Фракциски политички погледи
(или за погрешните политики на Мицкоски)
Ви пишував за визијата за ВМРО, ви објаснував за улогата и политичкото значење на фракцијата во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, притоа во неколку наврати појаснив дека немаме намера да формираме посебен политички субјект (нова-друга политичка партија), туку дека фракцијата е дел од партијата ВМРО-ДПМНЕ и сите нејзини членови се членови на партијата, а истата има задача да се бори против погрешните и би рекол погубните политики на Мицкоски и неговото раководство во ВМРО-ДПМНЕ.
Еве и во пракса или презентирајќи ви ја немилосрдната политичка прагма низ пет слики (не оние слики кои Мицкоски секојдневно ги става на ФБ), како фракција во ВМРО-ДПМНЕ во оваа колумна ќе ви ја изложам конкретната погрешна политика на Мицкоски и катастрофалните политички глупости кои ги прави пред се на штета на партијата, а последиците ги чувствува Македонија. И не само што политиките на Мицкоски се очебијно глупави, неконзистентни, хаотични, тие се пред се вулгарно безобразни на прво место кон сопственото членство, а потоа и кон сите граѓани на Македонија.
Слика прва, или за судството и обвинителството
Последните десетина дена, буквално секојдневно судството го тресат афери. Излегуваат на виделина непотистичко-партиските активности на Академијата за судии и обвинители. Претседател на Судски совет јавно се жали дека е под притисок и дека во државата владее мафија, а за избори во обвинителството се практикуваат политички договори.
Чудно но вистинито, во нашата чудесна Македонија се урива едена од „независните“ власти, а Мицкоски молчи. Не слушнавме ниту една прецизно дефинирана критика или став за овие случувања, а не пак конкретна политичка активност. Дури и на провокацијата на Ахмети дека тој бил за ветинг во судството, но дека СДС и ВМРО-ДПМНЕ немале храброст да го спроведат, Мицкоски молчи. Е па молчи, затоа што е дел од договорот, а пред членството на партијата глуми „млада невеста“. Секако нешто божем ќе каже, ама само за да каже пред јавноста.
Каков поголем доказ са перфидната соработка на Мицкоски со бандата на Заев и добро платената улога за глумењето опозиција треба да изнесеме ние како фракција, кога токму тој доказ самиот Мицкоски ни го предочува. Највулгарно работејќи ни пред очи без срам и перде со СДС против партијата и татковината. Што да додадеме на оваа слика како доказ за нејзино појаснување? Се е нацртано и тоа е повеќе од видливо, а низ проѕирното платно се гледаат дури и зад кулисните игри во кои Мицкоски учествува.
Слика втора, или за тенденциозно погрешниот ПР:
Се добива впечаток дека Мицкоски пред настапите не ги чита сопствените говори кои за потребите на поедини настани му ги пишува неговиот ПР, па така наместо соодветни пораки до јавноста или критика врз криминалната СДС и неговиот партнер ДУИ имаме состојба при која зборува против самиот себе си и тоа го потврдува со својата појава. Таква грешка на ПР-от е несомнено зборувањето на годишната конференција на УМС во негативен контекст за политичарите во вратоврска, а самиот тој беше стокмен во вратоврска. Тој погрешен ПР упорно продолжува и тоа секојдневно. Ова е видливо низ постојаните и по неколку пати во текот на еден ден глупави пораки што тоа бара ВМРО-ДПМНЕ од власта како и за тоа колку пари потрошило ЕЛЕМ за увоз на струја.
Имено, ВМРО-ДПМНЕ не бара социјални пакети од власта за поедини групи граѓани. ВМРО-ДПМНЕ безусловно бара начини и пред се работи на уривање на оваа никаква власт на СДС и ДУИ, а за тоа е потребна јасна стратегија и концизна политика. Не е најважно колку пари потрошиле од ЕЛЕМ за купување струја, туку најважно е да се каже дека ЕВН ги дере македонските граѓани пресметувајќи поголем износ за транспорт и дистрибуција на струја од износот за потрошена струја. Од тука е јасно дека струјата како енергенс за македонските граѓани и не е прескапа, прескапа е услугата која ја дава ЕВН. А кој и што и должи на ЕВН па не смее јавно да ја критикува ви оставам вам да размислите (никој од раководството на Фракцијата не поседува хидроцентрали или фотоволтајци). Но, лицемерието на Мицкоски изразено преку неговите ПР политики во овој случај е максимално видливо. Тој едноставно не сака (не смее) да каже ниту збор против ЕВН и нивното кожо-дерство врз граѓаните. Имам едно конкретно прашање за Мицкоски, а јас како предводник на фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ го знам одговорот: „Каква е твојата политика Мицкоски кон ЕВН Македонија и што ќе преземеш во врска со оваа енормна наплата на транспорт на електрична енергија“? Токму на ова прашање треба да се темели ПР-от и вистинската реална политика на ВМРО-ДПМНЕ во однос на олеснување на состојбата на граѓаните со цената на електричната енергија како за крајни корисници. Потоа треба да се изложи стратегијата за подобрување на домашното производство на струја за да не зависиме од купување на електрична енергија.
Ете толку од „енергетичарот“ кој дури и својата потесна област не си ја познава, а незнаењето јавно го промовира, или знае ама не сака да каже што може да го сметаме за нова игра и измама врз членството од лукративни причини.
Слика трета, или за незнаењето кое јавно го промовира:
Оваа слика драги мои сопартијци е слика за личниот карактер на Мицкоски не само во политички контекст, туку многу повеќе во базичен образовен контекст, но и персонална слика за нивото на еден универзитетски професор. Ова е трагичната реалност која му се случува на ВМРО-ДПМНЕ и која укажува каков профил на човек е на чело на партијата, а аналогно на тоа можеме да изведеме заклучок кој впрочем го гледаме во пракса, дека тргнувајќи од сопствената неграмотност, Мицкоски се опкружува со уште поголеми незнајковци со кои ја креира политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Така доаѓаме до одговор на прашањето: „Зошто никако не успеваме да го турнеме СДС-криминално“? Одговорот е едноставен: „Затоа што нам партијата ни ја води еден голем незнајко кој создава опкружување со полтрони и клиентелисти кои се тотални аналфабети“.
Сликата која ја гледавме последните десетина дена потполно го разголува Мицкоски во неговата неграмотност. Во само неколку дена и на три настапи се изнатресе глупости и покажа толкаво непознавање на македонската историја што е рамно на катастрофа за партија од маштабот на ВМРО-ДПМНЕ. За жал оваа катастрофа нема да има последици само врз Мицкоски и неговиот углед (ако воопшто и има некаков углед), таа ќе има идни последици врз партијата како сериозна структура која има визија каде ја води Македонија, а втемелена врз знаење и факти. Кога не си ја знаете сопствената историја, прашање е како можете да ги перцепирате (пред се искуствено) идните случувања? Ете тоа му се случува на ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски. И секако, еден интересен момент е измислувањето на историски личности кои никогаш не постоеле во историјата на организацијата, а што покажува две можни работи. Прво: дека Мицкоски може да биде прелажан на наједноставен начин преку евтина медиумска пропаганда втемелена на невистини. Второ: дека нема критички однос кон информациите кои доаѓаат до него, односно во неговото непосредно опкружување нема кој да му каже или поточно експертски врз основ на анализа, да го советува за вистинитоста на таа информација, нејзините цели и влијание.
Овој факт е страшната вистина за ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Тоа што постои лично незнаење дури и за презимиња на значајни луѓе од историјата на Македонија и посебно оние поврзани со ВМРО-ДПМНЕ може да го вклучиме во рамката на лична незаинтересираност и идеолошка неповрзаност со идејата на ВМРО, а што е проблем за нас членството на партијата, да имаме таков човек за претседател.
Но, ВМРО-ДПМНЕ да биде водено од лик кој за секоја информација присутна во јавноста која нему му изгледа привлечна за замајување на пучанството и се фаќа како за неа како за вистинита, а при тоа да нема никого во своето опкружување кој ќе го предупреди за измамата, покажува дека си имаме работа со не само неграмотен, туку и суетен, приглуп лик кој единствено поради лични лукративни причини не сака да отстапи од местото на кое седи против статутот на партијата. Во таа своја желба за седење на местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ во континуитет ги гледаме неговите неконзистентности во политичките ставови, а што претставува мешавина на лична неграмотност, лукративност, суета, горделивост, а пред се безобразност кон сите нас членовите на партијата.
Слика четврта, или за не конзистентните ставови:
Сликата која ја претставува неконзистентноста на политиките на Мицкоски е видлива веќе многу долг период и не е ново што го забележуваме кај него. Впрочем оваа неконзистентност може да ја гледаме и како изразена несериозност или заебанција со членовите на партијата.
Запрашајте се во кој свој став, особено оние поврзани со уривањето на СДС или креирањето на политиките во Македонија, Мицкоски остана доследен. Сетете се на само едно нешто што го има до крај спроведено и кое е од полза на државата. Тука не се вбројуваат декларативните ставови и изјави за дневно-политичка потреба.
Во неконзистентност може да го вброиме и предлогот на Данела Арсовска за градоначалник на Скопје. Токму низ призмата на овој случај со Арсовска може да се видат и елементите од другите слики кои ви ги претставив. Имено, пред формално да се извинува пред членовите на ЦК во Прилеп, Мицкоски треба да даде одговор на чии предлог ја наметна Арсовска за кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и како морален чин да си поднесе оставка. Ова е важно не поради Арсовска, туку токму поради тоа што погоре го кажав, а се однесува на незнаењето, суетата, гордоста, безобразноста и неморалноста, а сето тоа произведе завладување на партијата од страна на група на клиентелисти и полтрони кои уште помалку нешто знаат, но и на личните лукративни цели на Мицксоки. Токму Мицкоски воден од лукративни цели без идеолошки став, копирајќи глупаво минати политички состојби кои не соодветствуваат со сегашното политичко милје донесе одлука да се поддржи независен кандидат за градоначалник на Скопје. Е сега, кога испадна дека реалноста не е таква каква што ја сонуваше Мицкоски пред нешто повеќе од една година, на сцена имаме јасна неконзистентност во ставовите.
Но да ја оставиме Арсовска настрана, бидејќи преку примерот со неа само сакав да ви ги претставам практичните проблеми кои се создаваат при неконзистентни политички одлуки. Врз основ на еден ваков пример ви тврдам со голема сигурност дека втора голема неконзистентност на политиките на Мицкоски ќе бидат уставните измени.
Свесен дека нема никогаш да биде премиер и нема способност да го доведе ВМРО-ДПМНЕ на власт, Мицкоски се обидува да се понуди на други фактори. При тоа, пред нашите партнери ветува дека тој ќе направи промена на Уставот, само да го доведат на власт. Најтрагично е тоа што мисли дека некој му верува, откако се изнатресе глупости, направи „бетонирана“ политичка позиција на ВМРО-ДПМНЕ по оваа прашање и сега одненадеж се освестил и ја менува политичката траекторија. Ова не е само неконзистентност, односно врв на немањето издржан и цврст политички став, ова е показател дека се што претходно кажавме во врска со неговите лукративни цели и карактерни особини е потполно точно. Во ова се втемелени и божемните критики врз никаквата власт на СДС, односно дали воопшто Мицкоски сака ВМРО-ДПМНЕ да биде власт.
Слика петта, или за постојано несоодветната или непостоечка критика на власта:
Сетете се колку пати досега излегувавме на протести поради разни нешта. Од името, преку осудените за 27-ми Април, потоа за струјата, па за Гоце Делчев, се до последните протести во Јули годинава против „Францускиот предлог“. Не шеташе Мицкоски по улиците па дури и атентати избегнуваше, но никако да ја урнеме власта на СДС.
Сега слушам дека повторно бара избори за да не ги има, а во исто време на Ковачевски (ликот што се претставува за премиер) му дава рок дека до Мај треба да распише предвремени избори, инаку во спротивно ќе се случувале невидени работи. Да не е трагично, би се изнасмеал. Ами колку пати досега имавме жешка есен, па работно лето, па жешка зима, потоа невидени активности во Собранието, па нели протести на улица, пешки, со автомобили, шетања во кои замалку Мицкоски наш ќе го атентатираа и какви ли се глупости не се изнаслушавме и изнагледавме од него.
Нема суштинска критика на работата на СДС, не слушнавме збор за случувањата во судството и обвинителството, посебно за последните непотистички договорени активности во Академијата за судии и обвинители. Не слушнавме затоа што Мицкоски со некои свои другарчиња учествува во таа операција. Исто како што во договор со СДС зад параванот да не видат граѓаните на Скопје договара носење на буџет за град за Скопје и создавање на тензии во градот преку другар му Ленин Јовановски за да ја прикаже неспособноста на Арсовска, а во исто време Ковачевски се подготвува да и ги одземе надлежностите за улици и патишта и јавниот превоз. Потоа Ленин јуначки ќе се повлече, ќе биде исплатен за своите услуги, а Ковачевски ќе ги асфалтира улиците во Скопје. И повторно во стилот знам, ама не сакам да кажам, Мицкоски јавно кажува дека има информации за групата која ја нападна (избрка) полициската патрола во Арачиново, но ете не сака да каже. Наместо на оваа изјава итно да се активира обвинителството и при тоа да биде санкциониран Спасовски, а доколку до ова не дојде Мицкоски јавно да ги каже припадниците на бандитската група, се поминува токму како што ним им треба, да се каже за да се каже и толку од конкретните и делотворни критики врз криминалната власт на СДС. Видливо е дека оној манџуриски кандидат Спасовски по цели седум години министерување во МВР дава изјави како да е прв опозиционер, а не министер и во исто време Мицкоски божем го критикува. И така драги мои што би се рекло „и волкот сит и овците на број“. Инаку овци сме веројатно ние членовите на ВМРО-ДПМНЕ според тоа како Мицкоски не молзе и не стриже за негови лукративни цели. Полза од овие „политики“ на Мицкоски ќе има само СДС криминално и на крајот Заев, за кого немој да се изненадите доколку ви го доведат за претседател на државата во соработка со Мицкоски. Впрочем тоа е и крајната цел и затоа Мицкоски не само за себе туку и за СДС криминално купува време до одржување на редовни избори во 2024 година.
Тоа е целосната слика за Мицкоски, за неговите божем политики и за тоа зошто никогаш нема критика за СДС криминално, конкретна активност за уривање на оваа власт со која е во бизнис договор, за непотистичката игранка и распадот на судството и обвинителството, глупавиот и погрешен ПР кој треба дополнително да го урне угледот на ВМРО-ДПМНЕ и функцијата претседател на партијата и секако глупоста и незнаењето на Мицкоски кој од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ треба јавно да промовира незнаење првенствено за сопствената историја. Кому му е тоа од интерес? Нам на членовите на партијата и на целата наша македонска нација сигурно не.
Низ петте слики драги мои сопартијци Ви ја претставив улогата на Мицкоски и неговото полтронско опкружување кое е во функција на де-факторизација и уништување на ВМРО-ДПМНЕ. Вие сте на ред да ја покажете вашата свесност и посветеност за партијата и идејата на ВМРО како темелна идеја на независна држава Македонија.
На денот на Воведението на Пречиста Богородица
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comments