понуден на нашата делегација да го потпише на крајот од седницата?

5.Дали знаете дека во тој „записник“ кој што нашите архиереи на чело со Архиепископот Охридски и Македонски Стефан одбија да го потпишат се бара од нас МПЦ-ОА да се согласиме дека:

-сме автономна Црква под СПЦ и дека бараме Томос за автокефалност од Цариградската Патријаршија, при тоа „свесно“ да се откажеме од исправната, чиста и полна автокефалност добиена од СПЦ, потврдена со Томос само пет дена порано, ИЛИ ЕДНОСТАВНО – ДА СЕ САМОУКИНЕМЕ и да се предадеме на Фанар навредувајќи ја СПЦ и Патријархот Порфириј кој беше личен гарант во процесот за признавање на автокефалијата на МПЦ-ОА,

-нема да го употребуваме името „Македонска“ никаде и никогаш како име на нашата Црква,

-ќе ги предадеме во најбрз временски период сите наши епархии во дијаспората на пастирите на Цариградската Патријаршија, и други точки за кои сега нема да прашувам.

6.Зошто го поттикнавте вашиот јеромонах да се нафрли кон нашите митрополити и јавно да ги навредува поради нивните цврсти ставови во одбрана на МПЦ-ОА како црква на македонскиот народ пред комисијата на Цариградската Патријаршија?

7.Зошто по непотпишување на „записникот“ од страна на Архиепископот и Митрополитите на МПЦ-ОА баравте истиот да се уништи и да не се разгледува на седница на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА, при тоа повикувајќи се дека тоа е барање на Патријархот Вартоломеј?

8.Кога и колку често комунициравте со Патријархот Вартоломеј и епископи на Цариградската Патријаршија и дали учествувавте во подготовка на „записникот“?

9.Кога на сајтот на манастирот Св.Јован Претеча (во народот познат како Бигорски манастир) во насловот ќе ставите „Македонска Православна Црква-Охридска Архиепископија, Епархија Дебарско-Кичевска“, или, пак, не смеете тоа да го направите за да не го навредите вашиот работодавач во Истанбул и на друго место?

10.Кога во вашите соопштенија и обраќања на сајтот на Бигорски манастир ќе почнете Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски господин господин Стефан да го нарекувате со полната титула и достоинство, а не само „Архиепископот“?

11.Кога ќе сослужувате со вашите браќа архиереи од Бугарија и при тоа на Первих Помјани ќе го споменете Архиепископот Охридски и МАКЕДОНСКИ Стефан?

Едноставно е, македонскиот народ, граѓаните на Македонија, а особено верниот народ на МПЦ-ОА има право и мора да ја знае вистината и што зад кулисите му се подготвува. Светиот Архиерејски Синодот има света обврска да одговори јасно и гласно на „записникот“ од Фанар одбивајќи го, како и на други важни прашања за уредување и воспоставување на поредок во МПЦ-ОА.


Внучко, проштевај доцнам, се враќам од Крит. Не сум ти кажувал, кон крајот на 19-от век на Света Гора се запознав со Ника (Победа), така од милост го викав Никос Казанѕакис, човек со таква верба во Бога, дотогаш не бев сретнал. Подоцна се видовме во Париз кога им пишуваше на грчките владици кои го напаѓаа за богохулие. До ден денес ги слушам неговите зборови: „Ми дадовте проклетство, свети отци, ви давам благослов: нека вашата совест биде чиста како мојата и нека бидете морални и религиозни како јас“. На Крит бев да се поклонам пред неговиот гроб и да го препрочитам епитафот негов: „Не се надевам на ништо. Не се плашам од ништо. Јас сум слободен“.


На денот на Светите маченици Тирс, Лекиј и другите


Вонреден професор д-р Оливер Андонов




Comments


Oliver Andonov 3.jpg

Ви благодарам што ме следите!

Пријавете се да ги добивате новите постови

Ви благодарам

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • Pinterest
bottom of page