Циник
(или за однесувањето и карактерот на Мицкоски)
Почитувани читатели, цели 24 часа се думав дали треба нешто да напишам во врска со предлог рефрендумското прашање на Мицкоски и што би можело да биде нешто ново и непознато за овој докажан ЦИНИК, а веќе да не сум го напишал и на што не сум укажал.
Така дојдов на идеја дека е неопходно да ја ре-објавам мојата колумна од 30.04.2022 година насловена како „Осмиот грев“, објавена во порталот globalno.mk, кој за жал е укинат и потполно избришан заедно со целата архива.
Сепак, слава на Бога јас ги чувам колумните и затоа по овој вовед како мини колумна топло ви ја препорачувам истата.
Секако, јас ништо и не очекував од Мицкоски, само го чекав моментот кога повторно јавно ќе го покаже својот цинизам, сега во врска со уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот на Македонија, а ИК на ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја покаже својата слепа послушност. Познавајќи ги состојбите во партијата и капацитетот и квалитетот (човечки и политички) на најголемиот број на членовите на ИК, воопшто не сум изненаден од прифатената формулација на референдумското прашање, кое е плод на умствените активности на Мицкоски (толку може). Згора на тоа, можам како на филмска лента да видам како се одвивала синоќешната седница на ИК, која траела цирка час и малку повеќе. Буквално на истата дошол Мицкоски во стилот на докажан циник со идеја дека „глупаците“ ќе прифатат се што ќе им сервирам, па така и оваа ступидно прашање за референдум кој исклучително е на штета на ВМРО-ДПМНЕ и Македонскиот народ.
Образложението кое го има дадено е крајно непримерено и навредливо, а посебно затоа што тој знае дека со референдумот ќе нанесе штета е дека сега на крајот на 2022 година по долгите замајувања на членството за предвремени избори (сега Николоски зборува за на пролет, веројатно мисли на пролет 2024, само тоа не го кажува на членството), единствено политичкото занимавање со референдум ќе го одложи малку од малку неговото неминовно заминување, а со него и на неговото раководство. Сепак и тоа „образложение“ за политички промашена активност поминало на ИК. Едноставно Крсте наш (кој се претставува како Даскалот Мицкоски) „објаснил“ дека тој – големиот лидер знае, и затоа сите треба да бидат подготвени дека референдумот нема да успее, но дека целта е да го мобилизираат членството и да се пребројат потенцијалните гласови кои на следните избори (оние на пролет нели) ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ. Внимавајте ќе ги добие, а не дека ќе победи на некои следни избори. Се е во согласност со стратегијата на Мицкоски дека ќе бара (а ќе моли Бога да не добие) предвремени избори до крајот на 2022 година, а потоа и така нема потреба да се бара, туку ќе си чека 2024 година.
Ступидно, па нема граници. Да ја воведеш ВМРО-ДПМНЕ во уште еден пораз, не само „гласачки“ преку референдумот, туку и политички и тоа на внатрешен и меѓународен план, а воедно и на внатре партиски план е ништо повеќе туку врв на цинизам и намерно уривање на партијата.
Накратко, однапред знаеме дека референдумот нема да успее и нема да се мобилизираат 910.000 граѓани да одговорат позитивно на тупавото прашање. Второ, прашањето е до толку погрешно поставено (ова намерно го има смислено Крсте наш за да си направи задоволство вулгарно да се заебава со сите нас), не допирајќи го Договорот со Бугарија од 01.08.2017 година, ниту Законот за негово спроведување, туку некако бласфемично се врти кон Одлуката на Собранието на Македонија за ратификација на именуваниот договор. Поради ова се наметнува прашањето: „И да успее референдумот, ќе се поништи Одлуката на Собранието за ратификација, но што е со содржината на договорот, дали тој ќе претрпи промени, ќе има ли нов договор, дали Бугарија како втора страна ќе биде известена за еднострано откажување на договорот и што понатаму“? Сепак се работи за меѓународен договор и тука постојат некои норми на однесување и при откажување. На овие прашања ќе мора Мицкоски и неговите послушници да смислат добар одговор, како и оние кои го „советувале“ по широките нели консултации да вака го формулира прашањето.
Пост референдумското време ќе донесе поголеми одливи на гласови од ВМРО-ДПМНЕ, така што во целата апатија која владее кај граѓаните неуспехот на референдумот нема да биде мотивирачки фактор за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Ете тоа е идејата на Мицкоски, како партијата да се уништи до темел. Дополнително што внатрепартиски ќе се зголемат превирањата, а особено во однос на разочараност на членството и негова идна неактивност.
На меѓународен план, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде обележано како анти европска партија која ги сопира процесите, а и тоа го сака Мицкоски, бидејќи тој не сака да ја доведе партијата на власт, туку сака да остане во опозиција затоа што нему му одговара тоа, а и така се има договорено во рамките на коалицијата ЗММ.
Тука останува и планот да шестмина од пратениците изиграат улога на предавници, а оправдание да им биде неуспешниот референдум. Сега сето ова ставете во контекст на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и разочараното членство и апатичните граѓани и ете ја формулата Мицкоски да си ја сработи успешно добиената задача.
Последниве две години упорно се обидував да ви укажам, покажам, предочам и докажам дека Мицкоски е само еден тривијален ЦИНИК кој исполнува зададена задача насловена како „УНИШТУВАЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕ“. Знам драги мои дека ви е тешко да поверувате во тоа, па некои дури и ми бараа конкретни докази. И мене ми беше тешко да си го признаам себеси тоа што го гледав, но така е Мицкоски ја уништува партијата, а доказите се пред вас и се секојдневни од нај баналните политички претстави-едночинки до вака крупни прашања од национален интерес. Кој има очи нека гледа и кој има уши нека слуша, а јас ќе продолжам да го разобличувам се до неговото заминување од местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот од воведот сакам да им порачам на членовите на Централниот комитет: „Сопартијци мој, не бидете слепци и послушници, имате повторно шанса да го спречите Мицкоски да ве злоупотреби, направете го тоа кога од вас ќе побара да го поддржите неговиот уништувачки предлог на ЦК и не го прифаќајте, немојте да се надевате дека тој сака и може да ве доведе на власт за да се офајдите, па затоа да молчите и бидете соучесници во уништувањето на партијата и Македонија“.
И секако, за сите оние кои ќе ме прашуваат (поттикнати од посветените полтрони на Мицкоски) кој е мојот предлог за спас на Македонија. Ќе ви го кажам јавно кога ќе дојде време Мицкоски да си замине неповратно, а тоа време доаѓа и побрзо отколку што тој и неговите послушници можат да замислат.
Уживајте во колумната „Осмиот грев“, многу работи кои пред повеќе од четири месеци ви ги имам напишано сега ќе ви бидат јасни.
А, на тебе Христијане, се ти е јасно одамна, но ти си и ќе останеш само еден ординарен ЦИНИК кој намерно ја уништува партијата и Македонија, впрочем затоа и си без образ и професорско достоинство и упорно остануваш таму каде што не треба да си.
Оди си цинику од ВМРО-ДПМНЕ.
На денот на Св. Свештеномаченик Ефтихиј
Осмиот грев
(или, Хелиоцентризмот на циникот)
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
Во светот на „профаните“ основниот вредносен систем е преточен низ законите, кои според свои потреби ги донесуваат елитите на „профаните“, скоро секогаш направени доволно широки и двосмислени, за да би можело и „камила да се протне низ иглени уши“. Наспроти нив, „просветлените“-верниците својот живот го проектираат така да не се допрат, не пак сторат, до некој од „седумте смртни гревови“: гордост, алчност, сладострастие, завист, ненаситност, гнев, мрзливост. Верувам ќе се согласите дека токму секојдневното егзистирање на „седумте смртни гревови“ се наша општествена реалност, фундаментални вредности протежирани и промовирани од нашата олигархиско-политичка елита. Никаде не останало забележано кој бил осмиот грев кој наводно папата Св.Григориј Велики го избришал (во Православието е познат како Св.Григориј Двоеслов), па многумина нагодуваат кое општествено неприфатливо поведение би можело да ги исполни критериумите, да влезе на листата како „осми смртен грев“. Според Наталија Принци - Духовиќ (Хрватска писателка и психолог), осмиот грев е послушноста, би можел и да се согласам со Принци во објаснувањето на послушноста и слободната волја на човекот кој како на словесно битие му e дадена од Бога, но мене некако повеќе ми личи дека ЦИНИЗМОТ треба да се вгради во листата на смртни гревови. Секако, тоа е различен агол на гледање на нештата, како и различното општествено милје, едно е во Хрватска друго во Македонија, а сосема пак трето за вештачката творба и нејзините поданици т.н. Северна.
Како и секој научен работник должен сум да го образложам и со примери документирам мојот став. По дефиниција циникот (грчки – kynismós, буквално означува имитирање на пес) е личност која се потсмева секому и на сѐ, има општ недостаток на верба кон луѓето, мотивиран од амбиција, желба, страст, глорификација на алчност и сладострастие, незаситност, завист, мрзливост и целосно не почитување на туѓите мислења кои ги става во графата бесмислени. Примерите во нашето опкружување се јасно профилирани, тоа е олигархиско-политичката елита, но како врвен егземплар тоа е секако „лидерот“ на опозицијата Крсте „наш“. Она што Крсте го прави пет години со членството и партијата, непосредно и со државните интереси е еклатантен пример за цинизам. Политичкиот аналфабета смисли таква „генијална“ политичка реторика, на која би му позавиделе и најголемите свестки политички умови. За „лидерот“ нема морални ограничувања, денес кажаното утре не важи, битно е „ден да пројде, друг да дојде“. Преполн со флоскули без никаква суштественост, форма без содржина. Парадоксално е да правиш еутаназија (убиство од милост) на сопствената партија, членство, држава, кога таа сеуште покажува виталност и тоа упорна виталност.
До доаѓањето на Мицкоски, за оние што доволно долго помнат, ВМРО-ДПМНЕ никогаш не изгуби избори (со исклучок на 2002 година и посебните услови кои тогаш се создадоа во општеството). Новата мантра, создадена од господарите на Мицковски кои го октроираа на местото Претседател, беше „ВМРО мора да научи да губи избори“. Лишувајќи ја од секаков идеолошки профил неминовно беше одливање на членството и воведување на партијата во слепа улица. Но, Крсте „наш“ за се има решение и силна филозовска мисла, секогаш притиска поразите да се слават како победи (а во земјата на камени глави и поразот како победа се слави) и постојано некој друг е виновен за тоа. За Крсте „наш“ „никој не знае што губи, кога победува и што добива, кога губи“, колку мудра филозовска мисла. Секој негов чекор политички е насочен кон целосно дефакторизирање на ВМРО-ДПМНЕ на македонската политичка сцена. Некои мислат дека Крсте е „чукнат во умот“, немој да „грешиме душа“, Крсте е рационален и пресметан како што „еднаш мајка раѓа“. Двете работи во обратно-пропорционална корелација ги прави перфектно, додека од една страна му се зголемува финансиското конто од друга страна се намалува моќта и кредибилитетот на ВМРО-ДПМНЕ. Моменталното свртување со погледот на исток, притоа цинично зборувајќи за демократски западни вредности, на ВМРО никогаш не му донело ништо добро. Впрочем историјата на „движењето“ помни само еден таков случај од 1924 год., кој заврши катастрофално по раководството но и движењето, потоа, ВМРО едвај опстои уште 10-тина години обележани со страотен пораст на меѓусебно насилство и потполна политичка де-факторизација на движењето.
За да го научи ВМРО да губи избори, Мицкоски „успеа“ да го преспие, цинично промовирајќи ја новата политичка прагма „бојкотирање“, круцијалниот историски период за Македонија, кога се изгубија и целосно обезличија македонските национални интереси, ИМЕТО НА ДРЖАВАТА И МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ. Денес, следејќи ја својата политичка рационалност, кога Бугарија е целосно притисната од меѓународните фактори, на „маса“ се четири милијарди евра помош за последиците од корона пандемијата кои Бугарија ќе ги добие кога ќе дозволи на Македонија почеток на преговори со ЕУ, Крсте „наш“ има (за прв пат) цврст став и нема да и попушти на Бугарија, цврсто застанувајќи на браникот на „македонштината“. Таков е Крсте „наш“, безкомпромисен до крај. Доколку се случи одстапување на Бугарија тоа нема да биде заслуга ниту на нашата дипломатија, ниту на „изгубената во просторот и времето“ Влада и божемниот премиер Ковачевски кој е во внатрепартиска политичка сенка на Манџурискиот кандидат сега повторно министер за внатрешни работи, а пак најмалку на „цврстиот став“ на Крсте. Тоа отстапување на Бугарија би се случило благодарение на интересите на меѓународните фактори, кои за прв пат се поклопуваат со интересите на Македонија. Сепак сум поприлично скептичен во однос на „happy end“ на оваа балканска сага, и очекувам бугарската политичка номенклатура да предизвика парламентарна криза за да ја избегне оваа „шах-мат“ позиција во однос на Македонија. Да видиме?!
Но, да се вратиме на основната тема, цинизмот на Мицкоски. Секогаш кога властелините наши ќе почнат „да трокираат“, а тоа постојано го прават, Крсте е тука да им пружи рака, да „спинува“ и го пренасочи погледот од власта кон опозицијата. За да се случи револуција, за да се промени одреден режим, за да се предизвикаат предвремени избори потребно е соодветно општествено политичко милје, кое обично со време го создаваат опозиционите партии. Но Крсте „наш“, како што направи со „формирањето“ на парламентарно мнозинство и веќе добиената „партија“ која во Ноември 2021 ја изгуби, повторно од никаде предизвикан, освен од неговите интереси да ја девалвира партијата, побара предвремени избори од божемниот премиер. Онака ноншалантно чиниш, што би рекол неговиот пријател и бизнис партнер Заев, пупката е готова пред отварање. Погрешен тајминг, имајќи ги предвид геополитичките и економски случувања, сулудо е и да помислиш дека, во време на најголемата светска криза како воена така и економска, некој ќе дозволи на балканите да се создаде уште една кризна состојба, засега доволни се Косово и Босна.
За несреќа на Крсте, иако љубезно побара одговорот да го добие за десет дена, одговорот, во форма на „катил ферман“, пристигна за 5 минути со игнорантност одфрлен од Власта со голема доза на подценување и омаловажување кон Крсте (читај и кон ВМРО-ДПМНЕ). Допирајќи таму каде што најмногу го боли „лидерот наш“, неговиот хелиоцентризам, се сѐ врти околу сонцето односно околу Крсте. Добро планираше Крсте, кај нас се памти до три дена, вака го доведоа „во небрано“, што да прави со заканите за „досега невидените мерки“ кои ќе ги примени. Поминаа три дена, а од Крсте ни трага ни глас, молк. Повторно циникот Мицкоски успеа во својата намера да ја дефакторизира партијата и безмилосно да го арчи, и онака малиот, енергетски капацитет на членството и партијата.
Новитет во последното обраќање на Крсте, кое секако многу ќе наштети на ВМРО-ДПМНЕ, е користењето на термини својствени за теоретичарите на завери, „финансиско ропство“ од страна на ММФ. Патем, како некој кој наутро се буди и во огледалото го гледа идниот Премиер, Крсте мора да знае што е мултилатерализам и зошто ММФ е еден од неговите круцијални сегменти. Цинизмот на Крсте е во притисокот над градолначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за да кутрите се задолжуваат кај комерцијалните банки, со камати неколку пати поголеми од оние на ММФ, во конкретниот случај „Силк роад“ банка. Впрочем во право е Крсте, во конкретната ситуација нема „ропство“, освен иден „престој на полињата на Идриз бег“ за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и профит за Крсте и генијалниот, „чувар на кофчеџето“ на Груевски и првиот кој му го зари ножето во грбот, финансиер и актуелен контролор на работењето токму на истите тие градоначалници - Ставревски.
Дедо Герасим – Си седам така Внучко, едно топло јулско попладне, во Пиза, го чекам мојот драг пријател Галилео Галилеј, никогаш не разбрав што му е име а што презиме па си го викав Гаљо. Така загледан во кулата, која во тоа време беше права. Подоцна, векови ќе минат, откако Холивуд го направи балконот во Џенова, демек на Ромео и Јулија, овие пак ја искривија кулата за туристички потреби. Додека го чекам Гаљо си цртам кругови во песокот со едно стапче и тогаш од никаде „изникна“ Гаљо, целиот зајапурен, поцрвенет од бес и со нога ми ги избриша круговите. Што е Гаљо? Што беснееш? - му велам. Џабе ги бришиш, сепак се врти. Ова последното, за да ме разбере, му го кажав по нашки „EPPUR SI MUOVE“!
Во првата недела по Пасха или на денот на анти-Пасха, осмиот ден по Пасха или новиот ден на новиот Ерасулим на вечноста (на денот на Св.апостол Тома)
На сите вас кои го носите името на Св.апостол Тома ви го честитам именденот.
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
НАВИСТИН ВОСКРЕСЕ!
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
Comments